Достапни линкови

Вести

Пожар во скопски Таор

Архивска фотографија- пожарникар од територијалната противпожарна единица на Град Скопје

Во пожарот што избувна денеска во скопското село Таор, гори сува трска на поголема површина. Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје за МИА изјавија дека по телефонската дојава за пожарот веднаш испратиле екипи на терен. Во моментов во Таор се десет пожарникари со три возила, кои се обидуваат целосно да го изгаснат пожарот

види ги сите денешни вести

Ериксен стабилизиран, натпреварот меѓу Данска и Финска продолжи

Данскиот играч Кристијан Ериксен беше изнесен на носила од фудбалскиот терен

Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен откако колабираше на натпреварот меѓу репрезентаците на Данска и Финска бил пренесен во болница и неговата здравствена состојба сега е стабилизирана. Натпреварот беше прекинат повеќе од 90 минути. Данската федерација соопшти дека тој сега е буден.

„Кристијан Ериксен е буден и минува низ дополнителни прегледи“ напиша на социјалната мрежа Твитер претставник на данската федерација.

Натпреварот на Европското првенство беше прекинат во 43-тата минута со резултат 0-0. Сега продолжува и во тек е второто полувреме. УЕФА соопшти дека по инцидентот одржале итен состанок со двата тима по што одлучиле да продолжат со натпреварот.

Играчите се вратија на терен со огромни овации. На позицијата на Ериксен во второто полувреме од фудбалскиот натпревар заигра Матијас Јенсен. На Ериксен му беше укажана итна помош на теренот околу 10 минути откако колабираше при крајот на првото полувреме. По реанимацијата на теренот беше изнесен на носила.

Лекарот од тимот на италијанскиот фудбалски клуб Интер Пјеро Волги каде што Ериксен беше играч, за новинската агенција „Асошијатед прес“ изјави дека бил во контакт со данската фудбалска репрезентација.

„ Ние сме во контакт со данската федерација, менаџерот на тимот и тимскиот лекар. Но, се уште не знаеме ништо. Слушнавме што рече УЕФА и сите сме среќни што е стабилизиран, но тоа е се што знаеме засега“ изјави Волпи.

Тој додаде дека Ериксен досега не бил заразен со ковид-19 и дека досега немал здравствени проблеми, и дека ги поминал сите медицински прегледи без проблеми откако се приклучил тимот на Интер во јануари 2020 година од тимот на англиски Тотенхем.

Ериксен е еден од најголемите дански фудбалски ѕвезди и денешниот инцидент предизвика емотивен шок на стадионот во Копенхаген каде што 15 илјади навивачи застанаа во тишина.

Прекинат натпреварот меѓу Данска и Финска, Ериксен колабираше на терен

Илустрација

Прекинат е фудбалскиот натпревар на Европското првенство меѓу репрезентациите на Данска и Финска, поради повреда на еден од фудбалерите. Фудбалерот Кристијан Ериксен во текот на играта колбираше и неколку минути службите на Брза помош го реанимираат играчот на Данска на фудбалскиот терен. 29 годишниот данскиот фудбалер Ериксен е играч на фудбалскиот италијански клуб Интер.

Натпреварот беше прекинат при истекот на првото полувреме. По неколку минути тензија, расплакана публика и загрижени соиграчи фудбалерот беше изнесен од фудбалскиот терен. Засега нема информација за здравствената состојба на Ериксен.

Бајден сам ќе одржи прес конференција по средбата со Путин во Женева

Американскиот претседател Џо Бајден

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ќе оддржи сам прес конференција по средбата со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева која е закажана на 16 јуни, што е уште еден показател за затегнати односи меѓу Вашингтон и Москва. Неименуван извор на Ројтерс од Белата Куќа изјави дека ваквиот начин на обраќање на јавноста по средбата е со цел полесна комуникација со медиумите за темите кои ќе бидат покренати на состанокот, за тоа за кои можеби ќе имаат заеднички став или несогласување.

Тактиката „сам за себе“ ја истакнува желбата на американската администрација да ги оспори точките од разговорите со Кремљ и при тоа избегне впечаток на јавноста за пријатни односи со рускиот лидер во ситуација кога Бајден го обвини Путин дека ја нарушува меѓународната безбедност.

Претходникот на Бајден, Доналд Трамп во Хелсинки во 2018 година се сретна со Путин и на заедничка прес конференција тогаш застана во одбрана на Русија во врска со проценките дека Москва се вмешала во американските претседателски избори во 2016 година.

Бајден денеска е во Велика Британија каде што учествува на Самитот на Г7 каде што една од темите на разговор ќе бидат и односите со Русија и Кина како и пандемијата и климатските промени. Потоа заминува во Брисел на средба со лидероте од ЕУ и НАТО.

Во ковид-центрите хоспитализирани 101 пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава вкупната се лекуваат 101 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Од министерството за здравство велат дека засега има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Како што информира Министерството за здрваство, во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани четири нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Четворицата пациенти биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На инфективните одделенија во главниот град вкупно се лекуваат 36 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 7 оздравени пациенти.

Саудиска Арабија го ограничува годинашниот аџилак на 60.000 вакцинирани посетители

Властите во Саудиска Арабија соопштија дека ќе дозволат само 60 илјаци вакцинирани верници ќе може да одат на аџилак годинава. Во соопштението е посочено дека на странци нема да им е дозволено да присуствуваат на одржувањето на традиционалните обичаи кои се задолжителни барем еднаш во живитниот век за сите муслимани.

Саудиските власти денеска посочија дека настаните ќе бидат отворени за државјани и жители на кралството, но ограниченио за само 60 илјади аџии. Аџилакот ќе биде дозволен за муслимани кои се вакцинирани и немаат хронични болести, а потребно е да бидат на возраст од 18 до 65 години. Причината за ваквите ограничувања се новите варијанти на коронавирусот.

„Не сакаме овогодишниот аџилак да биде епицентар на ширење на вирусот во кралството ни во муслиманскиот свет“ изјави саудискиот министер Маџид ал-Касаби.

Аџилак со ограничен број верници во Мека поради коронавирусот

Многу земји веќе ги откажаа турите организирани од државата за аџилак во Мека. Ова ќе биде по втор пат вакво откажување поради загриженоста за ковид-19. Претходно во просек по 2 милиони муслимани ги посетуваа Мека и Медина во период од 17 до 22 јули.

Средните училишта в понеделник ги отвораат вратите за нови ученици

Илустрација

Средните училишта в понеделник ги отвораат вратите за нови ученици. Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, во јавните средни училишта слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши согласно изготвен распоред од страна на училиштето. Во јунскиот уписен рок има три пријавувања и запишувања – од 14 јуни до 17 јуни кога ќе бидат објавени и резултатите од запишаните и останати слободни места.

Квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата на 21 јуни 2021 година и тој ден ќе бидат објавени конечните ранг-листи со резултатите. Второто пријавување овој месец е на 23 и 24 јуни, а третото е на 30 јуни.

Од вкупниот број слободни места во прва година средно, 19 602 се во стручно образование во 604 паралалеки, 9261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и за математичко-информатичка гимназија.

Со годинашниот Конкурс, отворени се 97 дуални паралелки (во 46 средни училишта во 25 општини), кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование и зголемен обем на практична обука за 2001 ученик.

Годинава се предвидени и стипендии од 3500 денари за две илјади ученици кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование, а 200 стипендии од 2.200 денари ќе им бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки, како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.

Канаѓани протестираа против исламобофија

Демонстративен марш во Онтарио

Илјадници Канаѓани денеска излегоа на демонстративен марш во Онтарио во знак на чест на четворицата Пакистанци кои загинаа откако беа прегазени со камион минатата недела. Меѓуверскиот марш започна од раскрсницата каде што петмина членови на муслиманското семејство Афзал беа прегазени со камион кој го управувал 20 годишен осомничен полицаец. Тој откако бил приведен изјавил дека извршил „планирано, немерно кривично дело мотивирано од омраза“.

Салман Афзаал и неговата сопруга Мадиха, нивната годишна ќерка и нејзината баба загинале додека ја поминувале улицата, додека нивниот 9 годишен син е повреден.

Протесни маршови против исламофобија и омраза беа организирании во Монтреал, Отава, Торонто и Квебек каде во 2017 година при пукање во џамија загинаа шест лица.

Погребот на членовите на семејството Афзаал кои се доселиле од Пакистан во 2007 мата година е закажан за денеска.

Осомничениот полицаец Натаниел Велтман е обвинет за четири убиства и едно убиство во обид за што може да добие и доживотна казна затвор.
Премиерот Џастин Трудо го нарече инцидентот „терористички напад“ а властите најавија дека осомничениот може да се товари и за тероризам.

Во Грција следниот месец ќе се укине полицискиот час

Плажа во Грција

Од денеска во Грција стапува во сила новата одредба во која се намалува полицискиот час и тој ќе започнува во еден часот и 30 минути по полноќ, наместо како што беше досега пред полноќ. Со измената на времетраењето на полицискиот час ќе се продолжи и работното време на угостителските објекти и дополнително ќе биде дозволена и жива свирка во нив. Кафулињата и рестораните и натаму ќе смеат да услужуваат гости само на отворено, односно на летни тераси и плажи.

Ноќните клубови, дискотеки и внатрешните делови на угостителските објекти и натаму ќе бидат затворени. Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас изјави дека доколку епидемиолошката слика во земјата е добра, од 1 јули целосно ќе биде укинат полицискиот час, а на прославите дозволени ќе бидат најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега. Актуелните мерки во Грција, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.

Епидемиолошката слика во Грција се подобрува, бројот на нови случаи е во просек под илјада дневно, намален е на 2,3 отсто процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, а хоспитализирани се 1.700 лица. Од почетокот на епидемијата, во земјата има 413.954 заразени и 12.381 смртен случај. Од почетокот на масовната имунизација до вчера се вакцинирани над 4 милиони жители со една доза, додека 2, 6 милиони граѓани примиле две дози од вакцините против ковид-19 .

Неработна недела во Москва заради намалување на ширењето на ковид-19

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин соопшти дека од 15 до 19 јуни ќе бидат неработни денови како одговор на најголемиот пораст на новозаболени со ковид-19 досега по зимскиот бран во рускиот главен град.

Националната руска здравствена работна група соопшти денеска дека дневниот биланс на потврдени нови случаи на заболени со ковид-19 се зголемил за 47 проценти во однос на минатата недела. Само во последните 24 часа во Москва бројот на новозаболени се дуплираше на 6700 случаи. Во Русија бројот на новозаболени во изминативе 24 часа изнесува 13 510 .

Градоначалникот на Москва Собјанин денеска изјави дека угостителските објекти ќе може да служат гости до 23 часот. Таквата одлука ќе има важност најмалку до 20 јуни. Дополнително ќе бида задолжително носење на маски и ракавици во јавниот превоз,а доколку тоа не се почитува за прекршителите ќе биде предвидена казна од 5 илјари руски рубљи односно 70 американски долари.

Досега во Русија се вакцинирани 18 милиони Руси против ковид-19.

МОН: Училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелствата

Илустрација

Неколку средни училишта низ земјава наплаќаат такси за издавањето на свидетелства, соопштија денеска од Средношколскиот сојуз. Во нивното соопштение е наведено дека изминатава година го адресирале проблемот, по што дел од училиштата кои ја применувале оваа пракса ја прекинале наплатата, но проблемот продолжува да се јавува во одредени училишта.

„Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. За жал, овие такси не се појава само во тетовските училишта. Скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплатува од своите ученици 100 денари за свидетелството, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик“, велат од Сојузот.

Министерството за образование соопшти дека училиштата не смеат да наплаќаат такси за издавање на свидетелствата и тоа им го укажале со допис уште пред крајот на учебната година.

Во реакцијата на Министерството за образование и наука беше наведено дека педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5 отсто во случај на грешки и слично.

„Потсетуваме дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование, секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“ истакна во соопштението МОН.

Османи: Остануваат разликите со Бугарија

Очигледна е необичната зголемена активност од сите земји членки и едно јасно искажување на ставот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи околу спорот со Бугарија. Но, додава дека не може да каже точно каков ќе биде исходот од претстојниот самит на ЕУ и дали земјава ќе ги почне преговорите со Унијата, оти остануваат разликите со Бугарија.

Тој потенцира дека сите разговори се по однос на португалскиот предлог. Тој потенцира дека Владата и на билатерална основа комуницира со Република Бугарија и оти дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија, да го договорат акцискиот план и патоказот ако евентуално има договор.

„Тоа е едниот пат којшто го работиме на билатерална основа. А вториот е, се разбира, единствениот предлог на маса – португалскиот предлог којшто ние сметаме дека е добра основа за решение. Предлог којшто ги адресира сензитивностите на сите три страни во процесот и се надеваме дека нашиот ангажман на овие две патеки, билатералната и преку предлогот на португалското претседателство, на крај ќе се сведе на едно решение коешто ќе значи деблокирање на европскиот процес“ одговори на новинарско прашање Османи по прес конфенецијата на која беа најавени новите економски советници кои ќе заминат во дипломатско-конзуларните претставништва.

Османи најави една средба в понеделник со бугарскиот претседател и технички премиер во рамки на самитот на НАТО, а тој во четврток ќе се сретне со неговиот бугарски колега во Турција.

„Меѓутоа, сите разговараме по однос на португалскиот предлог. Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, којшто се одржува еднаш годишно, а го водат високиот претставник, во случајот Борел од страна на ЕУ и министерот за надворешни работи, но се присутни сите земји членки и секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни Османи.

Најмалку 13 ранети во вооружен напад во Тексас

Илустрација

Најмалку 13 луѓе беа ранети во пукотница во центарот на Остин, Тексас. Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач се уште е на слобода. Двајца од ранетите се во животоазагрозувачка состојба се вели во соопштението. Инцидентот се случил изутринава и засега нема починати.

„Во овој момент не се познати причините и мотивите за инцидентот, но поради претпазливост за настанот се известени работите групи за борба против тероризам на ФБИ“ се наведува во полициското соопштение.

Нови 21 случаи на заразени со ковид-19 и едно починато лице

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Дваесет и еден нов случај на КОВИД-19 се евидентирани во изминативе 24 часа од направени 4370 тестирања. Во изминатоово деноноќие евидентиран е еден починат од последици од ковид-19 и седум оздравени пациенти се регистрирани во последните 24 часа, соопшти Министерството за здравство.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.507, бројката на оздравени пациенти е 149.612, на починати е 5.470, а бројот на активни случаи изнесува 425.

Родителите на Пратасевич барат помош од Меркел

Белоруски блогер и опозициски активист Раман Пратасевич

Родителите на сега притворениот белоруски блогер и опозициски активист Раман Пратасевич кој што беше приведен во Минск откако меѓународниот авионски лет на Рајанер беше принудно пренасочен кон белорускиот аеродром, бараат од германската канцеларка Ангела Меркел помош за негово ослободување. Родителите Димитри и Наталија Пратасевич кои побегнаа во Полска пред 10 месеци, во интервју за германскиот весник Билд, изјавија дека нивниот 26 годишен син заедно со другите белоруски политички затвореници се подложни на мачење во белорускиот притвор.

„Бараме помош од вас, да ни помогнете да ги извлечеме сите невини луѓе од белоруските затвори. Итно ни е потребна помош, затоа што тие секојдневно се изложени на садизам и насилство“ изјави мајката на Пратасевич во апелот до Меркел.

Роман Пратесевич и неговата девојка со руско потекло Софија Сапагер беа приведени на 23 мај годинава на аеродромот во Минск откако авионот на Рајанер принудно слета затоа што белоруските власти спроведоа потера по него поради наводно сомнеж за поставена бомба во во него.

„Ве молам запрете го Лукашенко, секој изминат ден, секој измина час значи ги чини живот невините луѓе, вклучувајќи го и нашиот син“ побара неговиот татко во интервјуто.

Роман Пратасевич се соочува со обвинувања за потикнување на граѓански немири во Белорусија што значи дека може да биде осуден на повеќе од 15 години затворска казна.

Активни 425 случаи на ковид-19

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Бројот на активни случаи во државава изнесува 425 од кои 189 се во Скопје. На инфективните одделенија во државава се лекуваат 109 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, од кои 43 се во Скопје.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 20 случаи на Ковид-19 од 2.885 тестирања, две лица починале и 30 пациенти оздравеле. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.507, бројот на оздравени пациенти е 149.612, а на починати е 5.470.

Според податоците на веб страницата на министерството за здравство вакцинација.мк досега во државава се вакцинирале 254.154 граѓани. Засега се аплицирани 431.174 дози вакцини, а ревакцинирани се 177.020 граѓани.

Русија не дозволи прикажување на победничкиот филм на овогодишното Берлинале

Романскиот режисер Раду Жуде на фимлот „Баксузен секс или урнебесно порно“

Руското министерство за култура одби да издаде дозвола за дистрибуција на филмот на романскиот режисер Раду Жуде за фимлот „Баксузен секс или урнебесно порно“ кој ја освои престижната награда „Златна мечка“ за најдобар филм на овогодишниот Берлински меѓународен филмски фестивал.

Министерството соопшти дека причина за таквата одлука е тоа што со овој филм се прекршуваат руските закони за порнографија. Филмот е сатира со кој се прикажува животот на една наставничка чија репутација во училиштето е под закана откако видео со сексуална содржина од неа и нејзиниот сопруг „протекува “ на интернет. Во него, и покрај силниот притисок од родителите и јавната осуда, наставничката одбива да се повлече од работното место.

Според жирито на Берлинале-то филмот е „уметничко дело“.



Македонските граѓани тргнати од германската „црвена листа“

Меѓународен аеродром Скопје

Македонските граѓани од утре ќе може слободно да патуваат во Германија. Земјавава е избришана од германската листа на ризични земји поради Ковид-19. За македонските граѓани кои ќе патуваат во Германија, повеќе нема да важат строгите ограничувања поради коронавирусот. Од германската „црвена листа“ од утре ќе бидат тргнати и други земји од Западен Балкан.

Со ова олабавување на мерките за македонските граѓани кои патуваат со автомобил нема да важат обврските за дигитална пријава на патувањето, за негативен ПЦР-тест, како и за карантин. За тие кои што ќе пристигнат во Германија со авион и натаму ќе мора да имаат потврда за негативен ПЦР-тест или потврда за прележан Ковид-19 или потврда за целосна вакцинација пред поаѓањето, се наведува во извештајот на Институтот Роберт Кох.

Бројот на активни болни од ковид-19 во земјава секојдневно паѓа, а според последната статистика од Институтот за јавно здравје, изнесува 425.

Германскиот институт, исто така отстрани повеќе земји како: Австрија, САД, Канада, Ерменија, Азербејџан, Канада, Либан, Молдавија, Украина и Кипар. Велика Британија сѐ уште е на листата.

Ослободена активиска на годишнина од протестите во Хонгконг

Агнес Чау на денот на приведувањето во Хонконг

По шест месеци поминати во затвор, истакнатата активистика за демократија во Хонког Агнес Чау денеска излезе од затвор на втората годишнина од почетокот на масовните протести на 12 јуни. 24 годишната Чоу пред новинарите се појави со маица на која пишувало„ Тебе ти оди толку добро“, но не сакаше да даде јавно да коментира.

Таа помина повеќе од 6 месеци во затвор поради учество на протест пред полициска станица во 2019 година, кога Пекинг воведуваше пакет законо за безбедност со кој се задира во управувачкиот и економскиот систем на Хонконг.

Таа беше осудена заедно со уште неколкумина млади организатори на протестите кои остануваат во притвор. Илјадници полицајци денеска беа во готовс да ги спречат напорите на демонстрантите да ја одбележат годишнината од уличните протести во 2019.

Ново пролонгирање на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид

Илустрација, автопат

Ново пролонгирање на рокот за изградба на автопатот Кичево- Охрид. Директорот на Јавнот претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми изјави дека во завршна фаза се преговорите со изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31 декември 2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид.

Тој во интервју за новинската агенција МИА вели дека причината била изработка на дополнителна проектна документација за завршување на проектот. Во оваа фаза била изработена анализа за крајниот рок на завршување на работите која се темели на три аспекти и тоа: зголемен обем на работите, реализација на преостанати финансиски средства и решавање на дополнителната експропријација произлезена од дополнителната проектна документација.

„Вкупниот прогрес на градежните работи по основниот договор изнесува 90 проценти, а 62 проценти според основниот договор и анекс договорот, “изјави Рустеми.

Изградбата на автопатот во должина од 57 километри почна во 2014, а по проблемите кои настанаа на трасата првичниот рок за завршување предвиден за 2018 година, со анекс на договорот беше пролонгиран за крајот на месецов.
Во однос на одлуката на Владата за ослободување од плаќање патарина за возила на српски туристи за време на летната сезона, М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат, вели Рустеми.

Оваа одлука треба да стапи во сила на 15 -ти јуни и е донесена во знак на благодарност за вакцините што ги донираше Србија за државава.

„На сите кабини на наплатните станици од Коридор 10, има читачи на електронски М-Смарт картички, видно обележани со портокалова рамка и доволно е само да се доближи картичката за да се изврши отчитување и со тоа и да се наплати патарина со одземање средства од картичката. Сумата која е ставена како припејд кредит е пресметана сума за патарина за 1Б категорија (патнички возила) за наплатните станици од Куманово (Романовце) до Гевгелија во висина од 760 денари, надомест за патарина во двата правци. Но, со оглед на тоа дека електронската картичка М-Смарт Кард чини 100 денари, вкупната сума за изработка на картичка чини 860 денари. Веќе изработените М-Смарт картички ЈПДП ќе ги предаде на Министерството за внатрешни работи кои потоа ќе ги распредели на возила со српски туристи кои ќе поминат на ГП Табановце“, вели Рустеми.



Самит на земјите од Г7- Пандемијата и недостигот од вакцини во фокусот

Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон Претседателаката на Европската комисија Урсула вон ден Лејен, Претседателот на Европскиот Совет European Чарлс Мишел, италијанскиот премиер Марио Драги и канадскиот премиер Џастин Трудо

Пандемијата со ковид-19 и социјално -економската нееднаквост се во фокусот на денешниот самит во Британија на лидерите на земјите од групата Г-7. Претседелите на Велика Британија, Канада, Фрнација, Германија, Италија, Јапонија и САД се очекува да разговараат за координиран одговор за спречување на развојот на пандемијата. Денешниот самит го отворија со теми поврзани со споделување на вакцини со посиромашните земји како и дискусии за поправедна економија.

Британскиот премиер Борис Џонсон кој е домаќин на овој Самит вели дека не смее да се дозволи ковид-19 да остави „траен белег“ врз светот. Соочувајќи се со критика за разликата обезбедување на вакцини за имунизација на населението меѓу богатите и сиромашните земји, на Самитот е предвидено и спогодба со која земјите од Г-7 ќе одвојат вкупно една милијарда дози вакцини за посиромашните земји.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно вети дека САД ќе донира пола милион вакцини од фирмата Фајзер во текот на следната година. Џонсон вети дека најмалку 100 илјади дози од своите резерви ќе ги сподели со посиромашни земји. Британските власти како домаќини на Самитот, најавија дека по дискусијата се очекува да биде објавен и пакет на мерки насочени за справување со пандемијата.

Тридневниот состанок на лидерите на Г7 претставува и огромна можност за глобално економско закрепнување по пандемијата.

Од пладне локален пороен дожд со грмежи

Облаци над Скопје

Денеска се очекува променливо облачно време а од пладневните часови нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во одредени делови од државата се очекува и услови за појава на град и силни електрични празнења, како и краткотраен но силен и интезивен дожд. Дневната температура ќе се движи од 18 до 30 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно, а од пладневните часови нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне до 28 степени.

Италија го отвори Европското првенство со 3 – 0 против Турција

Италија го почна Европското првенство во фудбал со победа против Турција. Првиот натпревар од Европското на Олимпискиот стадион во Рим заврши со 3 – 0 за Италија.

Сите голови паднаа во второто полувреме.

За прв пат во историјата, првиот гол на едно Европско првенство беше автогол. По нафрлувањето на Доменико Берарди од десната страна во 53-тата минута, топката го погоди Мерих Демирал и заврши во голот на Угурчан Чакир.

Вториот гол во 66 минута беше дело на Беради кој налета на одбиената топка од Чакир по силниот шут на Леонардо Спинацола.

Конечните 3 – 0 ги постави Лоренцо Инсиње во 79 минута.

Османи - Нема потреба од протести, спремен сум да реферирам пред пратениците

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку својот Фејсбук профил порача дека е спремен да реферира пред пратениците.

Тој упати јавна порака до претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика заеднички да го утврдат првиот слободен термин на кој ќе реферира пред пратениците за сите актуелности од доменот на надворешната политика. А паралелно со тоа да се договори термин на кој избраните амбасадори ќе ги презентираат тезите, со што ќе го ослободиме и процесот за нивно упатување во испразнетите амбасади.

„Нема потреба од протести, јас отсекогаш сум бил подготвен и да ги претставам состојбите пред опозицијата, и да реферирам во Парламентот пред пратениците“, напиша Османи, по денешниот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред МНР.

На протестите од партијата побараа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се појават пред Собранието и да им објаснат на граѓаните преку пратениците за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија.

Филипче - Расте свесноста за дарување органи

Министерот за здравство, Венко Филипче

Успешно завршила и четвртата трансплантацијата на срце во државата, а срцето го добил 51-годишен пациент кој немал друга алтернатива, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот вели расте свесноста за дарување органи.
Дарител на органите е 44-годишна пациентка кај која дијагностицирана мозочна смрт.

Добро се чувствувале и пациентите кај кои е извршена трансплантација на бубрези. Тие се на возраст од 23 и 30 години. А ќе се изврши и трансплантација на коскеното ткиво.

Здравствените власти се надеваат дека наскоро ќе може да се изврши и трансплантација на црн дроб. заедно со екипите од абдоминална хирургија и гастроентерохепатологија,

За една година се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.

Србија ја одобри вакцината на Фајзер за деца на возраст од 12 до 15 години

Вакцинација со виакцината на Фајзер во Србија

Одобрена е употребата на вакцината против ковид -19 на Фајзер за деца на возраст од 12 до 15 години, соопшти Српската агенцијата за лекови и медицински помагала.

Од Агенцијата соопштија дека се исполнети највисоките професионални критериуми поврзани со безбедноста и ефикасноста, по што е постигнат заклучок дека оваа вакцина може да се користи кај популација на возраст од 12 до 15 години во Република Србија, се наведува во соопштението на Агенцијата за лекови.

Потоа може да започнат активностите на надлежните институции, стручни комисии и тела надлежни за имунизација, како и педијатри, за да се исполнат неопходните услови и да се дефинираат дополнителни критериуми пред навистина да започне имунизацијата на деца од споменатата возраст.

На граѓаните во Србија им се достапни вакцините на Фајзер/БиoНTек, Астразенека, Спутник Ве и Синофарм.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG