Достапни линкови

Против врсничкото насилство за зачувување на менталното здравје


Илустрација
Илустрација

Двајца од петмина ученици на возраст од 13 до 15 години во Македонија биле жртви на врсничко насилство, покажува истражувањето на УНИЦЕФ. Поретко се работи за физичко насилство, а почесто за вербално, односно психичко или емоционално насилство. Тоа е голем проблем, затоа што, малтретирањето може да остави трајни психички последици врз здравјето на децата.

Ученици од скопската гимназија Никола Карев веќе две години учествуваат во проект за врсничка медијација. Ученици ги користат вештините што ги стекнале на обуките кои се дел од проектот за дапосредуваат за решавање на конфликтите меѓу нивните врсници.

Физичкото насилство во нивното училиште е поретко, а почести се другите посуптилни форми на врсничко насилство – навредување, исмејување, социјално исклучување, или сајбер булинг, односно насилство на интернет.

Една тепачка или навреда е проблем, но една од главните карактеристики на врсничкото насилство е намерата и повторувањето, односно кога насилството се врши континуирано со намера да навреди, понижи или повреди.

Врсничкото насилство е сериозен проблем, затоа што може да остави последици врз менталното здравје на учениците. Тие може да се чувствуваат депресивно, луто, со прекумерен стрес, беспомошно, а траумата во најлош случај може да доведе до самоубиство или таканаречен булицид.

Младите медијатори од „Никола Карев“ велат дека се обидуваат вештините што ги стекнале на обуките да ги применат за да им помогнат на нивните соученици.

„Често се случува во училница, на пример за време на одмор две лица да се скараат. Еве конкретно се случило и јас ги искористив вештините кои ги стекнавме на обуките за процесот на медијација за да можам да им помогнам да се смират. Беше доста жестоко, но подоцна со разговор целата ситуација се смири“, вели средношколецот Кристијан Поповски.

„Не секогаш можат да не сфатат сериозно, но кога ќе видат некој пример каде што сме успеале да решиме некој проблем или да помогнеме, тогаш всушност сфаќаат дека можеме да им помогнеме на сите“, вели средношколката Мила Јовановиќ.

„Машките најчесто избувнуваат во физички конфликт, женските имаат поголемо трпение, но користат погруби зборови да се навредат и да се повредат психички, односно да ја навредат самата личност, отколку да предизвикаат некаква физичка болка“, вели средношколката Бојана Пачемска.

„Најчесто булингот се случува не затоа што јас имам проблем со некого, туку затоа што јас имам проблем со себе и морам да некој начин да го извадам и во моментот кога ќе станеме свесни за тоа ќе можеме полесно да се справиме со самиот булинг“, вели средношколката Ева Стојчевска.

Учениците велат дека насилниците обично сакаат да доминираат или да се прават важни, исмевајќи ги поповлечените деца.

„Обично се тие што се потивки, поповлечени или тие што имаат интерес различен од колективот. Обично се тие кои не се снаоѓаат добро во социјални ситуации“, вели средношколката Сара Трајановска.

Нивната професорка по психологија Гордана Блажевска Спиридонова е задоволна што е разбиен таканаречениот код на молк на кај младите, кои не се ни осмелувале да побараат помош. Горда е на учениците вклучени во проектот. Многу често учениците велат дека се работи за „зезање“, но тоа не е „зезање“ ако жртвите тоа не го толкуваат така и се чувствуваат непријатно, вели таа.

„Ни требаше многу работа на тоа отворено да кажеме: деца, вие сте одговорни за своето здравје. Грижете се за своето здравје, така што ќе побарате помош. Сè што можете самите да го средите со зборови, средете го, кога не можете, побарајте помош, побарајте ресурси во средината“, вели таа.

Блажевска Спиридонова посочува дека работела многу за нејзината канцеларија да биде препознаена како безбеден простор каде што учениците може да се обратат во секое време.

„Они ме тешеа и ми велеа никој нема да дојде кај тебе, знаеш тоа останува меѓу нив. Но, во последниве две години сè повеќе децата, и тоа од прва година, доаѓаат и кажуваат мене ми треба помош, мене ми го направија ова“, вели Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во Никола Карев.

