Достапни линкови

Граѓаните ќе мора да „купуваат домашно“ набрзина


Граѓани со маски во продавница во Скопје поради коронавирусот
Граѓани со маски во продавница во Скопје поради коронавирусот

По 6000 денари ќе добијат околу 270 илјади луѓе со ниски примања како дел од Четвртиот сет економски мерки. Законот се уште не е донесен, а кога ќе се завршат сите процедури на граѓаните нема да им останат ниту две недели да ги потрошат парите за купување домашни производи.

Само неколку дена за трошење на 100 евра помош од државата ќе имаат граѓаните со ниски примања. Законот со кои ќе се овозможи да ги добијат парите се уште не е донесен, потоа следува процедурата со банка, а потоа тие пари, кои се дел од Четвртиот сет економска помош ќе треба да се потрошат до 25 декември за купување на домашни производи. Иако законот ќе се носи по скратена постапка, сепак се потребни неколку денови да ги помине матичните комисии и потоа да биде усвоен на пленарна седница. Според распоредот на Собранието неделава законот не е ставен на дневен ред. Откако ќе биде донесен и објавен во Службен весник, треба надлежните институции да утврдат листа на тоа кои луѓе ќе може да ги добијат картичка со 6000 денари за купување домашни производи и да се утврди од кои фирми ќе може да се користат производи и услуги. За оваа мерка се предвидени да се потрошат 27 милиони евра, а мерката да ја користат околу 270 илјади луѓе.

Професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека Владата многу лошо го менаџира економскиот дел од кризата и често прибегнува кон популистички мерки кон немаат некој подрастичен ефект.

„Треба да се решава проблемот со невработеноста која се креира поради кризата. Ние имаме петина раст на невработеноста, 50 илјади луѓе, и сега државата наместо да тежнее да се справи со проблемите на невработените лица, тие прешироко делат преситни пари кои после заглавуваат во бирократски механизми и кои на крајот немаат некој поголем ефект“, вели Савески.

Властите го најавија четвртиот сет економски мерки во јуни пред изборите, а новата влада го усвои пакетот помош на крај на септември. Парите за реализација на пакетот се обезбедени со ребалансот на буџетот.

За да се овозможат пакетите помош власта се задолжи досега за една милијарда евра, а со задолжувањата продолжува и следната година. Поради заемите јавниот долг надмина 60 отсто од Бруто домашниот производ.

Савески вели дека треба да им се објасни на граѓаните дека овие пари тие ќе треба да ги вратат во следните години и тоа со камата, оти помошта се исплаќа со земен кредит од страна на држава, кој потоа граѓаните ќе треба да го враќаат.

„Кога зборуваме за земање пари на кредит, тогаш треба да се извлече максимумот од таа сума на пари, а не целта да биде да се направи што поширок опфат на лица, оти знаат дека тоа ќе обезбеди политичка поддршка. Така треба да се води економска политика во време на криза, но за жал владата не сфаќа дека ова е кризен период во кој нормалната динамика на политичките игри треба да прекине, а таа продолжува со сите бирократски процедури, како тоа дека на граѓаните ќе им останат само 10 дена да ги потрошат тие пари“, вели тој.

Кусото време за трошење на парите повторно ќе створи редици и гужви пред банките и маркетите, а тоа се коси со протоколите за заштита од ковид-19, вели Савески. Со него се согласува и аналитичарот и новинар Џелал Незири кој вели дека и претходно се покажа дека се создаваат хаотични ситуации пред банките и непотребни гужви. Тој вели дека мерките треба да бидат понасочени, односно да се види за што имаат потреба поединечните групи и да се учи на минатите грешки.

„Да се види каде имаше проблеми, како може да се подобрат, како да бидат поефикасни и за да може и луѓето да преживеат и економијата да опстои на нозе, некако се брзаше со овој пакет мерки, така што пак ќе ги имаме истите проблеми“, вели тој. Незири вели дека мора мерките да се редизајнираат, ако и во иднина продолжат, оти ако што вели и покрај досега потрошените пари се зголемува бројот на невработени.

Парите на трансакциска, нема да може да се вадат на банкомат

Нема да има платежни картички, како што беше досега, затоа што нема време да се печатат, затоа парите на граѓаните ќе им бидат префрлени на трансакциска сметка. Доколку некој нема трансакциска или му е блокирана ќе треба да си отвори во банка со која државата ќе склучи договор за таа намена. Парите нема да може да се вадат од картичка во банка или на банкомат, туку со нив ќе може да се пазарува, да се користат услуги или да се нарача нешто онлајн. За таа цел се одвоени 27 милиони евра. Корисници на оваа помош ќе бидат луѓе со ниски примања, кои во периодот од јануари до август немаат повеќе од 120 илјади нето приходи. Во групата спаѓаат пензионери кои имаат пензии до 15 илјади денари, пасивни баратели на работа, стари лица кои користат право на социјална сигурност, млади од 16 до 29 години кои биле испуштени во евиденцијата со претходните мерки, потоа самохрани родители кои имаат ниски примања, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници кои вршат самостојна дејност или се ангажирани преку авторски или друг вид на договор. Премиерот Заев преставувајќи го пакетот помош рече дека помош ќе добијат 5.726 самохрани родители, 182.271 пензионери, околу 85 илјади пасивни баратели на работа и други граѓани кои ги исполнуваат условите.

Опозицијата тогаш оцени дека овој пакет мерки е задоцнет одговор, кој само ќе ја продлабочи и онака тешката економска состојба.

Фирмите кои продаваат македонски производи, а кои ќе сакаат да учествуваат во проектот, ќе треба да ги истакнат производите во посебни гондоли, а ако не го можат тоа тогаш треба да истакнат дека производите се македонски. Со парите нема да може да се купува алкохол, тутун и преработки од тутун. За македонски услуги се сметаат услуги направени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Македонија. Со картичките може да се купува и преку интернет. На интернет страници исто така треба трговците посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страна.

„Основната цел на предложеното законско решение е на краток рок да го амортизира ударот врз економијата предизвикан од пандемијата на ковид-19 преку директна финансиска поддршка за граѓаните и стимулирање на домашната потрошувачка на производи и услуги. Дополнително, оваа мерка се очекува да даде и други значајни подолгорочни ефекти на патот кон современото општество, како што се подигнување на свеста за купување и користење на домашни производи и услуги, промена на навиките на граѓаните во насока на стимулирање на безготовинските плаќањa и употребата на платежните картички, зголемување на интересот кај трговците за инсталирање на ПОС терминали, што се очекува да влијае и на намалување на сивата економија и промена на навиките на граѓаните“, стои во предлог Законот за финансиска поддршка на граѓани со ниски примања, што се наоѓа во собраниска процедура.

Ваква слична мерка со издавање на домашна платежна картичка беше спроведена во периодот јуни-август 2020 година, како дел од Третиот сет на мерки. Според властите мерката дала одлични резултати во насока на ублажување на падот на економската активност во третиот квартал од оваа година. Домашна платежна картична во рамки на третиот сет мерки беше наменета за 309 илјади граѓани, а за таа цел беа одвоени 26,5 милиони евра. Од нив над 20 илјади останале неискористени, односно секоја петнаесетта била неискористена. Парите биле потрошени најмногу за пазарење по маркети, околу 90 отсто биле искористени за таа намена, мал процент за во ресторани и за купување облека и обувки. Истовремено се издаваа и ваучери за туризам за луѓе со ниски примања, но се покажа дека половина од ваучерите останаа неискористени.

Во рок од три дена по завршување на мерката, банките се должи парите кои не се искористени да ги вратат на буџетска сметка, а до 15 јануари банките до Генералниот секретаријат на Владата треба да достават извештај за тоа колку пари од финансиската поддршка се искористени.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG