Достапни линкови

Заев: Бројчаникот на Триумфалната зависи од пресудите, не од Владата


Зоран Заев пред Собранието по доставувањето на предлог-составот и програмата на новата Влада

На новинарско прашање за бројчаникот на „Порта Македонија“ во Скопје, што му беше предизборно ветување уште кога ја составуваше претходната Влада, денеска мандатарот Зоран Заев рече дека од правосилните судски пресуди, а не од извршната власт, зависи колку ќе заврти тој бројчаник.

Според него, бројчаникот треба веќе да заврти 18 милиони евра од судската постапка за „Трансмет“ за бизнисменот Сеад Кочан, а дополнително, ако Обвинителството докаже вина пред судовите, нови 11 милиони од запленетите пари од случајот со дијализите.

„Бројчаникот е поставен, го платив приватно. Тој зависи од правосилни судски пресуди и заплена на имот. Овој бројчаник треба да заврти 18 милиони евра од заплената на имотот на „Трансмет“, кој е завршена постапка. Се завршуваат правните процедури за да инкасира буџетот на државата со продажба на самиот имот. Милион евра од финансовата полиција се веќе завртени. Со сите пресуди, каде ќе се утврди одговорност, се носат и пресудите за материјалното плаќање за обештетување на државата. Бројчаниот зависи од судските пресуди, не од извршната власт. Од извршната власт, значи, оставање на процесот на правосудството на независен начин да ги утврдува сите овие постапки, со конечните права на жалба на секој граѓанин кои ги има со Устав. Знаете дека имаме постапка на заплена на пари од дијализите, кои се три милиони евра запленети во наши банки, осум милиони евра во италијански банки, не знам каде се. Ако Обвинителството докаже дека е тоа така, преку судски постапки и тие 11 милиони евра ќе завршат на бројчаникот“, рече Заев.

Тој денеска до Собранието ги достави предлог составот и програмата на новата Влада, чиј мандатар е, и вети дека секој кадар во тој состав лично од него ќе добие задачи и мисија во интерес на државата и народот.

XS
SM
MD
LG