Достапни линкови

Можна средба на македонско-бугарската комисија месецов


Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров при примопредавањето на функциите, Скопје, 01.09.2020
Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров при примопредавањето на функциите, Скопје, 01.09.2020

По речиси девет месеци пауза, а во пресрет на преговарачката рамка за зачленување на Северна Македонија во Европската унија се најавува рестартирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Скопје и Софија.

Не помина ниту едно цело деноноќие за македонскиот премиер Зоран Заев да ги добие честитиките од своите колеги од регионот и од светот за повторниот избор за прв човек на владата. Меѓу нив стигна и онаа од Софија, од бугарскиот премиер Бојко Борисов. Токму таа е и поспецифична оти во неа се потсетува на конкретна обврска од Договорот за добрососедство меѓу двете земји постигнат во 2017 година, за време на првиот мандат на премиерот Заев.

„Искрено се надевам дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања наскоро ќе ги продолжи своите активности и дека членовите на Република Северна Македонија ќе покажат конструктивен став и јасна посветеност да се постигне согласност за прашањата што се дискутираат“, наведува во честитката Борисов.

Комисијата, што ја споменува бугарскиот премиер Бојко Борисов, последната средба ја одржа кон крајот на ноември лани во Софија. Потоа, по барање на македонскиот дел од комисијата, поради најавените избори во земјава, а со цел, како што објаснија историчарите, нивната работа да не се користи во предизборни цели, комисијата запре со работа. Во меѓувреме, била одржана само една виртуелна средба на која, како што велат од комисијата, се дискутирало за текстот на Записникот од последната деветта средба и за евентуален датум на одржување на следната средба.

Дека ќе има предвремени избори во земјава беше извесно кон крајот на октомври, откако партиите се согласија на таквото барање, пред се на ВМРО-ДПМНЕ поради неуспехот Македонија да добие датум за преговори на самитот на ЕУ истиот месец и покрај променетото име на државата поради кое, пак, Грција со години беше кочничар на почнување на преговори за зачленување во Европската унија. Поради коронавирусот, изборите се одложија, па место напролет, се одржаа летово, а владата на премиерот Зоран Заев собранието ја изгласа викендов.

Можна средба месецов

Историчарот Петар Тодоров, кој е член на македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, вели дека со колегите од Бугарија размениле предлог идеи следната средба да се одржи овој месец.

„Се надевам дека наскоро ќе имаме средба на комисијата, но тоа зависи и од сите членови, односно да се направи координација кој кога може. Второ што е важно, да се види под какви протоколи и какви услови ќе работиме земајќи ја предвид состојбата со Ковид-19 бидејќи комисијата работи во затворени простории два дена. Освен ова имаме и некои административно технички работи во владата кои треба да се надминат, но се надевам дека тоа набрзо ќе го надминеме за да може комисијата да си работи“, вели Тодоров.

Комисијата во која членува Тодоров се формира по предлог на Министерство за надворешни работи. Таму по изборите имаше ротација на министрите, па досегашниот Никола Димитров замина во Секретаријатот за европски прашања, а од таму, прв човек на дипломатијата стана Бујар Османи. Од кабинет на Османи засега не откриваат детали за идната работа на комисијата, ниту пак, дали се планирани некакви промени.

„Добрососедските односи се еден од трите клучни приоритети на надворешната политика на Република Северна Македонија, дел во кој спаѓа и засилувањето на комуникацијата со Република Бугарија. Во таа насока очекуваме наскоро да се остварат средби на највисоко ниво меѓу двете земји, но и зајакнување на комуникацијата и соработка на сите нивоа“, велат за РСЕ од кабинетот на министерот за надворешни работи.

Што ја чека комисијата?

Лани есента, по девет одржани состаноци, комисијата не ја заврши работата во мирен дух со колегите од Бугарија. Најголемите несогласувања беа околу револуционерот Гоце Делчев. Членовите на македонскиот тим тврдат дека на првите неколку средби се постигнале резултати, но потоа се вмешала политиката во нивната работа па дошло до тензии во јавноста наместо релаксирање на односите.

Во расчистувањето на проблемите околу главното прашање за тоа чиј е Гоце Делчев тогаш се вклучи и претседателот Стево Пендаровски кој оцени дека комисијата работи со „исклучително бавно темпо“.

„Ако пишува споделена историја, а ти сакаш Гоце Делчев да биде пишан како чист Бугарин, кој е резонот тогаш јас да го славам ако е само твој. Мора да биде дел твој, дел мој, макар со делото, па да можеме јас и ти да го чествуваме заедно. Тоа е јасно како бел ден. Таа е формулацијата“, рече шефот на државата зимото кога и најсилни беа несоглавувањата на темата чиј е Делчев.

Но, годинава, во април, несогласувањата меѓу историчарите, официјална Софија ги префрли и во документ во кој е преставена позицијата на официјална Софија за напредокот на земјава во преговорите со Европската унија.

Во изјавата прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март, на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите за зачленување се отворија многу теми кои официјално Скопје ги смета за спорни. Во него Бугарија бара од својот сосед да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации да декларира дека има каква било основа да бара малцински статус за која било група, бара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Димитров- нема да биде лесно

Димитров, неделава сега во својство на прв човек на Секретаријатот за европски прашања најави дека на осми септември, во Брисел првпат ќе биде отворена дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка со ЕУ, која ќе ја претстави германското претседателство. Но засега нема информации дали од нешто од ова што го бараше Софија напролет, ќе го има во есенскиот предлог документ за преговарачката рамка. Од Секретаријатот за европски прашања упатуваат на изјавата на Димитров дадена неделава, кога со новиот шеф на дипломатијата Османи правеа примопредавање на функциите.

„Не може Бугарија да добие од комплицирање на европската иднина на Северна Македонија. Нема да биде лесно, мора да бидеме искрени, проблемот претставува голем предизвик. Но ќе се соочиме директно со проблемот, знаејќи што е потребно за да го заштитиме националниот интерес“, рече Димитров.

Во однос на барањето на Бугарија за македонскиот јазик вицепремиерот за евроинтеграции нагласи дека „за нас тоа прашање е затворено особено по финализирањето на личната карта на државата во Обединетиете нации“ со што ги навести позициите на официјално Скопје за тоа прашање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG