Достапни линкови

Започнува судењето за „Рекет“


Спроведување на Катица Јанева од Шутка во куќен притвор
Спроведување на Катица Јанева од Шутка во куќен притвор

По речиси пет месеци откако јавноста беше информирана за истрагата за „Рекет“ започнува судењето за случајот. Во почетокот осомничени беа само Бојан Јовановски и Зоран Милески, но потоа истрагата ја инволвираше и Катица Јанева.

Судењето за случајот „Рекет“ во Кривичниот суд е против Бојан Јовановски, Зоран Милески и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Сите тројца обвинети се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а Јанева дополнително за злоупотреба на службената должност, додека Јовановски е обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело. Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска - Масевска.

Јовановски или Боки 13 кој е првоосомничен, според обвинението, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева за таа да ја олесни положбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Јанева прибавила имотна корист и тоа мебел во вредност од 5.000 евра и пари во износ од 50 илјади евра. Јовановски и Милески примиле награда од милион и пол евра.


Обвинителството на 15 јули соопшти дека е отворена истрага за случајот по поднесена кривична пријава, а Јовановски беше уапсен на граничниот премин Богородица. Јовановски и Милески завршија во притвор. Првично Јанева не беше осомничена, но и покрај тоа, таа поднесе оставка од функцијата. Изговорот на Јанева тогаш беше дека нема да дозволи нејзиното име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на земјата.

Јанева на прес-конференција по околу една недела од најавената оставка тврдеше дека не е поврзана со случајот.

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно сум ја злоупотребила функцијата. Повикот да и се служи на државата и да се биде дел од професионален тим кој треба да го реши високиот криминал во државата е чест за мене, иако постојано бев цел на препукувањата меѓу партиите“, рече Јанева.

Јавноста преку објавеното видео на италијанскиот весник „Ла Верита“ имаше можност да види како Јовановски и Милески го напуштаат домот на Камчев со, како што беше наведено, торба полна со пари. „Ла Верита“ потоа објави и аудио снимки на кои можеше да се слушне гласот на Јанева која го уверува Камчев да не се грижи и дека се ќе биде во ред. Јанева и тогаш беше, како што рече, фрапирана како нејзините постапки како обвинител се поврзуваат со „Рекет“. По два дена повторно осамнаа аудио снимки како Јанева го уверува Камчев дека држи се под контрола. Нејзината одбрана беше дека се воделе преговори со Камчев да стане соработник на СЈО.


Јанева беше повикана да даде исказ за случајот по повеќе од еден месец откако јавноста дозна за истрагата. Таа тогаш порача дека не чувствува вина. Еден ден потоа Јанева беше приведена и и беше одреден притвор за прибавување на имотна корист, односно мебел во вредност од 5.000 евра.

За Владата притворањето на Јанева беше доказ дека сите се исти пред законите. За опозицијата Јанева беше само алка од синџирот на организиран криминал.

Се редеа искази и сомнежи за вмешани политичари и други бизнисмени во случајот, а во меѓувреме се прошири и истрагата за случајот. Собранието во септември и официјално како што едногласно ја избра, едногласно и ја разреши Јанева од функцијата.

Јовановски не се соочи со обвинителката Вилма Русковска, бидејќи му слоши и беше пренесен во болница. Јанева пак донесе одлука да не дава исказ и најави дека ќе чека до главната расправа. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд го поднесе обвинението на 10 октомври. Новина беше дека Јанева освен мебелот е обвинета и дека примила како награда 50 илјади евра.

Милески и Јанева судењето ќе го дочекаат во домашен притвор за разлика од Јовановски, кој е осомничен и во проширената истрага, која се води против уште 4 лица, меѓу кои и пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, а ја опфаќа и невладина организација „Меѓународен сојуз“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG