Секој трет средношколец од 150 анкетирани одговорил дека бил жртва на булинг. Повеќе од две третини од нив биле сведоци на врсничко насилство.
„Дебела крава", „Тегла“, „Секташ“, се дел од навредите кои средношколците секојдневно ги трпат поради нивниот изглед и за кои самите сведочат во спроведената анонимна кампања за врсничкото насилство. Вишокот килограми, очилата или пак стилот на облекување поради слушањето метал музика се некои од причините за кои секој трет средношколец од 150 анкетирани одговорил дека бил жртва на булинг .
„Сум била жртва повеќе пати. Другар од одделението ме нарекуваше циганка само затоа што имам црна виткана коса. Истиот секогаш ме буткаше, удираше и ми ги уништуваше тетратките и книгите.“
„Девојчето од класот со пречки во развојот секојдневно е вербално напаѓано и исмевано.“
„Ученикот кој не малтретира е син на наставничка, па нејзиното дете не е виновно за ништо“, се жалат средношколците во анкетата.
Повеќе од две третини од нив биле сведоци на врсничко насилство. Речиси сите од нив одговориле дека се согласни дека врсничкото насилство претставува реален проблем помеѓу младите, а 90 отсто би се обратиле некому доколку се малтретирани тие или некој нивен соученик.
Врсничкото насилство претставува лице или лица од истата возрасна група кои се физички, вербално или со постапки за однесување, штетни едни на други. Директниот булинг или оној преку социјалните медиуми помеѓу младите во основните и средните училишта доведува до депресија, агресија, омаловажување, психичко и физичко насилство, одбивност кон училиштето. Лицата кои се изложени на булинг живеат во страв поради кој ги запоставуваат своите лични и професионални амбиции.
„Анти булинг“ е организација основана од средношколци од средното училиште „Никола Карев’’ во Скопје. Тие ја основале организацијата со цел да ја актуелизираат темата во нивното училиште каде, како што велат, се сведоци на многубројни врснички насилства.
„Ние како членови на училишната медијација ќе бидеме достапни за секоја жртва од нашето училиште, со цел да им помогнеме. Обуките на кои бевме присутни, не научија како да пристапиме кон ученици кои се охрабриле да побараат наша помош”, вели Кристијан Поповски, член на организацијата.
Поддршка имаат од психологот на училиштето, Гордана Блажевска-Спиридонова која вели дека кај неа најчесто се жалат децата, а поретко родителите со цел да добијат помош и да се преземат мерки.
„Има позитивни резултати каде успеав со разговор да советувам ученици дека тоа не е во ред да се прави, и испадна дека до тогаш не размислувале на тој начин. Мора да се дискутира многу, бидејќи има голема дилема за тоа што е вистинско пријателство. Работам со жртвите, со насилниците и подоцна на ниво со цела паралелка, сите сведоци. Во некои случаи со цел да го заштититам детето информациите ги дознавам од трети страни, а не од самата жртва. Целта на ова е да не се изложи самата жртва на полошо и поголемо малтретирање“, вели Спиридонова.
Булингот е психолошки и педагошки феномен и е во спрега со јавното здравство за чие лекување е потребен тим од професионалци со познавања на психологијата, социологијата и дефинитивно психијатријата, порачува доктор Људмил Кљусев.
„На децата кои се жртви на булинг треба да им се помогне со тоа што треба да се поткрене нивната самодоверба, да им се дозволи да ги документираат настаните, кога се случил булингот и да се образложат сите пропратни дејствија. Внимателно треба да се ислушаат и самите да предложат план како булингот да се спречи и искорени од училиштата“, смета Кљусев.
Според извештајот на Министерството за внатрешни работи во 2018 година во државата се регистрирани вкупно 104 случаи на врсничко насилство од кои 50 се во средните училишта, а 54 во основните. Во најголем број од случаите, учениците насилството го изразиле преку физички напад, а помалку преку вербални напади. Во однос на мотивот, поголемиот број случаи се без повод и причина, а останатите се резултат на претходна расправија, нетрпение и љубомора. За дел од случаите поднесени се и кривични пријави.
„Наоѓаме начин децата да се смират, повторно да се поврзат, сакам децата да продолжат да се дружат, да одат со задоволство на училиште, да не размислуваат за конфликт, да не се одржува насилството, а ние да не се правиме дека не го забележуваме. Сè додека возрасните му посветуваат внимание на булингот така и помладите генерации ќе се освестат“, смета Спиридонова.
Во последниот годишен извештај на Народниот правобранител на оваа тема се оценува дека постои ненавремена и соодветна реакција за превенирање на ваквите случувања. Воедно се наведува дека училиштето како воспитно-образовна установа има обврска и должност да обезбеди грижа и заштита на децата, како и да преземе превентивни мерки за спречување на насилството меѓу децата.
„Децата треба да бидат подложени на психолошка едукација со советодавци, да присуствуваат на работилници во кои ќе се стекнат со нови знаења и техники како да користат позитивни одбранбени механизми, поголема толерантност и взаемно почитување“, порачува доктор Кљусев.
Но, кога помошта затајува жртвата на врсничкото насилство е принудена образованието да го продолжи во друго училиште.
„Во училиштето не најдоа решение ниту пак начин да ја променат ситуацијата, затоа морав да се запишам во ново училиште“, вели една од анкетираните ученички.
Пред 30 години во Обединетите нации беше донесена и Конвенцијата за правата на детето. Во истата се вели дека Државите потписнички ги преземаат сите соодветни мерки за да го заштитат детето од сите форми на физичко или ментално насилство. Ваквите заштитни мерки треба да вклучуваат ефективни процедури поддршка на детето и за оние кои имаат грижа за детето, како и за други форми на превенција, идентификација и третман на случаи на малтретирање на деца.
Текстот го изработија ученици
Мартина Костадинова,
Есма Атанасова,
Јоанис Кетикидис,
Магдалена Јакимовски, под менторство на професорката Христина Таневска.
Оваа содржина е дел од средношколскиот конкурс „Биди медиумски активен/на“ што го организира Институтот за комуникациски студии со финансиска поддршка на Европската Унија за да се одбележи Европската недела за медиумска писменост 2020. Мислењата и ставовите изразени во неа, не секогаш ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
Кон одбележувањето се приклучи и Радио Слободна Европа со новинарката Пелагија Стојанчова кој беше ментор на учениците од приватното средно училиште САБА. Ментор на проектот е, исто така новинарката на РСЕ, Марија Митевска.