Достапни линкови

Вести

САД го поздравија запленувањето на иранскиот танкер

ирански танкер со нафта во близина на Гибралтар
ирански танкер со нафта во близина на Гибралтар

Соединетите држави го поздравија британското запленување на еден ирански танкер со нафта во близина на Гибралтар. Државниот секретар Мајк Помпео на Твитер напиша дека станува збор за „одлична вест“. Во истовреме Техеран го осуди тоа нарекувајќи го „незаконски чин“. Владата на Гибралтар, британска територија, соопшти дека британските маринци вчера го заплениле такерот „Грејс 1“ околу 4 километри јужно од Гибралтар, односно во британските територијални води. Се претпоставува дека танкерот носел нафта за Сирија.

види ги сите денешни вести

Агенција за супервизија на осигурување: Неоправдано е поскапувањето на автомобилското осигурување

илустрација
илустрација

Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании, смета Агенцијата за супервизија на осигурување, по добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената на полисите за осигурување. Новите цени се повисоки за 15 отсто и се однесуваат за автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста.

„По извршените пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано“, се наведува во соопштението од АСО.

Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на цените во понеделникот. Тие биле известени од Националното Биро за осигурување.

Осигурителните компании го правдаат поскапувањето со растот на цените на автоделовите.

Тик-Ток нема да се продава, им одговори кинескиот сопственик на САД

илустрација
илустрација

Кинеската компанија ByteDance, која е сопственик на Тик-Ток рече дека не планира да ја продава популарната апликација, откако Сенатот на Соединетите Држави усвои нацрт-закон со кој се бара Тик-Ток да се продава или да се забрани во Америка.

„ByteDance не планира да го продаде Тик-Ток, објави компанијата на својата официјална сметка на Toutiao, социјалната мрежа што исто така ја поседува.

Претходно оваа недела, Тик-Ток рече дека ќе поднесе жалба на „неуставниот“ закон на суд.

Најавата на ByteDance доаѓа како одговор на медиумските извештаи дека размислува за можна продажба на оваа апликација во САД.

„Извештаите во странските медиуми за продажба на Тик-Ток од ByteDance се невистинити“, соопшти компанијата.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата потпиша закон со кој ќе се забрани Тик-Ток во Соединетите Држави, доколку неговиот сопственик ByteDance не го продаде во рок од една година.

Политичките претставници од двете страни во САД, како и правни и разузнавачки службеници - изразија загриженост дека кинеските власти би можеле да го принудат ByteDance да предаде податоци за повеќе од 170 милиони Американци кои користат Тик-Ток.

Нивната загриженост произлегува од серија кинески закони за национална безбедност - кои ги обврзуваат организациите да и помогнат на земјата да собира податоци.

Тик-Ток ги отфрли тврдењата дека може да се користи како алатка на кинеската влада.

Компанијата соопшти дека никогаш не споделила податоци за американските корисници со кинеските власти и дека нема да го стори тоа дури и да биде побарано.

Почнува втората фаза од парламентарните избори во Индија

илустрација
илустрација

Денеска во Индија почна втората фаза од гласањето на најголемите избори во светот, додека актуелниот премиер Нарендра Моди и неговите ривали се фокусираат на горливите прашања како што се верската дискриминација, позитивната дискриминација на обесправените групи и даноците.

Речиси една милијарда луѓе имаат право да гласаат на парламентарните избори во седум фази кои почнаа на 19 април, а ќе завршат на 1 јуни, а гласовите ќе се пребројат на 4 јуни.

Моди бара трет последователен мандат врз основа на неговите економски резултати, мерките за социјална заштита, националната гордост, хинду национализмот и личната популарност. Анкетите покажуваат дека тој лесно ќе освои големо мнозинство.

Опозицијата направи сојуз од дваесетина партии и ветува поголема позитивна дискриминација, повеќе социјални бенефиции и крај на автократското владеење за кое го обвинуваат актуелниот премиер Моди.

Денеска се гласа за 88 од вкупно 543 места во Долниот дом на парламентот, а право на глас имаат 160 милиони луѓе. Се протега преку 13 држави и федерални територии во најнаселената земја во светот.

Националните малцинства го поддржија кандидатот на ХДЗ за претседател на хрватскиот Сабор

Гордан Јандроковиќ
Гордан Јандроковиќ

Претставникот на чешкото и словачкото национално малцинство, Владимир Билек синоќа (25 април) изјави дека Клубот на пратениците на националните малцинства одлучил да го поддржи Гордан Јандроковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) за претседател на Парламентот.

Неговата изјава следува по средбата на осуммина пратеници од малцинството, меѓу кои и тројца Срби од Независната демократска српска партија (СДСС).

Со ова, како што пренесуваат хрватските медиуми, била елиминирана можноста малцинствата да ја поддржат коалицијата на опозициската Социјалдемократска партија (СДП).

На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ниту една партија не освои доволно мандати, самостојно да формира ново мнозинство и влада.

Владејачката ХДЗ освои најмногу гласови, 61. Второ место со 42 мандати е централно-левичарската коалиција собрана околу СДП.

Двете партии водат разговори за формирање парламентарно мнозинство.

Преговорите на ХДЗ со десничарското движење Татковина (ДП), кое освои 14 мандати, се во тек, но еден иден пратеник веќе најави дека нема да коалицира со ХДЗ. ДП неколку пати кажа дека нема да влезе во владата со СДСС, партијата која беше дел од владата на премиерот Андреј Пленковиќ, претседателот на ХДЗ.

Десничарската партија Мост влезе во Собранието со 11 мандати, од кои посочија дека нема да влезат во ХДЗ, но ниту со зелено-левичарската партија Можеме, која има десет мандати и ја поддржува СДП.

Во Парламентот влегоа и три помалку либерални политички опции, регионалниот Истарски демократски парламент и Независната платформа Север со по два мандата и коалицијата Фокус-Република со еден мандат. Најавија дека ќе ја поддржат СДП.

Уставниот суд на Хрватска на крајот на минатата недела објави дека актуелниот претседател и кандидат за премиер на СДП, Зоран Милановиќ, не може да биде мандатар или премиер дури и да поднесе оставка. Подоцна и СДП објави дека се откажува од Милановиќ како мандатар.

Претседателот на Хрватска првата седница на Парламентот ја свикува најдоцна 20 дена по објавувањето на официјалните изборни резултати.

Конечните резултати се очекува да бидат објавени на почетокот на следната недела.

Зеленски повика на инвестиции во украинската одбранбена индустрија

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски
 Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да го прошири домашното одбранбено производство со помош од Западот, рече тој синоќа во редовното видео обраќање, пренесе ДПА.

Зеленски рече дека бара од меѓународните партнери кои немаат сопствени производствени капацитети да инвестираат во украинскиот одбранбен сектор, заеднички да произведуваат оружје и да го зајакнат фронтот.

Барањето доаѓа поради големата зависност на Украина од испораките на оружје од Запад и долгото чекање на Киев за нова американска помош поради политички спор.

Зеленски рече дека шестмесечното доцнење на испораките од САД предизвикало големи проблеми на фронтот и Киев се надева дека ќе ги реши на состанокот на Контакт групата за Украина закажан за денеска.

„Сега се донесени политичките одлуки, следниот чекор е да се разјасни оружјето и логистиката“, рече Зеленски.

Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година и на Киев му треба воена помош од Западот, делумно затоа што може да произведе само ограничена количина на сопствено оружје, а исто така и затоа што Русија уништи големи делови од индустријата во земјата.

ДИК: Течат роковите од 48 часа за приговори од учесниците во изборите

Државна изборна комисија (ДИК), Претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024
Државна изборна комисија (ДИК), Претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024

Претседателот на Државната изборна Комисија (ДИК) Александар Даштевски за време на денешното продолжение на 98-та седница на комисијата, а во врска со вчерашниот прв круг претседателски избори, ги потврди првичните резултати од гласањето, а укажа и на тоа дека течат роковите од вкупно 48 часа за учесниците на изборите да поднесат приговори за евентуални неправилности поврзани со изборниот ден.

Како што соопшти Даштевски, според обработените податоци на ДИК, на вчерашното гласање своето избирачко право го оствариле вкупно 905.971 граѓанин, односно излезноста на првиот круг претседателски избори изнесува 49,93 проценти.

Првичните резултати на ДИК, познати уште од доцна синоќа, покажуваат дека убедливо најмногу гласови има професорката Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – 363. 086 гласови, потоа следуваат Стево Пендаровски од СДСМ со 180.500 гласови, Бујар Османи од ДУИ со 121.088 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.856 гласови, Арбен Таравари со 83.393 гласови, Билјана Ванковска-Цветковска поддржана од Левица со 41.331 глас и Стевчо Јакимовски од Гром со 8.121 глас.

Ова значи дека во вториот круг претседателски избори ќе се соочат Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, како што беше тоа случај и на изборите во 2019 година.

Од изборната комисија денеска соопштија и дека вчера на 3 места во Куманово гласањето било прекинато поради технички проблеми, но затоа што станува збор за мал број гласачи, 872, кои немаат влијание врз крајниот исход, ДИК го поништи гласањето таму и информираа дека таму нема да има прегласување.

Своја оценка за избирачкиот процес денеска дадоа и претставниците од Мисијата за оценка на избори ОБСЕ/ОДИХР, а оттаму вчерашниот изборен ден го оценија како „позитивен“, додека повеќето од забелешките кои ги упатија се однесуваа за предизборната кампања.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, кога граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарни избори. Излезноста на овие избори беше поголема од таа во првиот круг пред пет години.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас имаа 1.814.317 граѓани, а се гласаше на 3.508 избирачки места.

Вучиќ изјави дека не мисли оти Декларацијата на Собранието на Србија за Сребреница е добра

Претседателот на Србија за време на неговото обраќање на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации на 22 април 2024 година во Њујорк, САД
Претседателот на Србија за време на неговото обраќање на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации на 22 април 2024 година во Њујорк, САД

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, 25 април, изјави дека не мисли оти Декларацијата на Собранието на Србија за осуда на злосторството во Сребреница, која беше усвоена во 2010 година, е добра, иако терминот геноцид не се споменува во неа.

„Мислам дека таа Декларација не беше добра, мислам дека е составена од надворешен фактор. Не мислам, туку знам, но секој има право на свое мислење“, рече Вучиќ во изјава за новинарите од Србија во Њујорк.

Во 2010 година, српскиот парламент ја усвои Декларацијата, која се однесува на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која утврди дека во Сребреница во јули 1995 година бил извршен геноцид, а текстот го осудува злосторството на начин утврден со пресудата на споменатиот суд, без да се спомене терминот геноцид.

Вучиќ отпатува за Њујорк на 21 април за да присуствува на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), каде се дискутираше за извештајот на УНМИК.

Тој ја искористи посетата за да разговара со претставници на неколку земји пред гласањето за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница во обид да го спречи усвојувањето на тој документ.

Предлогот за Резолуција за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот треба да се најде на дневен ред на Генералното собрание на ОН кон почетокот на мај.

Во документот до кој Радио Слободна Европа имаше пристап, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница, како и дејствијата со кои се величат осудените за воени злосторства, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница.

Резолуциите на Генералното собрание на ОН претставуваат официјален израз на ставот на ова тело и како такви не се обврзувачки за земјите-членки.

И покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград негира дека во јули 1995 година бил извршен геноцид во Босна и Херцеговина и убиството на повеќе од 8.300 бошњачки цивили го нарекува „страшно злосторство“ или „масакр“.

Во Тајланд годинава 30 лица починале од топлотен удар

Температурите достигнаа рекордни 45,4 степени Целзиусови во Бангкок на 21 април 2023 година.
Температурите достигнаа рекордни 45,4 степени Целзиусови во Бангкок на 21 април 2023 година.

Тајланд издаде нови предупредувања за екстремни температури на 25 април, бидејќи владата соопшти дека топлотниот удар веќе усмртил најмалку 30 луѓе оваа година.

Градските власти во Бангкок издадоа предупредување за екстремна топлина бидејќи метеоролозите предвидуваа дека температурите ќе се искачат над 52 степени Целзиусови, пренесува АФП.

Температурите во главниот град на Тајланд во средата достигнаа 40,1 степен, а слични нивоа се предвидуваат и за четврток.

Бран на екстремна топлина зафати делови од Јужна и Југоисточна Азија оваа недела, поради што училиштата ширум Филипините ја прекинаа наставата, а верниците во Бангладеш започнаа да се молат за дожд.

Министерството за здравство во средата соопшти дека 30 лица починале од топлотен удар во периодот од 1 јануари до 17 април, што е многу загрижувачки во споредба со 37 смртни случаи во цела 2023 година.

Судот во Њујорк ја поништи пресудата за силување против Харви Вајнстајн

Харви Вајнстајн по напуштањето на судот во Менхетен на 6 јануари 2020 година.
Харви Вајнстајн по напуштањето на судот во Менхетен на 6 јануари 2020 година.

Врховниот суд во Њујорк ја укина пресудата на холивудскиот продуцент Харви Вајнстајн осуден на 23 години затвор за силување.

Пресудата, која некогаш беше поздравена како победа на движењето #MeToo против сексуалното недолично однесување, сега е поништена, бидејќи, според Би-Би-Си, Вајнстајн не добил фер судење.

Според одлуката на Апелациониот суд, судијата што го надгледувал судењето на Вајнстајн направил грешка дозволувајќи им на жените чии обвиненија не биле дел од случајот да сведочат.

Во пресудата се вели дека ова значи дека му се суди за неговото однесување во минатото, а не само за злосторствата за кои беше обвинет. Со оваа одлука, донесено е и решение за нов судски процес.

Во пресудата од 2020 година, Вајнстајн беше осуден на 23 години затвор под обвинение за принуден орален секс во 2006 година и силување на актерка во 2013 година.

Но, 72-годишниот Вајнстајн ќе остане во затвор поради посебна пресуда за силување.

Во второто судење за силување и сексуален напад на една од четирите жени кои го обвинија во Лос Анџелес, тој беше прогласен за виновен во 2022 година и осуден на дополнителни 16 години.

Случајот на еден од некогаш најпопуларните и најуспешните продуценти во Холивуд, беше меѓу најистакнатите што произлезе од движењето #MeToo, кое откри сексуална злоупотреба и недолично однесување на највисоките нивоа во холивудската филмска индустрија и пошироко.

Вајстајн, шефот на студиото зад некои продукции наградени со Оскар, како што се „Pulp Fiction“ „Вљубениот Шекспир“ и други, тврди дека е невин и дека секоја сексуална активност била консензуална.

Повеќе од 80 жени излегоа со обвинувања за сексуален напад и недолично однесување против Вајнстајн, кои се протегаат неколку децении. Меѓу нив беа и популарни актерки како што се Ешли Џад и Ума Турман.

Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и Гершкович

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева (Архивска фотографија)
Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева (Архивска фотографија)

Европските пратеници на 25 април ја одобрија резолуцијата со која се бара „итно и безусловно ослободување“ на сите политички затвореници кои се држат во Русија, вклучително и на новинарите Алсу Курмашева и Еван Гершкович.

Резолуцијата е дел од заедничката иницијатива во Европскиот парламент со која се осудуваат „недемократските“ претседателски избори во Русија минатиот месец и нивното „нелегитимно проширување“ на териториите во Украина кои Москва незаконски ги анектираше.

Резолуцијата, која беше прифатена од 493 европратеници кои гласаа „за“, додека 11 беа „против“, а 18 воздржани, повикува „на итно и безусловно ослободување и обештетување на сите политички затвореници, неправедно затворени новинари, меѓу кои и Алсу Курмашева и Еван Гершкович, како и нивните семејства, со цел враќање на слободата на изразување и здружување во Русија и за зголемен меѓународен надзор и следење на кршењето на човековите права во Русија“.

Меѓу другите, резолуцијата ги именува Владимир Кара-Мурза, Олег Орлов, Ксенија Фадеева, Иван Сафронов и Илја Јашин како политички затвореници кои треба да бидат ослободени.

Курмашева, новинарка од Прага на РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, задржана е во руски притвор уште од 18 октомври под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинар на РСЕ. Таа отпатувала во Русија за да ја посети и да се грижи за нејзината постара мајка и првично била приведена додека го чекала нејзиниот лет за враќање назад на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде што и биле одземени пасошите.

Курмашева (47) беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како странски агент според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други лица. Таа, исто така, обвинета е и за ширење невистини за руската војска и се соочува со 10 години затворска казна доколку биде осудена.

Многу критичари и групи за човекови права се на став дека таканаречениот закон за странски агенти се користи од страна на Кремљ за сузбивање на какво било несогласување со политиките на Москва, која исто така беше обвинета за приведување Американци за да ги користат како договори за пазарење за размена за Русите затворени во САД.

Курмашева, која живее во чешкиот главен град Прага со нејзиниот сопруг Павел Буторин, кој исто така работи за РСЕ, и нивните две ќерки, на возраст од 12 и 15 години, ги опиша нејзините затворски услови како „лоши“ и рече дека нејзиното здравје се влошило бидејќи таму немала услови да добие соодветен медицински третман.

Гершкович, известувач на Вол Стрит Журнал, се наоѓа во притвор од март 2023 година, под обвинение за шпионажа, а и тој и весникот жестоко негираат и тврдат дека 32-годишникот само ја вршел својата работа како акредитиран известувач во периодот кога бил уапсен.

Владата на САД го третира Гершкович како лице коешто е незаконски притворено од страна на Русија, додека Курмашева не е означена на тој начин, и покрај молбите на РСЕ, како и на нејзиното семејство.

Ако Владата на САД и Курмашева ја третира како лице незаконски приведено од Русија, тоа ќе значи дека нејзиниот случај би бил доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за прашања на заложниците во Стејт департментот, со што ќе се подигне политичкиот профил на нејзината ситуација и ќе и се дозволи на администрацијата на Бајден да одвои повеќе ресурси за нејзино ослободување.

Претседателот Владимир Путин лесно победи на изборите во март за кои независните набљудувачи рекоа дека не се ниту слободни ниту фер. Тоа беа првите големи избори што се одржаа во Русија откако Путин ја започна својата целосна инвазија врз Украина пред две години.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG