Достапни линкови

Трета еколошка катастрофа во руски Норилск за само еден месец


Се запали индустриска депонија во близина на рускиот град Норилск, што е трета еколошка катастрофа што ја погоди областа околу овој сибирски арктички град во само еден месец. Огнот, кој зафатил околу 1000 квадратни метри од депонијата со цврст индустриски отпад, бил ставен под контрола. Депонијата е на само неколку километри од резиденцијалната област во градот.

Овој месец се случија уште две еколошки катастрофи во градот, каде што е сместен најголемиот производител на никел и паладиум во светот – Норилск Никел.

Апсења по излевање на нафта под Арктикот

Компанијата вчера призна дека од една од нивните постројки била испуштена отпадна вода во фрагилната арктичка околина и оти одговорните работници биле суспендирани. Гринпис Русија објави фотографии на нелегалниот испуст, кој веројатно содржи тешки метали и сулфурна киселина. Според нив, ова е редовна постапка на компанијата. Руските власти отворија истрага.

Путин: вонредна состојба по излевање на нафта под Арктикот

Првата еколошка катастрога се случи на 29 мај кога повеќе од 21.000 тони дизел гориво се излеа во почвата, во две реки и во едно езеро, откако се распадна резервоар за складирање на нафтата во електрана управувана од Норилск Никел.

Двајца раководители на електраната и двајца инженери се уапсени под сомнение дека ги кршеле правилата за заштита на животната средина. За небрежност се обвинети и градоначалникот на Норилск и владиниот инспектор.

Претседателот Владимир Путин прогласи вонредна состојба по инцидентот, а Норилск Никел вети дека ќе ги плати трошоците за расчистувањето, проценети на 145 милиони долари.

Норилск Никел е во сопственост на најбогатиот човек во Русија, Владимир Потанин.

Локалните власти и организациите за животна средина велат дека ќе бидат потребни години за да се опорави животната средина од излевањето на горивото.

XS
SM
MD
LG