Достапни линкови

Пет клучни работи што треба да се знаат за Нагорно Карабах


илустрација
илустрација

Заглавен меѓу врвовите и висорамнините на Јужен Кавказ, на раскрсницата на империи, Нагорно Карабах повторно е зафатен со конфликт. Борбите имаат корени од почетокот на распадот на Советскиот сојуз. Еве пет клучни работи што треба да ги знаете за конфликтот околу Нагорно Карабах.

Долги спомени


На Кавказ армии марширале со векови: Римјани, Арапи, Османлии, Персијци, Руси.

Кавказ исто така го вклучува античкото ерменско кралство кое постоело од 300 г.п.н.е., и кое, за многу ерменски националисти, служи како симбол на поранешната слава на земјата и појдовна точка

за секоја дискусија за тоа кој е вистинскиот сопственик на Нагорно Карабах. Ерменците планинската територија често ја нарекуваат Артсак по дел од античкото ерменско кралство.

Невозможно е воено решение за Нагорно Карабах
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Нагорно Карабах под иранско владеење во 19 век, беше полу-независен регион, населен главно со Ерменци христијани и управуван од азербејџански - односно муслимански - лидер познат како хан.

Контролата ја презеде Руската империја во почетокот на 19 век, а потоа и Советскиот сојуз по Болшевичката револуција во 1918 година.

Во вакуумот на крајот од Првата светска војна и хаосот на Руската граѓанска војна, Ерменците и Азербејџанците се пресметаа неколку пати, сè до 1920 година кога Црвената армија ја окупираше целата област и стави крај на тоа.

Наследството на Сталин

Дури и пред да стане автократски лидер на Советскиот Сојуз, Сталин играше улога во одлуките што подоцна ќе доведат до тензии и војна околу Нагорно Карабах.

Во дваесеттите години од минатиот век, со Владимир Ленин кој се обидуваше да го зацврсти комунистичкото владеење, Сталин стана комесар за националности, а неговата работа вклучуваше како Комунистичката партија треба да работи за управување со далечните провинции.

Тој ги надгледуваше административните граници, во некои случаи произволно црташе граници кои намерно ги делеа заедниците, нешто што историчарите веруваат дека е направено за разводнување на политичката моќ на некои етнички групи.

На Кавказ, каде што Сталин е и роден, границите на Карабах беа официјализирани во 1923 година и Автономната област Нагорно-Карабах стана дел од Азербејџанската Советска Социјалистичка Република.

Аранжманот, исто така, резултираше во создавање на Накшиван, регион на Азербејџан, населен главно со Азербејџанци, кој е сместен помеѓу Ерменија и Иран, но не се граничи со Азербејџан.


Ердоган со поддршка за Азербејџан за Нагорно Карабах

Со децении подоцна, како и на други места во Советскиот Сојуз, Комунистичката партија и раководството во Москва држеа цврста рака врз секаков вид националистичко или религиозно чувство што може да предизвика проблеми. До 1988 година.

Агдам до Аскеран

Тој притисок попушти под политиката на „гласност“ и „перестројката“ на Михаил Горбачов кон крајот на 80-тите години на минатиот век.

На 20 февруари 1988 година, локалниот управен совет на народни заменици во Нагорно Карабах во кој доминираа Ерменци, ја објави својата намера да се обедини со Ерменија.

Во тоа време, околу три четвртини од 190.000 жители на регионот беа Ерменци, а една четвртина Азербејџанци. Тоа поттикна масовни протести: во Баку, од бес и во Ереван, за поддршка.

Два дена по декларацијата, Азербејџанците и Ерменците се скараа во близина на градот Аскеран - првото крвопролевање во новиот конфликт. Пет дена потоа, азербејџанските толпи дивееа низ предградието на Баку, Сумгаит, дом на голема ерменска заедница.

Официјално, беа убиени 32 лица; Ерменците велат дека биле стотици.

Во следните три години, Ерменија и Азербејџан ги кршеа законските овластувања, во услови на улични насилства и погроми во селата, сè додека двете републики не прогласија независност од Советскиот Сојуз во август и септември 1991 година.

До февруари 1992 година, избувна целосна војна.

Нестабилен прекин на огнот

Борбите престанаа со примирјето во мај 1994 година, со етнички ерменски сили кои го контролираа скоро целиот Нагорно Карабах, како и неколку околни области - вкупно околу 20 проценти од целата територија на Азербејџан.

Тоа беше понижувачки пораз за Баку. Околу 30.000 луѓе беа убиени, а стотици илјади луѓе побегнаа или беа протерани од своите домови.

Од 1995 година, Франција, Русија и Соединетите држави служеа како копретседавачи на таканареченат Група Минск, иницијатива на ОБСЕ која се обидуваше - неуспешно, досега - да ги води Ерменија и Азербејџан до решавање на конфликтот.


ЕУ изрази загриженост за кршењето на примирјето во Нагорно Карабах

Најблиску двете страни беа во 2001 година, кога двајцата претседатели се сретнаа во американската држава Флорида.

Повеќе од четврт век, двете страни се соочуваа по таканаречената линија на контакт, редовно тргувајќи со лути реторики, снајперски и повремено минофрлачки оган.

Азербејџан потроши стотици милиони долари - приход од големите резерви на нафта и гас за модернизација на своите вооружени сили, што ги наведе набљудувачите постојано да предупредуваат на опасноста од нова војна.

Меѓу најголемите пречки за договор се споровите околу идниот статус на самиот Нагорно Карабах и судбината на околните области што ги држат етничките ерменски сили и се протегаат до ерменската граница.

Есен 2020 година

До септември 2020 година, најтешкиот период на борбите од 1994 година се случи во април 2016 година, кога беа убиени околу 200 војници и цивили. Факторите што додаваат гориво на огнот во борбите во 2020 година вклучуваат појава на ново вооружување: беспилотни летала.

Ниту една земја нема многу воздушни сили, па најголемиот дел од борбите се одвиваат на копно.

Азербејџан, сепак, инвестираше многу во беспилотни летала во последните неколку години, купувајќи и лиценцирајќи производство на израелски беспилотни летала, а во поново време и пософистицирани турски.

Некои набљудувачи укажуваат на недостаток на ангажман во последните месеци од страна на надворешните сили, вклучително и копретседавачите на Групата Минск: Франција и САД.

Светот се троши со пандемијата на ковид-19, а администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, е расеана од неговата кандидатура за реизбор.

Во меѓувреме, Турција, традиционален сојузник на Азербејџан, во изминативе години ги разви доволно своите регионални мускули, претставувајќи предизвик за руското влијание во Јужен Кавказ.

Турција игра далеку поактивна улога во 2020 година отколку во претходните воени дејствија во Нагорно Карабах, наводно испраќајќи оператори на беспилотни летала за поддршка на азербејџанските сили.

Аналитичарите велат дека Русија, и покрај тоа што им продала на Ерменија и на Азербејџан оружје во вредност од милиони долари, нема интерес да гледа како ескалираат борбите во Нагорно-Карабах.

Ниту, пак, сака Турција да влезе премногу длабоко во она што Москва го смета за нејзина традиционална сфера на влијание.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG