Достапни линкови

Оперската дива Елена Мошуц за отворање на „Охридско лето“


Елена Мошуц
Елена Мошуц

Со концертот на романската оперска дива – сопранистката Елена Мошуц, која в четврток, на 12 јули, во Античкиот театар во 21 часот ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и Македонската филхармонија под диригентство на маестро Николае Молдовану, свечено ќе биде отворено 58-то Охридско лето, најзначајната летна културана манифестација во Македонија

Повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и од светот, прочуени музички имиња и оние кои допрва ќе ја испишуваат историјата, врвни театарски остварувања и неколку премиерни изведби, изложби и значајни перформанси ја чинат суштината на програмата на годинешното 58 по ред издание на Охридско лето, најголемата и најзначајна летна културна манифестација во земјава.

На самиот почеток вљубениците во убавата музика ќе имаа можност да другаруваат со едно големо оперско име – Романката Елена Мошуц. Таа, в четврток, на 12 јули, на Античкиот театар во 21 часот ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и Македонската филхармонија под диригентство на маестро Николае Молдовану.

Станува збор за уметница која има репутација на еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот.

Уште од почетокот на својата професионална кариера Мошуц е тесно поврзана со Оперската куќа во Цирих, Швајцарија, каде имала можност да пее повеќе улоги. Често е присутна и на престижните сцени и фестивалите во Европа, во САД, ја има во Јапонија, Кина, Тајван, Кореја... Својата разнообразност ја потврдува со перформансите на фадо и настапите во мјузикли, зад себе има неколку соло албуми и снимки на оперски изведби, а мнозина ја помнат по улогата во „Генијот Моцарт“, филмот снимен во продукција на Би-Би-Си.

Зад тенорот Братеску е исто така богата концертна активност која вклучува настапи во Националната опера во Рин, Стразбург, Кралската опера во белгискиот Лиеж, Оперската куќа „Бастиљ“ во Париз, лондонскиот Ковент гарден...

Маестро Николае Молдовану своето формално образование го стекнал кај прочуени светски педагози, а како диригент познат е по своите соработки со значајни оркестри како Филармонискиот оркестар на Малезија, Оркестарот на Кралската оперска куќа, Би-Би-Си – националниот оркестар на Велс, Шкотскиот камерен оркестар, симфониските оркестри на Мелбурн, Токио и Исланд, Нордискиот камерен оркестар и многу други.

Диригирал многу опери и балети, а поголемиот дел од нив се трајно документирани на носачи на звук и слика.

Од друга страна, 58-то издание на „Охридско лето“ како посебности ги најавува и концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, извонредната босанска пејачка Амира Медуњанин, како и неколкуте настапи што ќе бидат реализирани во соработка со некои од амбасадите во Република Македонија.

Амира Медуњанин, Босна и Херцеговина
Амира Медуњанин, Босна и Херцеговина

Од нив посебно се издвојуваат перформансите на познатиот француски репродуктивен уметник Мишел Бурдонкле кој во градот под Самоиловата тврдина ќе допатува со својот син Николас и ќе свират четирирачно пијано, потем оние на кинескиот Бамбус-флејта оркестар, на јапонско-турското „Сора дуо“, соло-рециталот на канадскиот пијанист Еуген Скороводников и така со ред.

На Фестивалот публиката ќе има можност да ги проследи и изведбите на бројни домашни солисти и ансамбли како квартетот „Филхармонија“, пијанистките Ана Гацева и Татјана Џорлева, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, СИНТЕЗИС, Хорот и оркестарот на МОБ ќе го претстави „Радомировиот псалтир опус 47“ на Димитрије Бужаровски...

Драмската програма ќе биде отворена на 13 јули со последната претстава на Охридскиот народен театар „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс во режија на Софија Ристевска – Петрушева. Потем ќе се случи и премиерата на „Мизантроп“ од Молиер во режија на Ана Вукотиќ и продукција на Театар Комедија. Албанскиот театар на „Охридско лето“ годинава ја носи „Смрта на Дантон“ од Бихнер во режија на прочуениот Дино Мустафиќ, ќе биде прикажана и „Тоби“ од Театарот за деца и младинци, а потоа и „Странци“ на Нела Витошевиќ и Драмски театар. Засебно внимание предизвикуваат и проектот „Девојчето со жиците“ на Марјан Неќак и Маја Хрговиќ – копродукцијата на СНГ – драма Љубљана и Подвижниот музички театар од Битола, „Во агонија“ од Мирослав Крлежа што заедно го потпишуваат хрватските уметници Нела Кочиш, Озрен Грабариќ и Дарко Стазиќ, за да конечно овој програмски дел и Фестивалот на 20 август кулминираат со хомеровата „Илијада“ - копродукција на СНГ од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар во режија на Јернеј Лоренци.

Сцена од претставата „Илијада“ на СНГ, драма Љубљана
Сцена од претставата „Илијада“ на СНГ, драма Љубљана

Инаку, Сузана Вренцовска, в.д. директорка на „Охридско лето“, во пресрет на отворањето на манифестацијата знае да каже дека благодарение на посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим, завршени се сите подготовки за да бидат достојни домаќини на бројните уметници и на вљубениците во уметноста.

Таа истакнува дека Дирекцијата во соработка со Општина Охрид и тамошните јавни претпријатија го санирале гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи. Санирани се и пристапните скали до Античкиот театар каде вообичаено се случуваат отворањата на манифестацијата и големите концертни настапи, отпочната е и процедурата за реконструкција на просторот „Долни Сарај“, а во план е развивање на идејата за монтажно гледалиште.

„Јас често знам да кажам дека Охрид како град е сцена. Буквално во секое катче од Охрид може да се постави сцена и да се реализираат настани од фестивалската програма. Монтажното гледалиште ќе ни овозможи да имаме настани насекаде низ градот и тогаш ќе можеме да кажеме дека „Охридско лето“ е фестивал на отворено, впрочем онака како што и му прилега и како што заслужува“, вели Вренцоска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG