Достапни линкови

Вести

Од ЕУ велат дека мерките против Косово остануваат на сила

Илустрација
Илустрација

Официјални претставници на Европската унија (ЕУ) велат дека рестриктивните мерки против Косово ќе бидат укинати кога за тоа ќе одлучат земјите-членки на ЕУ, а не косовските политичари.

„Останува на земјите-членки да ја разгледаат ситуацијата и потоа заедно со европските институции да одлучат дали ќе ги укинат мерките или не. Можам само да потврдам дека разговорите се уште се во тек, а можам да ве потсетам дека мерките не се уште подигнати“, изјави на 2 мај портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Овој коментар на портпаролот Стано во Брисел доаѓа откако косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки против Косово.

Во јуни минатата година, ЕУ воведе мерки против Косово, откако косовските власти ги игнорираа барањата за деескалација на ситуацијата во општините со српско мнозинство на север.

Казнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.

Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.

Неколку дипломатски извори изјавија за РСЕ во Брисел на крајот на април дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.

види ги сите денешни вести

Европскиот суд пресуди во корист на РСЕ во случајот против Азербејџан

ЕСЧП (фотоархива)
ЕСЧП (фотоархива)

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 13 јуни едногласно одлучи дека одлуката на владата на Азербејџан да го блокира пристапот до азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) претставува кршење на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Азербејџанскиот сервис на РСЕ, познат како Азадлик, беше блокиран во 2017 година по пресуда на судот во Баку, во која се тврди дека на веб-страницата е објавена содржина која „промовира насилство и верски екстремизам“ и, меѓу другото, „повикува на масовни немири“.

Уште четири други медиуми (anaxeber.az, 24Saat.org, az24saat.org и xural.com), се приклучија на случајот на РСЕ покренат против Азербејџан пред Европскиот суд.

Овие четири медиуми беа обвинети за објавување „лажни, погрешни и клеветнички информации“.

РСЕ и другите тужители во нивната тужба наведоа дека одлуката за блокирање на нивните веб-страници е „екстремна“.

Тие тврдеа дека главната причина поради која биле забранети е нивната критика кон владата и известувањето за корупција.

Потегот за блокирање на азербејџанскиот сервис на РСЕ дојде откако РСЕ објави истражувачки стории за финансиски активности поврзани со членовите на семејството на претседателот Илхам Алиев и неговото потесно опкружување.

Истражувањето РСЕ го спроведе во соработка со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) со седиште во Сараево.

За пресудата против РСЕ од судот во Баку во 2017 година, РСЕ реагираше дека владата прави „уште еден бесрамен обид“ да го „замолчи нашето известување во Азербејџан“.

Во одлуката од ЕСЧП се наведува дека азербејџанската влада треба да им исплати на секој од тужителите по 6.000 евра за отштета и други трошоци.

Претседателот Алиев ја презеде власта во оваа поранешна советска република кратко пред смртта на неговиот татко кој беше долгогодишен претседател, Хејдар Алиев, во 2003 година.

Тој ги отфрла постојаните критики на негова адреса што се упатуваат од групите за права и западните влади кои велат дека ги затворал критичарите со лажни изговори и ја злоупотребил моќта против неистомислениците.

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан за време на посетата на Сараево во февруари годинава.
О’Брајан за време на посетата на Сараево во февруари годинава.

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак, разговараа за случувањата на Западен Балкан и очекувањата во наредниот период.

Информацијата ја објави Лајчак, но повеќе детали за разговорот не се познати.

Лајчак наскоро ќе ја напушти функцијата специјален пратеник за дијалог и заминува на нова позиција. Сè уште не се знае кој ќе го наследи, бидејќи ќе се чека конституирање на новиот состав на Европскиот парламент по изборите што се одржаа од 6 до 9 јуни.

О’Брајан, кој често зборуваше за Балканот во изминатите месеци, на брифинг со новинарите во јануари ги поддржа напорите на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, предводени од Лајчак.

Тој потоа ги повика Косово и Србија да ги исполнат своите одговорности во рамките на процесот и додаде дека „има одреден напредок“ во последните месеци.

Во јануари, О’Брајан зборуваше и за ситуацијата на северот на Косово, за изборите во Србија, за идеите на Милорад Додик за отцепување на Република Српска, како и за руската инвазија на Украина.

Американскиот функционер ги повика Белград и Приштина да избегнуваат провокативни акции на северот на Косово во општините со мнозинско српско население. Тој посочи дека косовската полиција добро соработува со ЕУЛЕКС и НАТО и додаде дека комуникацијата со Белград овозможила смирување на ситуацијата на северот.

„Имаше чекори напред во дијалогот и справувањето со практични, секојдневни прашања како што се регистарските таблички и царинските документи“, рече О’Брајан.

Обидите на Милорад Додик (претседател на Република Српска, еден од двата ентитета на БиХ) да го оттргне вниманието од вистинските проблеми во Босна и Херцеговина со „националистички циркус“ не се во интерес на земјата, рече тогаш О’Брајан, говорејќи за ситуацијата во БиХ.

Во март, пак, О’Брајан рече дека САД ги следат сите случувања и очекуваат Србија и Косово да ги намалат тензиите. Србија знае дека употребата на сила против Косово би била неприфатлива, изјави тогаш американскиот функционер.

Во април тој го посети Белград каде разговараше за подобрување на изборните услови во Србија со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, и истакна дека е важно што е започнат дијалогот со опозициските партии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 16 мај во Котор на Самитот на лидерите од Западен Балкан изјави дека се сретнал со О’Брајан и разговарал за Косово и за Резолуцијата на ОН за Сребреница, која веќе била предложена, а подоцна, на 23 мај, усвоена од генералното Собрание на ОН.

Со резолуција, 11 јули, денот кога, според пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, српските сили извршиле геноцид со убивање на повеќе од 8.500 Бошњаци во Сребреница, е прогласен за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница од 1995 година“.

Хил: Признавањето на Косово не е услов за влез на Србија во ЕУ, туку нормализација

Архивска фотографија, американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил
Архивска фотографија, американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, изрази уверување дека формалното признавање на Косово нема да биде услов за влез на Србија во Европската унија (ЕУ), туку нормализација на односите со Приштина.

Во интервју за неделникот НИН од 13 јуни, Хил рече дека Европејците го прашуваат Белград „токму тоа што велат дека го бараат, а тоа е нормализација“ и додаде дека ЕУ сака мир и безбедност во регионот и секако меѓу Косово и Србија.

„Мислам дека тие многу јасно кажаа дека има членки на ЕУ кои не го признаваат Косово, така што вистинското прашање е да се обидеме да дојдеме до нормализација каде што тие граници нема да бидат граници што ги делат, туку граници што обединуваат, граници што навистина ги обединуваат“, изјави Хил.

Хил рече дека САД ги поддржуваат аспирациите на Србија да стане членка на ЕУ и се обидуваат да и помогнат „во тој потфат, бидејќи е сосема јасно дека Србија во иднина ќе биде дел од Европската унија“.

Тој додаде дека САД „многу јасно ставиле до знаење“ дека би сакале Србија да се приклучи на санкциите против Русија, но додаде дека Србија „исто така презела некои важни чекори за да и стави јасно до знаење на Русија дека не се согласува со агресијата што земја извршена против својот сосед“.

„Имаме многу добар дијалог со Србија. И, да, Србија презеде некои многу конкретни мерки за да и даде до знаење на Русија дека она што го направи во Украина не може да се одржи. И порано или подоцна Русија ќе мора да постигне мировен договор и да се повлече од Украина, па мислам дека добро се разбираме со Србија“, изјави Хил.

САД се „многу разочарани“ што во Владата на Србија повторно има две лица кои се под американски санкции - вицепремиерот Александар Вулин и министерот без ресор Ненад Поповиќ, посочи Хил во интервјуто.

УНХЦР:Присилното раселување се искачи на највисоко ниво во светот

Илустрација, Бегалци од Демократската Република Конго
Илустрација, Бегалци од Демократската Република Конго

Присилното раселување се искачи на највисоко ново ниво во светот минатата и оваа година, покажува извештајот на Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР. Вкупната бројка на раселени граѓани достигна 120 милиони до крајот на мај годинава.

Тоа е 12-то последователно годишно зголемување на раселувањето. Причината за високите бројки се новите конфликти како и неуспехот да се изнајде решение за кризите, се вели во извештајот.

Бројката на светската раселена популација е еднаква на дванаесеттата најголема држава во светот, околу големината на Јапонија.

Она што драстично ја зголеми бројката на раселеното население е конфликт во Судан, од каде до крајот на минатата година вкупно 10,8 милиони Суданци беа раселени.

Во Демократската Република Конго и Мјанмар, милиони луѓе беа внатрешно раселени минатата година заради брутални борби.

Според проценките во извештајот до крајот на минатата година, до 1,7 милиони лица (75 отсто од популацијата) беше раселена во Појасот Газа како резултат на израелската офанзива, од кои најголемиот број беа палестински бегалци.

Сирија останува најголемата криза на раселување во светот, со 13,8 милиони присилно раселени лица внатре и надор од државата.

„Зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии. Тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување“, изјави Високиот комесар на ОН за бегалци,Филипо Гранди.

Најголемото зголемување во бројките на раселување доаѓа од луѓето кои бегаат од конфликт, а остануваат во сопствената држава, број кој се искачи на 68,3 милиони лица, се вели во извештајот на Центарот за мониторинг на внатрешното раселување.

Бројот на бегалци и други на кои им е потребна меѓународна заштита се искачи на 43,4 милиони, вклучувајќи ги лицата под мандатите на УНХЦР и УНРВА.

Најголемиот дел од бегалците се згрижени во држави од нивното соседство, а 75 отсто од нив живеат во држави со низок и среден приход кои заедно произведуваат помалку од 20 отсто од светскиот приход.

Извештајот покажа дека низ светот повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023г. Овие бројки покажуваат некој напредок кон подолготрајни решенија,се вели во соопштението на УНХЦР.

„На бегалците – и на заедниците кои се нивни домаќини – потребни им се солидарност и подадена рака. Тие можат и придонесуваат кон општествата каде што се вклучени,“ додаде Гранди.

Израелската војска навлезе длабоко во Рафа

Илустрација, израелски војници во Појасот Газа, 4 јуни 2024
Илустрација, израелски војници во Појасот Газа, 4 јуни 2024

Израелските тенкови напредуваа подлабоко во западната област Рафа, среде една од најлошите ноќи на бомбардирање од воздух, земја и море, принудувајќи многу семејства да ги напуштат своите домови и шатори под темнина, изјавија жителите во четвртокот на 13 јуни за новинската агенција Ројтерс.

Жителите на Рафа тврдат дека израелските сили извршуваат напади врз областа Ал-Маваси во Рафа во близина на плажата, која е означена како хуманитарна област во сите мапи објавени досега од израелската армија откако ја започна офанзивата Рафа во мај годинава.

Израелската војска во соопштение негираше дека извршила какви било напади врз хуманитарната зона Ал-Маваси.

Во нивното соопштенеие е наведено дека израелскиот напад имал за цел да ги избрише последните недопрени борбени единици на Хамас во Рафа, град во кој се засололнија над еден милион луѓе пред да започне израелската офанзива.

Во соопштението на израелската војска се вели дека продолжуваат со „разузнавачки, насочени операции“ на Рафа, велејќи дека силите во изминатиот ден пронашле оружје и убиле палестински вооружени лица во борби од близок дострел.

Израел ја отфрли можноста за мир додека Хамас не биде искорен, а голем дел од Газа е во урнатини. Но, Хамас се покажа отпорен, а милитантите повторно се појавија за да се борат во областите каде што израелските сили претходно изјавија дека ги поразиле и се повлекле, јавува Ројтерс.

Уште три дена училиште по скратена настава

Основно училиште Кочо Рацин - Скопје
Основно училиште Кочо Рацин - Скопје

Учениците во основните училишта денеска и утре имаат скратени часови, бидејќи наставата се одржува во услови на топлотен бран невообичаен за овој дел од годината.

До крајот на учебната година им останаа уште три работни дена.

Скратената настава е одговор на барањето на родителите кои реагираа дека во училиштата нема услови за работа и повикаа годинава порано да се заврши со наставата.

Од Министерството за образование и наука претходно информираа дека не може да се стави крај на учебната година бидејќи со закон е пропишано таа да трае 180 дена и повикаа граѓаните да се придржуваат до препораките за заштита од топлото време кои се согласни со оние на Центрите за јавно здравје.

Оваа учебна година основците и средношколците за прв пат имаа пролетен распуст кој траеше од 26-ти април до 6-ти мај.

Поради тоа и крајот на учебната година се пролонгира до 17-ти јуни.

САД се свесни дека Русија дава украински деца на посвојување

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека САД се свесни за „новите и веродостојни извештаи“ дека Русија ги ставила имињата на киднапираните украински деца на веб-страниците за посвојување.

Во изјавата од 12 јуни, Саливан го опиша развојот на ситуацијата како „одвратен и застрашувачки“.

Тој призна дека од почетокот на целосната инвазија на Украина, руските власти депортирале стотици илјади украински цивили во Русија, „вклучувајќи ги и децата кои биле насилно одвоени од нивните семејства“.

Тој нагласи дека овие деца им припаѓаат на нивните семејства, додавајќи дека Русија „војува не само против украинската армија, туку и против украинскиот народ“ и „врши воени злосторства и злосторства против човештвото во Украина“.

Според официјалните украински податоци, повеќе од 19.500 деца биле незаконски однесени и испратени во Русија откако Москва ја започна својата инвазија пред речиси две години. Зеленска предупреди дека Русија го забрзува процесот на посвојување и дека има двојно влијание врз нивните животи бидејќи тие се уште се таму.

Првата дама на Украина, Олена Зеленска, во февруари ги повика граѓаните на Киев брзо да започнат заеднички напори за да ја принудат Москва да ги врати украинските деца одведени во Русија од СССР, велејќи дека тоа не треба да се прави.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Зеленска рече дека Украина работи со западните земји врз механизмот за развој и правилна имплементација и ја притискаат Москва да ги ослободи нивните куќи.

Почнува самитот на Г7 - согласност за планот за финансирање на Украина поддржан од замрзнати руски средства

G 7 самит
G 7 самит

Самитот на Г 7 започнува денеска во Италија со претходно постигнат договор за предлогот на САД за поддршка на заемот од 50 милијарди долари за Украина со користење на замрзнати руски средства. Целта, како шо јавува Асошиетед прес е да се покаже силна подршка за Киев кога европската политичка сцена по изборите за ЕУ парламентот се префрла надесно.

Џејмс О'Брајан: САД имаат за цел да „изградат мост“ за Украина во НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Дипломатите потврдија дека е постигнат договор пред лидерите да слетаат во јужна Италија на тридневниот самит. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде присутен и се очекува да потпише посебен билатерален безбедносен договор со американскиот претседател Џо Бајден.

САД и Франција бараат Северна Македонија да се придржува до своите меѓународни обврски

Илустрација
Илустрација

Соединетите Американски Држави и Франција бараат новата Влада во Северна Македонија да ги почитува меѓународните обврски и договори.

На брифинг Белата куќа денеска објави патоказ кој го утврдиле претседателите на двете држави, Џо Бајден и Емануел Макрон на средбата во Франција.

Во делот за меѓународните теми на Вашингтон и Париз, дел има и за Западниот Балкан во кој се поздравува континуирана блиска соработка за интеграција на регионот каде поконкретно Северна Македонија се споменува во една реченица.

„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски“, брифираат од Белата куќа за француско американскиот патоказ.

Ова доаѓа откако Северна Македонија беше критикувана од своите соседи, но и набљудувана од меѓународната заедница бидејќи Претседателката Гордана Сиљановска Дафкова, при својата заклетва во Собранието на РСМ не го изговори уставното име Северна Македонија.

Таа и во својата програма се обврза дека нема да ја користи придавката „северна“, која во името ја доби Македонија токму со Преспанскиот договор потпишан со Грција.

Во изјава која денеска ја даде денеска мандатарот, Христијан Мицкоски, уште еднаш порача дека договорот се почитува во Северна Македонија, но дека тоа мора да го стори и другата страна.

„Треба и двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, ние како идна влада го почитуваме во датели. Се што е дел од нашето законодавство, Устав, се почитува во детали, точка, запирка. И тука не треба да има никаква дилема, затоа што вие не можете да барате од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а вие да ги прекршувате. Но истовремено очекувам и вториот потписник, нашиот јужен сосед, да ги почитува“, изјави мандатарот, Христијан Мицкоски.

Меѓу другото рече дека подготвил документ кој покажува како секоја од страните го имплементирала Преспанскиот договор.

Досегашниот министерот за надворешни работи, Бујар Османи има спротивен став и вели дека секое користење на друго име а не Република Северна Македонија, е спротивно на Уставот.

„Еве бесплатен совет до владата. Може да сте биле против, може да сте против, но тоа е реалност, тоа е дел од нашиот уставен поредок, дел од Уставот и мора да се почитува“, изјави Бујар Османи, досегашен шеф на дипломатијата.

Инаку по победата на Европската народна партија на европските избори Мицкоски очекува идниот состав на Европската комисја интензивно да работи на проширувањето а спроведените реформи да бидат единствен критериум на патот кон неа.

Лебот поскапе, пекарите очекуваат стабилизација на цената

Илустрација
Илустрација

Одредени компании го поскапеа лебот за 10 отсто, велат мелничарите. Тоа, според нив, е поради зголемените цени на пченицата на светските берзи и регионалните пазари во мај за исто толку проценти.

Како што вели за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ, во наредниот период, со почетокот на жетвата, се очекува цената да се стабилизира и да се намали, односно да се врати на истото ниво како што беше досега.

„Одредени компании го поскапеа лебот за 10 отсто зашто цените на брашното се зголемија за десетина проценти. Останатие пекарски производи остануваат на истото ниво. Очекуваме цената на лебот да се стабилизира со почетокот на жетвата, изјави Малишиќ.

Минатиот месец некои од пекарите тврдеа дека лебот нема да поскапи следните два месеца, како и дека неговата цена е стабилна. Но според мелничарите има промени во цените на житото на светските берзи. Засега, велат дека најмалку 1,5 до два месеца, цената на лебот и на останатите основни прехрабени производи во земјава нема да се промени.

„По месец-два повторно ќе се прави анализа со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток, како и поради поскапувањето на нафтата кое може да значи потенцијална повисока цена на суровините во прехранбената и општо, во целата индустрија. Стигнаа информации од големите производители како Украина и Русија дека таму не се знае како ќе се одвиваат жетвите поради воените дејства, што влијае врз берзата“, рече тогаш рече тогаш Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората на Сојузот на стопански комори

Претходно од агробизнис коморта, тврдеа дека во наредниот период ќе има стабилност на цената на прехранбените производи, барем во сегментот на основни производи како житото и пекарските производи.

Сега напоменуваат дека се уште не се знае каков ќе биде квалитетот и квантитетот на пченицата, а тоа ќе се дознае со почетокот на жетвата.

Очекуваат владата да остане на ланските мерки за субвенционирање на земјоделците во однос на пченицата и јачменот - три денари за килограм предадена пченица и 100 евра по хектар за принос од најмалку три тона јачмен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG