Достапни линкови

Предлог-буџетот за култура за 2021 – буџет за преживување


Илустрација - Фреската Ангелот од Курбиново

Иако намален за 10 милиони денари во однос на лани и обременет и со третина од обврските за годинава, Предлог-буџетот за култура за претстојната 2021 година според Министерството за култура „реален и прилагоден на околностите“.

Најнапред мала игра со бројките. Предлог-Буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари или 53 милиони евра. Средствата наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари или околу 15 и пол милиони евра. И, најважно Предлог-буџетот за култура во однос на целиот буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на Буџетот за 2020 година е намален за десет милиони денари.

И, по ова констатацијата на Министерката за култура Ирена Стефоска дека Буџетот за 2021-ва „е реален, прилагоден на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од корона вирусот“.

-Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме.
Во изминатиов период од корона кризата, ресорот култура извлече повеќе искуства, кои уверена сум ќе ни помогнат и до година успешно да се справуваме со реалноста и да креираме содржини, кои според протоколите ќе ни овозможат континуитет, ќе рече Стефоска на онлајн средбата со новинарите.

Министерката за култура Наташа Стефоска
Министерката за култура Наташа Стефоска

Таа и со појаснување дека и покрај сите предизвици, со акцент на драстичното сосекување на непродуктивното трошење при што културата вообичаено е меѓу првите „жртви“, заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ интеграциите остануваат и натаму врвните приоритети кои се проектирани и за следната година. Од таму, и со информација дека во рамки на буџетот за култура од следната година ќе биде отворена нова програма - „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир.Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација Аквадуктот. Имам добра вест – идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели. Ја започнуваме и санацијата на куќата на Лазар Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази Бег, истакнува Стефоска.

Според Предлог-буџетот за култура за 2021 година предвидени се и повеќе средства за исплата на платите на вработените во установите од областа на културата согласно потпишаниот Колективен договор за култура, за нивелирање на платите на директорите на националните и локалните установи, за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи од кои голем дел се изградени пред 30 години...

Илустрација - Сцена од претставата Мојот маж
Илустрација - Сцена од претставата Мојот маж

Згора на тоа, во однос на капиталните објекти за кои се обезбедени 217.000.000 денари планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, втората фаза на Театарот и библиотеката во Тетово, според планот би требало да се заврши изградбата на Театарот во Струмица, а планирани се и набавка на опрема за националните институции и средства за реконструкција на Театарот Куманово и Центрите за култура во Кочани и во Гостивар.

Според Предлог- буџетот за 2021 година предвидени се и двојно повеќе средства за културата и евроинтеграциите со кои се цели кон поефикасно интегрирање и вмрежување на македонските уметници и културните работници со оние од земјите од Европската Унија.
И, конечно Министерката за култура Ирена Стефоска со констатација дека и со Предлог-буџетот за култура за 2021 година Министерството прави се за да ги стимулира младите во сите сегменти на подршката што ја дава, посебно во делот на Годишните конкурси.

Илустрација - Фотографија од настап на Сашо Поповски трио
Илустрација - Фотографија од настап на Сашо Поповски трио

И во оваа прилика сакам да повторам дека поддржувајќи ги младите , Министерството не дискриминира по ниту еден основ, вклучително и по основ на возраст. Напротив. Ги охрабруваме сите, заедно, креативно, иновативно и со високо чувство на солидарност да го споделиме она што го имаме. Солидарноста им прилега на културните работници и на уметниците. Ковид не е изговор, Ковид е состојба која кај нас, покрај сето зло, остави и без работа 14 000 млади . А сега е нивното време. Младите најлесно ги прескокнуваат бариерите и не носат на нови хоризонти.

Затоа, Култура сега, секаде и за сите, ќе констатира Стефоска

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG