Достапни линкови

„Спасувачка мисија“ пред одлуката за датум за преговори на Советот на ЕУ


Македонско знаме и знамиња на ЕУ
Македонско знаме и знамиња на ЕУ

И додека владините претставници ги интензивираат средбите со европските дипломати за да ги убедат дека заслужуваме датум во октомври, аналитичарите сугерираат тие напори да ги насочат кон најскептичните земји членки на Унијата.

Шведска, Брисел, Берлин, Варшава се европските метрополи кои во следниот период ќе ги посети вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи како дел од европската турнеја во пресрет на одлуката за почеток на преговорите во октомври оваа година. Веќе некое време и министерот за надворешни работи Никола Димитров е на средби со истакнати дипломатски претставници во обид да ги убеди дека земјава заслужува да добие датум за пристапни преговори со Европската Унија.

Домашни аналитичари уверуваат дека владините претставници треба да лобираат и да ги интензивираат средбите со европските дипломати во овој период, но нагласуваат дека таа агенда треба да биде насочена само кон земјите членки кои најмногу се двоумат околу позитивната одлука за пристапните преговори.

„(Министрите)Треба да се трудат, но тие напори треба да се насочени. Брисел не е проблем. Државите членки се клучни. Треба да се оди кон земјите кои се „најколебливи“ околу одлуката за добивање датум. Треба да се оди во Париз, таму треба да ги убедуваме. Поважно е сега дали ќе не одвојат од Албанија. Албанија нема да помине, но работата е ние да поминеме“, вели Љупчо Петковски, извршен директор на Центар за европски стратегии Евротинк.

Дали ќе се добие саканиот датум за отпочнување преговори најверојатно ќе биде неизвесно до крај. Преспанскиот договор е аргумент на наша страна, но тој е сега во сенка на актуелните политички случувања во земјава, вели Петковски.

„Аргумент на наша страна е Преспа, со тоа што тој аргумент полека избледува. Не е агрумент тоа што се случи со „Рекет“ и него апсолутно ќе го искористат колебливите земји членки кои можат да кажат дека еве се работи за една корумпирана држава во која ништо не се менува“, вели Петковски.

За универзитетскиот професор Мерсел Биљали, Владата спроведува спасувачка мисија во однос на нашите евроинтеграции, особено откако се обелодени аферата „Рекет“. Не ни оди во прилог и тоа што нема договор за законот за јавно обвинителство, вели Биљали.

„Поради аферата „Рекет“ изгледа дека Владата изгубила кондиција и крминалната структура успеала доста да и наштети. Затоа сега Владата е фокусирана врз една спасувачка мисија за да добие датум за преговори во октомври. Играта е се или ништо. Владата оправдано со сите капацитети сега дејствува спасоносно и подоцна тоа би можело да се валоризира ако направиме добри чекори во однос на севкупните реформи во судството, државната администрација итн“, вели професорот Биљали.

Дека случајот „Рекет“ е тест за институционалниот капацитет на земјата, но и за добивањето на датум за преговори во октомври потврди вицепремиерот Османи во интервју за нашето радио. Според него, иако обвинение за „Рекет“ нема да има до октомври, доколку продолжи храброто пристапување на обвинителството кон решавање на случајот, земјите членки на ЕУ кои го следат процесот тоа ќе го ценат без разлика во која фаза е постапката.

Во меѓувреме, еврокомесарот Јоханес Хан, кој наскоро го напушта ресорот проширување и добрососедска политика во ЕК, изјави дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат отворање на преговорите за членство во ЕУ. Во интервју за црногорскиот весник „Вјести“, Хан вели дека патот за Западен Балкан е реален и жив, а евроинтеграциите на балканските земји се во интерес на Европската Унија. Северна Македонија, смета Хан, направи значителен напредок, а најзначајно е потпишувањето на Договорот од Преспа и решавањето на спорот со Грција.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG