Достапни линкови

Воздушната амбуланта - Ремек дело за владата, криминал за опозицијата


Илустрација: Медицински хеликоптер
Илустрација: Медицински хеликоптер

Власта тврди дека нема да плати ништо за создавање на хеликоптерски итен медициски систем, односно приватниот партнер ќе треба да инвестира најмалку 9 милиони евра, а македонските граѓани ќе добијат бесплатна услуга. Опозицијата обвинува дека со него од буџетот ќе се испумпаат 72 милиони евра.

Хеликоптерскиот итен медицински систем и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е „првото ремек дело што успеала државава да го направи“, смета генералниот владин секретар Драги Рашковски, наспроти тврдењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека јавно-приватното партнерство за овој проект е уште една злоупотреба на државните пари. Системот за воени и медицински хеликоптери државата нема да ја чини ниту еден денар, истакна Рашковски на брифингот со новинарите, откако Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати посочи дека за овој систем ќе се излеат вкупно 72 милиони евра во наредните 8 буџетски години.

„Треба да бидеме горди што во земјава се воведува ваков систем, кој на граѓаните ќе им понуди, доколку им е потребна, бесплатна брза спасувачка услуга, а државата за тоа нема да потроши ниту еден денар. На државата, по истекот на 8-годишниот договор, ќе и останат два опремени хеликоптери, како и 8 хелиодроми кои приватниот партнер ќе ги изгради на државно земјиште“, рече Рашковски, додавајќи дека се смешни и жални обвинувањата на опозицијата.

Јанушев, пак, на денешната прес-конференција изјави дека на повидок е уште еден криминал.

„Тазе основаната фирма на извесниот Ѓаковиќ е единствениот понудувач на владиниот повик. Затоа фирмата сама со себе си се наддава на електронската аукција која е одржана 25 октомври и нормално, останува на првично понудената цена за монополот, односно 10 илјади евра месечно. Во превод, тоа значи дека државата ќе ѝ плати на фирмата 72 милиони евра, плус ќе ѝ ги даде на располагање сите објекти и опрема во Центарот за обука на пилоти во износ на 10 милиони евра. А, за возврат за сите 8 години приватниот партнер ќе ѝ плати на државата 960 илјади. Да не беше трагично, ќе беше смешно,“ изјави Јанушев.

Рашковски потврди дека тендерот за јавно-приватно партнерство го добила фирмата „САРХЕМС“ која е заведена во македонскиот Централен регистар пред само 24 дена, но додаде во тоа немало ништо спорно затоа што зад неа како поддршка стои СХЦ - шведски хеликоптерски конзорциум АД, која го исполнувала условот од владиниот повик за работа во оваа сфера од најмалку две години. На брифингот, пак, новинарите посочија дека и оваа шведска фирма е регистрирана само пред две години и побараа од Рашковски да одговори за тоа дали е направена проверка на историјата на компанијата која треба во наредните 30 дена да потпише договор со Владата за јавно-приватно партнерство.

„Не знам кога е регистрирана, ни кој е сопственик, јас немам обврска да проверувам“, одговори кусо Рашковски.

Тој истакна дека не знае ни кој е бизнис моделот, ниту економската логика според која фирмата што ќе раководи со САР и ХЕМ системите ќе си ја врати инвестицијата од 9 милиони евра, колку што е проценетата вредност во владиниот повик за јавно-приватно партнерство.

„Ќе добиете Пулицерова награда ако најдете каква штета ќе има по државата од овој договор“, рече Рашковски.

Но потоа беше објаснето дека Владата ќе склучи договор според кој македонските граѓани кои доживеале некаква незгода на терен или услови кои ја прават обичната медицинска помош потешко достапна, со овој систем ќе добијат бесплатна услуга од таканаречената воздушната амбуланта. Но, странските државјани кои транзитираат низ земјава оваа услуга ќе може да ја добијат приватно, односно ќе им биде вметната преку осигурителните компании кои нудат патничко и здравствено осигурување.

Фирмата ќе смее да работи само на македонската територија и владата нема да се меша во тоа како таа ќе го остварува профитот од услугите кои ќе ги нуди со хеликоптерскиот итен медицински систем на странските државјани. Овој систем, односно услугите од воздушната амбуланта ќе бидат достапни по барање на институција, што во превод значи дека откако ќе се случи незгода и надлежните за справување со кризи, полицијата или брзата помош не можат да реагираат поради тешки услови или недостапен терен, тогаш за 15 минути ќе треба да биде испратен хеликоптер. Услугата од ХЕМС ќе треба да биде достапна 24 часа секој ден од годината, а за осумте години колку што ќе трае договорот ќе има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за обавување на оваа дејност во висина од 10 илјади евра годишно.

Рашковски ги демантираше тврдењата дека на „САРХЕМС“ ќе ѝ биде отстапен Центарот за обука на пилоти. Рашковски не знае колква е потребата од ваква служба во земјата, односно колку пати досега имало потреба во просек да се спроведуваат спасувачки мисии со хеликоптер, за таква анализа ги препрати новинарите да бараат одговори во МВР.

За овој систем, односно за јавно-приватното партнерство биле заинтересирани 8 фирми, од кои 5 подигнале тендерска документација, но само една на крајот се јавила на електронската аукција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG