Достапни линкови

И за „Траекторија“ се бара прекин на судењето заради Катица Јанева


Одбраната бара прекин на главната расправа на судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид „Траекторија“ додека Советот на јавни обвинители и Собранието не се произнесат за разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Судот во моментов е на пауза од половина час за да одлучи за барањето на одбраната за прекин на рочиштето додека Советот на јавни обвинители и Собранието не се произнесат за разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. На судењето се присутни сите обвинети со исклучок на поранешниот премиер Никола Груевски кому му се суди во отсуството.

Одбраната смета дека нема легитимитет да се застапува било кој предмет покренат од Јанева, вклучително и овој додека не се произнесат двете институции надлежни за нејзиното разрешување.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

XS
SM
MD
LG