Достапни линкови

Иванова: Публиката да не се плаши од терминот „современа музика“


Иванова: Ни требаат вистински вредности наместо привид
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:07 0:00

Иванова: Ни требаат вистински вредности наместо привид

Ние во овој момент, оваа моја генерација, им должиме на нашите деца, на овие нови генерации, алфа деца со брилијантни умови, да им овозможиме едно цврсто тло, општество во кое ќе сакаат да останат, да вложуваат, да пораснат, да ги пораснат своите деца. Да живеат во едно општество каде ќе градат вистински вредности наместо привид, вели во интервјуто за РСЕ македонската пијанистка Дуња Иванова.

Пијанистката Дуња Иванова и припаѓа на генерацијата исклучително образовани и плодни македонски творци. Најнапред магистрирала на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност, а потем докторирала на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот ,,Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставувала во САД, Франција, Италија, во земјите од регионов и на фестивалите како Скопско и Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива и на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт и други современи композитори.

Иванова, неодамна со избор од музиката на францускиот композитор Јан Тирсен ја преполнивте салата во Музеј на македонската борба во Скопје. Оние нешто повеќе од 500 посетители три пати ве враќаа на бис. Со временска дистанца од 10 дена како си го толкувате тоа?

Тирсен следуваше по низа на други композитори кои јас претходно ги изведов пред скопската публика, но овој пат навистина, на мое големо задоволство, салата беше преполна и реакциите беа воодушевувачки. Мислам дека сето тоа овојпат се должи на тоа што зад мене застана една продукција „Слобода филм“ и „Минимал“ кои го поддржаа маркетингот за овој настан. Јан Тирсен, да речеме, сепак спаѓа во редот на оние малку покомерцијални автори кога е во прашање современата музика и многумина го знаат како композитор што ја потпишал музиката за филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“ на Жан Пјер Жене со Одри Тату во главната улога. И се надевам дека токму тоа, тој познат звук, мнозина ги привлече да дојдат, да го проследат овој концерт. Во неколку наврати, па и со најавата на овој концерт, се обидов да ја ослободам публиката да не се плаши од тој термин „современа музика“ кој многумина го разбираат како нешто што е тешко за разбирање. До кое тешко се допира, што не е случај со авторите што јас ги изведувам затоа што во нивниот опус се наоѓаат и навистина едноставни и емотивно преполни музички парчиња кои успеваат да допрат до секој слушател. Сметам дека она што значеше продукција, значи и една техничка поддршка која го ослободува уметникот да размислува за сите пропратни елементи кои следат една организација на концертот и навистина овојпат успеавме заедно со две девојки ентузијасти, Марија и Ивана, да направиме една незаборавна вечер, еден навистина квалитетен културен настан.

Од плоштад Македонија, па преку Музеј на град Скопје, Македонска филхармонија, среде зима во Мобилно-монтажна гаража во Паркот на Франкофонија...но и во Њујорк, Париз, Сараево... во Италија, на Косово...фестивалите Скопско и Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива и ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола...не бадијала композиторката Ана Пандевска знае да каже дека Дуња е веројатно единствената која се нафаќа да свири секаде онаму каде што има минимум технички услови за тоа и во било какви временски услови. Зошто?

Оние кои настапуваат на сцена знаат дека тоа создава една добра зависност од која човек тешко се откажува. Јас навистина уживам во таа комуникација со публиката, меѓутоа потребата да споделам музика која мене ми е интимно блиска е уште поголем мотив да се настапува буквално во секакви услови, но пред сè во една концептуална смисла, а тоа значи да ја ослободам музиката надвор од оние рамки што значи концертна сала, концертна дејност, шаблон, следење на одредени ритуали, одреден начин на облекување, на однесување во концертната сала што не е случај кога настапувате надвор. На улица. Јас буквално со проектот „На минување“ кога свирев три часа на плоштадот „Македонија“ во Скопје им ја изложив музиката која јас ја почитувам, јас ја изведувам и во концертната сала на случајните минувачи. Ги доведов во позиција да не можат да ја одминат. Едноставно да застанат на миг и за себе да обезбедат уникатно доживување. Така што, како што споменавте, кога имате минимум техничка поддршка навистина е предизвик и шанса, и би било жално да одбиете една таква можност на публиката да и обезбедите едно такво несекојдневно музичко доживување.

И, кога сме веќе кај концертите на вашиот репертоар се современи композитори како Кејџ, Најман, Филип Глас, Прајснер, Сакамото...нешто што малкумина пијанисти решаваат да го свират кај нас. Од каде и зошто овој интерес? До каде ќе одите со изборот?

Додека студирав на Факултетот за музичка уметност некако едноставно како свој го чувствував тој современ звук. Меѓутоа додека сте студент тоа е сосема оправдано. Следите одреден шаблон затоа што станува збор за формално образование. По завршувањето на студиите јас се ослободив и почнав да го градам тој мој пат и така како една иницијална каписла беше концертот посветен на полскиот композитор Збигњев Прајснер кој беше исклучително успешен и приблече исто така голем број на посетители. Беше на отворен простор, во предворјето на Даут Пашин амам и мислам дека беше еден од првите кадешто акустично пијано извлековме во дворот и сето тоа во несоодветни временски услови. Потоа следуваа изведбите на дела на Филип Глас, Мајкл Најман, Стив Рајх, Руичи Сакамото, Тери Рајли, Бјанка Бан, Давид Федел, Лудовико Енауди... и сега Јан Тирсен. Тоа се автори кои јас ги познавам уште многу одамна, меѓутоа еве во овие четири до пет години се охрабрив да го споделам тоа со публиката.

И до каде ќе одите со овој избор на композитори?

Сè додека пишуваат авторите, за мене постои нов предизвик. А интимно би сакала скоро да посегнам и по делата на Енио Мориконе.

Во јавноста е позната вашата долгогодишна соработка со композиторката Ана Пандевска и она што таа го твори во современата, ајде да кажеме електро-акустична музика. Како се случи соработката и ќе бидеме ли скоро сведоци на концерт на Иванова исклучиво со домашни творци?

Ние многу лесно се разбираме со Ана. Таа е една од композиторките, музичките автори воопшто кој во музиката не гледа само средство за некаква експресија или на публиката да и овозможи само некои мигови за уживање, туку напротив. Исклучително ја почитувам, затоа што ја користи музиката како еден многу моќен медиум. Ја отсликува реалноста, испраќа некои пораки, храбра е и тоа ја издвојува од нејзината генерација. Со сета почит на другите музички автори, со нејзе се чувствувам некако прилично блиска, го разбирам прилично нејзиниот музички израз и верувам дека и понатаму ќе правиме доста успешни проекти заедно.

Наспроти сево ова изненадува фактот што малку од вашето присуство во јавноста и приемот кај публиката останува незабележан. Така немаше ни збор за последниот концерт во медиумите, а со згаснувањето на неколку весници речиси комплетно ја снема музичката критика. Што мислите за тоа?

Мислам дека тоа е резултат на еден медиумски вакум кој се создаде во последните седум – осум години кога исчезнаа, престанаа да постојат неколку значајни медиуми во кои се третираа теми од областа на културата, меѓутоа и од телевизиите и радиото беа тргнати препознатливи емисии кои исто така се бавеа со културата. Но, како причина може да се гледа и појавата на многубројни електронски портали. Луѓето сакаат сензации, сакаат брзи вести, брзи информации. Интернетот стана најмоќниот медиум. Социјалните мрежи на кои секој може да пласира свое издвоено мислење, да отвори некаква дебата едноставно пламнаа, иако според мене тоа е едно неблагодарно поле за комуникација. Но еве вие, па и еден на пример Тони Димков сте последните преживеани од тој медиумски ураган и се додека постои барем еден кој води сметка или грижа за некакви естетски или културолошки вредности мислам дека ние уметниците треба да бидеме мирни и да работиме. Се надевам дека ќе се отвори една нова епоха која ќе се разбере прилично сериозно во овој домен кој ете вие го спомнувате затоа што е неопходен и потребен.

Дуња Иванова не е само пијанистка, туку и научен работник. Таа зад себе ги има најнапред магистериумот, а потем и докторатот на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот ,,Кирил и Методиј“ во Скопје. Сепак, никако да се остварат вашите желби и конечно да станете професор на Музичката академија. Зошто? Каде е проблемот?

Ова е една претстава која трае веќе десеттина месеци. Во ниту еден момент не беа доведени до прашање моите квалификации, моето образование, концертната дејност, објавените публикации ...едноставно сметам дека се ова последните изблици на таа транзиција во која мојата генерација и јас пораснавме. Кога станува збор за задоволување на некакви суети и покажување на моќ од некаква позиција. Тоа е навистина жално. Тоа време заврши. Оние кои мене подобро ме познаваат знаат дека сум правдољубец и дека сум доста истрајна и упорна во она што го работам во животот. Ние во овој момент, оваа моја генерација, им должиме на нашите деца, на овие нови генерации, алфа деца со брилијантни умови, да им овозможиме едно цврсто тло, општество во кое ќе сакаат да останат, да вложуваат, да пораснат, да ги пораснат своите деца. Да живеат во едно општество каде ќе градат вистински вредности наместо привид. Затоа ова, овој мој случај, е еден тест кој прерасна во една лична борба со Факултетот за музичка уметност ...тест и не само за институциите, туку за една цела генерација која сега треба да покаже зрелост.

И, по Јан Тирсен кој би бил вашиот следен исчекор во музиката. Ќе биде ли тоа можеби повторно соработка со Ана Пандевска?

Тоа секогаш е перспективно прашање, но морам да споменам дека и тука е потребна таа менаџерска поддршка, затоа што јас не можам се сама да туркам. Но, кога веќе ја спомнавме Ана Пандевска, еве за прв пат официјално најавувам дека на 3 јули настапуваме на годинешното јубилејно Скопско лето со едно нејзино ново дело напишано за пијано и за бенд, во случајов џез-панк-фанк-фјужн-рок определените СЕТСТАТ и со Дени Омерагиќ на контрабас и Нинослав Спировски на кларинет и саксафон, музичари чија активност е својствена за две исклучително интересни џез постави како СВЕТЛОСТ и ОДРОН.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG