Достапни линкови

Новиот состав на ЕК поволен за проширувањето на Унијата


Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лeјен е номинирана за претседателка на Европската комисија.

Новата поставеност на европските највисоки функции може да се каже дека е во корист на Македонија, бидејќи евроскептичните земји и партии кон проширувањето на Европската унија, не добија свои претставници во телата поврзани со приклучувањето на нови членки, сметаат аналитичари од земјава.

Номинираните кандидати треба да ја предводат Европската унија во наредните пет години, откако тоа ќе го одобри Европскиот парламент. Аналитичари од земјава коментираат дека е позитивно тоа што за некои од клучните позиции за проширувањето, предложени се личности кои ја поддржуваат Македонија.

Урсула фон дер Лајен е актуелна министерка за одбрана на Германија и кандидатка за претседателка на Европската комисија на местото на Жан Клод Јункер. Таа беше прва жена министерка за одбрана во Германија и доколку биде избрана ќе стане прва жена на чело на Европската комисија.

Од друга страна, актуелниот министер за надворешни работи на Шпанија Жозеп Борел е кандидат за шеф на дипломатијата на ЕУ, односно ќе ја наследи Федерика Могерини.

„Шпанскиот претставник во телото за надворешна полтитика, под кое ќе влезе портфолиото за проширување, е поддржувач на самиот процес, како и Урсула фон дер Лејен која е кандидирана за претседателка на Европската комисија, која веќе еднаш беше во посета на земјата околу референдумот и која е силен поддржувач на проширувањето и исто така, се разбира, ја држи линијата на германската политика кон нашата земја. Така што може да се каже дека поволниот контекст е на наша страна“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис.“

Меѓу номинираните за другите функции се актуелниот премиер на Белгија Шарл Мишел за кандидат за претседател на Европскиот совет, а поранешната француска министерка за трговија и подоцна за финансии Кристин Лагард е кандидатка за шеф на Европската централна банка, која функцијата треба да ја преземе од Марио Драги.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета оти добар знак е самиот факт што е постигнат договор меѓу големите сили за распрелбата на функциите, бидејќи, според него, тоа значи оти е можно да се постигне усогласеност и за европроширувањето.

„Мислам дека првичната реакција на Макрон се уште треба да се земе со доза на внимателност и резерва, бидејќи мислам дека дополнителните преговори, особено имајќи ја предвид заинтересираноста на Германија за европроширувањето, допрва ќе следат, а фактот што се договорени за основните функции мислам дека е добар сигнал дека може да се постигне договор и по прашањето за европроширувањето“, вели Арсовски.

Трошановски истакнува дека Македонија може да очекува поддршка, особено бидејќи француските политичари, кои се главно резервирани за проширувањето, ќе го раководат делот на финансиите што не ја засега оваа сфера.

„Како ќе се развие овој компромис до којшто се дојде и како ќе се ефектуира врз ставот на Франција за добивање датум наесен, се уште е тешко да се каже. Ако се земе дека и претседателот Макрон ја поддржа номинацијата на Урсула фон дер Лејен за претседателка на Европската комисија, можеме да сметаме дека дел од неговите барања, за реформа на Унијата или човек којшто би ги буткал тие реформи, се задоволени што е малку поголем ветер кон олабавување на францускиот став за проширувањето“, вели Трошановски.

На новинрско прашање какви се очекувањата на македонската Влада од новиот состав во Европската комисија, премиерот Зоран Заев изјави дека досегашната министерка за одбрана на Германија Урсула фон дер Лeјен е „докажан пријател“ на земјата и оти таа „во себе носи огромно чувство“ за поширувањето. Тој посочи и дека имале одлична соработка со Жозеп Борел и со Шарл Мишел, и е „убеден“ дека земјата ќе добие датум за почеток на преговори во октомври.

Некои пратеници од ЕП се противеа на пакетот номинации и сега треба да се види како Европскиот парламент ќе гласа по големиот одѕив на гласачите на европскиот избори во мај.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG