Достапни линкови

По 22 години егзил на Охридско лето се враќа Подиумот на млади


Со учество на талентираните Хуна, Неделковска, Каевска, Мустафаоглу, Георгиевска и Јаневска, по цели 22 години егзил, од 9 до 11 јули, во црквата Света Софија, како предвесник на Охридско лето, се враќа Подиумот на млади чиј идеен творец и организатор е Музичката младина на Македонија.

Она што навидум скоро до вчера можеше да биде бележано како невозможна мисија, за среќа станува реалност. По 22 одржани изданија и исто толку години егзил, почнувајќи од промотивното во далечната 1974 и она „последното“ во 1996 година, на домашната културна сцена, како предвесник на најголемата летна културна манифестација во земјава Охридско лето, се враќа Подиумот на млади чиј идеен творец и организатор е Музичката младина на Македонија. Со тоа на некој начин, продолжува континуитетот на случувањето кое своевремено, сега веќе во далечната 1974 , беше зачнато и траеше се до 1996 година кога од „субјективни и објективни причини“ беше оставено на заборавот а без притоа да се има на ум дека во периодот на неговата опстојба на Подиумот за млади се искачиле повеќе од 217 учесници од Македонија, Србија, Босна, Словенија, Хрватска, Косово, Јапонија, САД, Грција, Албанија... кои со своите изведби несомнено го предизвикале вниманието на публиката докажувајќи дека нивното време во уметноста допрва доаѓа. Дека на тој начин најдиректно го дефинираат уметничкото, педагошкото и општественото значење на оваа единствена од ваков вид манифестација на просторите на Југоисточна Европа.

Арда Мустафаоглу, пијанист

Александар Герасимовски од Музичка младина на Македонија, знае да каже дека причини за прекин на Подиум на млади во средината на 1990-те имало повеќе. Што субјективни, што објективни. Најнапред ќе рече дека кај нив како организација дошло до презаситеност со дотогашната форма на презентација, дека не биле најдени нови содржини со кои ќе се искажат младите музичари...и така со ред. Од друга страна, тој потсетува дека она другото се однесува на незаинтересираноста на Министерството за култура за случувањето, на Охридско лето...„кои сметале дека не треба да постои и бидува оваа манифестација“.

„Очигледно е дека после толку години и на наше инсистирање еве годинава Охридско лето прифати да го обновиме Подиум на млади и навистина да го покажеме актуелниот момент на дел од современото македонско музичко творештво“, вели Герасимовски.

Ова подразбира дека, од 9 до 11 јули, во црквата Света Софија во древниот Охрид, публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на неколкумина млади домашни музичари. Така, во понеделник, отворањето ќе биде сторено со перформансите на пијанистката Инес Неделковска и кларинетистот Рикардо Хуна. Во вторник, на подиумот ќе се искачат флејтиската Јана Каевска и пијанистот Арда Мустафаоглу, а во среда на истата сцена се очекуваат виолинистката Наоми Георгиевска и сопранистката Мила Јаневска со пијано придружба од Билјана Петровска.

Јана Каевска, флејтиска

Од друга страна, од Музичката младина на Македонија сметаат дека во обновениот Подиум на млади во иднина треба да бидат вметнати и нови содржини што би требало да фрлат зрак светлина повеќе на сегашниот момент на ова творештво.

„ Годинава во центарот на вниманието на изведбите и воопшто на активностите ќе биде т.н „класична музика“, меѓутоа се надевам дека заедно со Охридско лето, со Дирекцијата и со селекторите на манифестацијата, ќе посегнеме во годините кои доаѓаат кон подруги форми и содржини. Ќе се обидеме концертите да не бидат врзани исклучиво во црквата Света Софија, туку да се најдат и нови алтернативни простори каде разбирливо би се свирел џез, електро-акустична музика или други форми на современото музичко творештво. Се разбира приказната не би ја ограничиле само на домашните таленти, туку несомнено ќе се обидеме да го отвориме прозорецот и да видиме што е она што се случува и твори, изведува, околу нас. Во регионот и пошироко во Европа“, смета Герасимовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG