Достапни линкови

Македонски парадокс – во ек на криза просечната плата зголемена за 2 илјади денари


Илустрација: Градилиште
Илустрација: Градилиште

Отпуштањето на работниците со ниски примања, но и зголемувањето на платите во здравството, образованието и културата доведоа со зголемување на просечната плата во државата за 2 илјади денари, иако македонската економија доживува пад.



Во ек на најголемата економска криза во изминатата деценија, а според некои економисти најголемата криза од крајот на Втората светска војна, просечната плата во Македонија во однос на лани е зголемена за скоро 8 проценти, односно за околу 2000 денари. Според Државниот завод за статистика, просечната плата во септември годинава била 27.405 денари, додека во истиот месец минатата година била 25.435 денари.

Како е можно, во услови кога се намалува индустриското производство, падот на економијата во вториот квартал да е 12,7 отсто, фирми затвораат, а луѓе остануваат без работа, просечната плата да расте?

Познавачите со кои разговаравме велат дека има две причини за тоа. Првата е чисто математичка, односно во ек на пандемијата на коронавирус први настрадаа работниците со ниски плати, и со тоа просекот на просечната плата е поголем. Другата причина е растот на платите во дел од јавниот сектор.

Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека главниот товар од корона-кризата го понесоа вработените во приватниот сектор, коишто први беа изложени на ризик од губење на работните места.

„Ние сметаме дека оваа статистика за нето плата за септември се должи на фактот што во периодот на ковид-19 имаме околу 40 илјади отпуштени работници од работните места и тоа сигурно има влијание на зголемувањето на просечната нето-плата. Сметаме дека овој факт се должи токму на отпуштањето на работниците со ниски плати, бидејќи тие ја намалуваат и просечната нето-плата во државата“, вели Исени.

На пример, ако има тројца вработени, од кои едниот со плата од 55 илјади денари, другиот со 35, а третиот со плата од 15 илјади денари, тогаш нивната просечна плата е 35 илјади денари, затоа што просекот се вади така што се собираат платите и се делат на бројот на вработени. Но, ако вработениот со плата од 15 илјади денари ја изгуби работата, тогаш остануваат двајца вработени со плати од 35 и 55 илјади денари, и нивната просечна плата е 45 илјади денари, односно 10 илјади денари повисока до претходно. Откако почна пандемијата на коронавирус, од март до октомври годинава, 46 илјади луѓе останаа без работа, односно за толку е зголемен бројот на активни баратели на работа во Агенцијата за вработување.

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков, пак, вели дека причините за зголемување на просечната плата во Македонија треба да се бараат и во зголемувањето на платите во јавниот сектор. Имено, на почетокот на годинава, платите во образованието беа зголемени за 10 отсто, а платите во здравството меѓу 10 и 25 отсто. Со почетокот на примената на колективниот договор во културата летоска, пак, беа зголемени и платите во културата. Од почетокот на годинава, пак, беа зголемени и минималните плати во државата од 12500 на 14500 денари.

„Во здравството, во културата, во образованието сериозно се зголемија платите и тие го прават де факто зголемувањето на просечните плати во државата видливо. Синдикатите добро си ја завршиле работата во јавниот сектор, ептен добро“, вели Бошков.

Според Државниот завод за статистика, зголемувањето на просечната плата во државата се должи пред сѐ на растот на платите во секторите: Уметност, забава и рекреација, Преработувачка индустрија и Дејности на здравствена и социјална заштита.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG