Достапни линкови

Кина барала Германија да им ги пофали мерките против Ковид-19, Берлин одбил


Илустрација

Германското министерство за внатрешни работи соопшти дека кинески дипломати контактирале високи функционери во германската влада со намера да ги поттикнат да дадат позитивни оценки за постапките на Пекинг за време на пандемијата на коронавирусот, пренесе Ројтерс.

„Германската влада е запознаена со поединечни контакти на кинески дипломати со цел да поттикнат позитивни јавни изјави за постапките на Народна Република Кина во врска со коронавирусот. Сојузната влада не ги исполни тие барања“, стои во писмото за кое новинската агенција Ројтерс вели дека го добила на увид.

Писмото од 22-ри април било испратено до пратеничката Маргарете Баузе од редовите на Зелените, како одговор на нејзиното прашање дали кинески дипломати контактирале германски владини функционери за да ги наведат да изнесат позитивни оценки за Кина. За одговорот на министерството прв извести весникот Велт ем зонтаг, кој наведе дека кинеската амбасада во Берлин го отфрла извештајот оценувајќи го како невистинит и неодговорен, пренесе Ројтерс. Агенцијата објави дека од кинеската амбасада во Германија завчера не биле достапни за коментар, а Ројтерс побарале коментар и од кинеското МНР, но не добиле одговор.

Пред неколку дена „Ројтерс“ пренесе дека Кина се обидела да го блокира извештајот на Европската унија во кој се вели дека кинеските власти ширеле дезинформации во врска со појавата на коронавирусот.

XS
SM
MD
LG