Интернет апликација за пријавување врсничко насилство

Петмина млади ентузијасти, наречен АндроМета, освоија награда од УНИЦЕФ за развој на апликацијата Speak Out преку која младите ќе може за своите проблеми да разговараат со волонтери – студенти по психологија. Новата апликацијата во моментов не е достапна за симнување, зашто уште се работи на неа, но младите ќе може да ја користат веќе од наредниот месец. Идејата на креаторите е младите преку апликацијата да може да разговараат за своите проблеми со волонтери – студенти по психологија од повисоките години. Креаторите на апликацијата сметаат дека врсничкото насилство сè уште е табу тема за која младите не сакаат да разговараат, и сакале да им дадат безбеден простор за изразување, прашување и советување.

Менталното здравје кај младите е табу тема
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

„Бевме свесни дека не можеме да го прекинеме насилството, ама знаевме дека можеме да направиме да им помогнеме на тие деца да застанат на свои нозе и да продолжат, бидејќи има случаи кога децата дури помислуваат и на самоубиство“, вели Данче Петрушевска од АндроМета.

Подеднакво боли и физичкото и психичкото насилство

Јавноста во изминатиот период беше сведок на неколку сериозни инциденти со врсничко насилство. Минатиот месец интернет сајтот Само прашај објави дека се случуваат „гладијаторски борби“ меѓу ученици во центарот на Скопје. На аматерската видео снимка што ја објавија се гледа како две момчиња со боксерски ракавици се тепаат во скопската населба Капиштец, а стотина други страстно навиваат. Очевидци велат дека оваа борба меѓу децата среде бел ден, во центарот на градот, не се случува прв пат. Пријавиле во полиција, но МВР сѐ уште го истражува инцидентот. Родители и деца сведочеле дека борбата се наплаќала: 20 денари за гледање и 300 денари за снимање.

Психологот Јорданка Черепналкова – Трајкоска од Првата детска амбасада Меѓаши вели дека против врсничкото насилство треба да се работи и превентивно, но и навремено да се реагира кога ќе се појави. На СОС телефонот во Меѓаши, кога се работи за врсничко насилство, најчесто се јавуваат родители на основци чии деца биле жртви. Не може да се прави разлика меѓу физичкото и психичкото или емоционално насилство, вели таа.

„Ако физичкото, ударот, боли на кожата, погрдниот збор или навредата боли внатре, прави дупка внатре. Не може да се каже едно или друго е поболно, и д двете се болни, и двете негативно влијаат врз личноста на детето“, вели таа.

Насилство на интернет – Анонимноста дава храброст

Според истражувањето на МОФ, 40 отсто од средношколците во изминатата година биле жртви на насилство на интернет. Една навреда или тепачка меѓу ученици е инцидент, но кај сајбер насилството нема еднаш, вели студентката Симона Стојчевска, авторка на истражувањето.

„Тука има трик со интернет насилството, бидејќи дури и да се случи еднаш, некоја слика да биде објавена еднаш, тоа не е еднаш, зашто таа понатаму може да биде споделена на други места. Сè што е објавено на интернет останува таму засекогаш, затоа што не можеме да знаеме до каде стигнала сликата и кој ја има кај себе и дали повторно може да ја објави“, вели таа.

Стојчевска потсетува на неодамнешниот случај со групата „Јавна соба“ на Телеграм, каде што биле објавувани фотографии и видео снимки од млади и малолетни девојки со експлицитна содржина. Дел од материјалите биле преземани од јавните профили на девојките на социјалните мрежи, дел биле тајно снимани, а дел биле слики што тие им ги праќале на своите партнери, а не за јавно објавување. Загрижувачки е што таквите случаи за дел од средношколците се нормална работа, вели таа.

„Јас лани прв пат, за време на истражувањето, дознав дека постојат некои такви групи, како што е „Јавна соба“, каде што се објавуваат слики, а средношколците велат: А да, па има повеќе, има и на Инстаграм. Тоа им станува нормална појава, секојдневие, дел од растењето. Мислам дека дури и по овој случај со „Јавна соба“ имаше некои интервјуа каде што дел од средношколците велат дека воопшто не биле изненадени и оти тоа се случува“, вели Стојчевска.

Затоа, посочува таа, мора да научиме да го препознаваме насилството на интернет и да реагираме на тоа, а не да го сметаме за нормално.

Стојчевска вели дека некогаш насилниците од интернет се насилници и во реалниот живот, но често токму анонимноста им дава храброст.

„Луѓето се чувствуваат послободни кога не се знае нивниот идентитет, така што постојат случаи кога, поради анонимноста, луѓе што во живо не би рекле или направиле такво нешто, го прават на интернет, но постојат и случаи кога истите насилници од реалниот свет се и во виртуелниот свет“, вели таа.

Според статистиката на УНИЦЕФ, 42 отсто од учениците во земјава на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале некој тип врсничко насилство.

Црна Гора - Со евиденција и СОС-линија до превенција на врсничкото насилство

Насилство меѓу младите и врсничка медијација
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:21 0:00

Во Црна Гора, пак, за превенција и справување со врсничкото насилство во Министерството за образование беше отворена СОС-линија за пријавување. Слично како и во Македонија, и таму најчесто се јавуваат родители на малтретирани ученици.

Марија Севриева

Секој четврти основец и средношколец во Црна Гора во 2017 година доживеале некаков облик на врсничко насилство. Овој тренд се намалил во првите месеци од учебната 2017/2018 кога со насилно однесување се соочило секое петто дете, се наведува во извештајот на Центарот за мониторинг и истражување. Но, многу малку родители јавно говорат за овој проблем.

„Четворица го нападнаа мојот син. Потоа ние разговаравме затоа што тоа се случило во рамки на една институција, разговаравме со надлежните, но не и со родителите. Очекувавме дека и родителите ќе се завртат и ќе ни кажат: Извинете, беше случајно, ние разговаравме со нашето дете, но тоа не се случи“, сведочи Катарина Биговиќ, мајка.

Причините за ваквото однесување на младите родителите ги лоцираат во повеќе фактори.

„Мислам дека таквото однесување децата го носат од дома, дека тоа е пред сѐ од воспитувањето од родителите, па потоа од сè останато – напредната технологија, сѐ поголемата употреба на мобилните телефони, игрите“, смета Бобан Радојевиќ, родител.

„Мислам дека за ова многу придонесува и кризата во општеството, тоа што родителите имаат многу малку време за своите деца“, вели Оливера Гошовиќ, која е и мајка и баба.

Според истражувањето, речиси една половина од наставниците во средните училишта навеле дека им се случило ученик да се пожали дека бил жртва на насилно однесување. Во 80 отсто од случаите станува збор за вербално насилство, најчесто на интернет. Според истражување на УНИЦЕФ, пак, дури една третина од младите во 30 земји во светот трпат насилство на интернет.

„Девојчињата се многу повеќе склони на уценувања, да ги снимаат своите другарки, па да ги уценуваат со тие снимки. Јас работам во средно училиште и знам дека има такви случаи многу повеќе отколку, да речеме, физичко насилство“, смета Маријана Поповиќ, професорка во средно училиште.

Потешко за препознавање е психичкото насилство. Младите многу ретко се одлучуваат да пријават навреди, уцена, игнорирање, сметаат психолозите. Врсничкото насилство, додаваат тие, не може да се искорени, но може да се намали.

„Многу е важно да знаат дека имаат барем една личност од доверба, без разлика дали е тоа класен раководител, психолог, педагог, родител“, советува училишниот психолог, Милица Пушоњиќ.

За превенција и справување со врсничкото насилство во Министерството за образование на Црна Гора е отворена СОС-линија за пријавување. На неа може да се јават ученици или родители.

„Главно, досега станува збор за насилство во основните училишта, кога родителите пријавуваа дека нивното дете во одредени ситуации било загрозено. Најчесто станува збор за вербално насилство“, вели Мајда Мулиќ од Министерството за образование.

Во рамки на националната Програмата за сузбивање насилство и вандализам во училиштата, тие ќе мора да водат и своја база на пријави и преземени мерки, до која ќе има пристап и Министерството. Со измени на статутот во училиштата ќе се зголеми и одговорноста на директорите кои при несоодветна реакција можат да бидат и разрешени.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG