Достапни линкови

Со или без ваучери, зимската сезона ќе биде тешка за туризмот


илустрација

Туристичките работници велат дека побарувачката за аранжмани во домашните ски центри е мала, а со растот на бројот на заболени, очекуваат уште поголем пад. Според дел од нив, ваучерите се добра опција за поддршка на туризмот, но недоволната искористеност значи дека таа мерка треба да се доработи

По релативно слабата летна сезона за домашниот туризам, упатените во туристичкиот сектор очекуваат уште потешки денови во зимската сезона. Со оглед на се поголемиот број заразени, прогнозите се дека се помалку луѓе ќе се одлучат да зимуваат во некој од зимските центри. Од Стопанската комора за туризам велат дека скијачките центри Попова Шапка, Маврово, Крушево бележат голем пад на туристичката побарувачка.

„Но и во вакви услови туристичките агенции се трудат да го поттикнат домашниот туризам преку ваучерите. Ваучерите не се искористени во целост, па затоа ги повикуваме сте корисници на ваучерите тоа да го направата до 15 декември. Во однос на побарувачката можам да споменам дека веќе на 6 декември на нашиот аеродром ќе слетаат првите украински гости и се надеваме дека 30 до 40 проценти од капацитетите во Попова Шапка и Маврово ќе бидат исполнети“, вели Ивона Јакимовска, сопственик на тур операторот „Камелија турс“ и член на управниот одбор на Стопанската комора за туризам.

Од комората за туризам истакнуваат дека ударот кој туристичките агенции и превозници го претрпеле е многу сериозен, а до надлежните апелираат во некои од следните пакет мерки за помош на туристичкиот сектор да им се доделат средства и на туристичките превозници кои досега не биле дел од пакет мерките на државата.

Од Агенцијата за поддршка на туризмот пак, уверуваат дека преку отворени чартер летови во 2021 година туристите од Украина, Белорусија и Руската Федерација се повеќе ќе бидат присутни во нашите туристички центри и дека доколку ситуацијата со пандемијата е на очекуваното ниво, првите туристи од Белгија ќе може да пристигнат во нашите ски-центри веќе кон средината на декември.

Пред истекот на рокот за туристичките ваучери, граѓаните искористиле само половина од доделените ваучери, со што во туристичкиот сектор како владина помош легнале 4,2 милиони евра. Според податоците на министерството за економија, граѓаните преку платформата на министерството подигнале 100 289 ваучени од кои само 42 992 се реализирани во туристичките капацитети. Дел од туристичките работници побараа да се продолжи важноста на туристичките ваучери, но некои се сомневаат во оправданоста на тој потег кога веќе искористеноста на ваучерите е мала.

„Со цел да се искористат ваучерите мислам дека реба да се направи дополнување на мерката, односно лицата кои се потенцијални корисници на ваучерите би требало да добијат и нешто повеќе средства за трошење. Социјално загрозените категории граѓани не се соодветниот потенцијал за користење туристички ваучер посебно за зимскиот период, бидејќи освен сместување и превоз, им треба опрема за скијање кој е дополнителен трошок за нивните буџети“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Она што е очигледно е дека судбината на сите туристички капацитети кои ќе се отворат оваа сезона е иста, а тоа е дека само мал дел од домашните туристи ќе се одлучат да зимуваат, а не може да се очекува ниту поголема флуктуација на странски туристи, велат упатените во туристичкиот сектор.

Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид вели дека ваучерите се добра можност да му се помогне на ова стопанство и да се задржи континуитетот на постоење.

„Мислам дека е добро да се преземаат мерки и дури и да ги прошири затоа што ако не го сочуваме овој, туристичкиот сектор ќе имаме забрзување на негативни последици и во другите сектори. Во однос на ваучерите сметам дека треба да се прошири опсегот на давање ваучери, односно да се овозможи ваучери да користат и тие што можат да патуваат, да не биде ваучерот опција само за социјалните категории граѓани. Иако не се искористени, треба овој процес да се унапреди и да се регрутира нова туристичка клиентела“, вели професор Мариноски.

Според последните статистички податоци на Агенцијата за поддршка на туризмот, во периодот јануари ‒ септември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60.4 %. Годинава има за 20 проценти помалку домашни туристи од лани и 83 проценти помалку странски туристи во однос на истиот период минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е намален за 63.9 %, а бројот на ноќевањата е намален за 57.5 %. Бројот на домашните туристи во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е зголемен за 33.7 %, а бројот на странските туристи е намален за 92.3 %.

Минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши најави дека туристичко-угостителскиот сектор кој трпи значителни штети од ковид кризата ќе добие од државната каса финансиска поддршка од 7,5 милиони евра до крајот на годината. Бектеши посочи дека со четвртиот сет мерки со директна финансиска поддршка, преку грантови, се опфатени рестораните, игротеките, лиценцираните туристички агенции и туристички водичи, а е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG