Достапни линкови

FOURPLAY и Македонска филхармонија за почеток на Охридско лето


Постер за овогодинешното издание на Охридско лето
Постер за овогодинешното издание на Охридско лето

Со концертот на долговечиот американски џез колектив FOURPLAY и Македонската филхармонија под диригентство на Џијан Емин, ова среда, на 12 јули, во 21 часот, во Антички театар, ќе започне 57-то издание на Охридско лето – најголемата летна културна манифестација во земјава.

Охрид, во периодот од 12 јули до 20 август, наново ќе стане една од европските културни метрополи. На градот и воопшто на љубителите на уметноста, на гостите на балканскиот езерски бисер, по 57 пат, ќе им се случи Охридско лето – дефинитивно најголемата наша летна културна манифестација. Фестивалот, патем со ново лого, реобновени сцени и енергетски инсталации, под мотото „Патот до магијата“, овојпат планирано е да понуди програма сочинета од четириесеттина концертни настапи, 9 театарски и две балетски претстави, изложби, работилници, оф-содржини и перформанси ...на врвни уметници од земјава и од светот.

Притоа како посебност од вкупната понуда се издвојува свеченото отворање на манифестацијата. А, за оваа пригода за него ќе се погрижат американскиот смут-џез квартет FOURPLAY и Македонската филхармонија под диригентство на Џијан Емин.

Формиран во 1990 година од врвни иснтрументалисти кои имаат и засебни успешни солистички кариери како клавијатуристот Боб Џејмс, басистот Нејтан Ист, гитаристот Ли Ритенор и тапанарот Харви Мејсон, FOURPLAY влегува во редот на најдолговечните бендови на светската сцена. Зад себе има само две персонални промени – по заминувањето Ритенор беше заменет со извонредниот Лари Карлтон, за да во последниве пет години на тоа место се најде Чак Лоеб, и дури 14 студиски и компилациски објави, од кои последниот албум „Silver“ од 2015 година, со многу симпатии беше пречекан и од публиката и од критиката на специјализираните светски џез магазини.

Бендот FOURPLAY
Бендот FOURPLAY

Бендот е бележан како „еден од најинтуитивните, напредно-мислечки и фокусирани групи во современиот џез“, а говорејќи за FOURPLAY, Мејсон знае да каже дека во нивниот случај се работи за „четири гласови соединети заедно за да креираат еден навистина посебен и препознатлив звук“.

„Многу ни е драго што сме по прв пат во Македонија, во оваа библиска земја. Зад себе имаме големо музичко искуство и турнеи насекаде по светот. Постојано сме на пат и во нашата музика покриваме широк спектар на различни жанрови. Прекрасно е чувството да знаете дека кога сте на сцена или во студио може да одите во било која насока и дека притоа ќе бидете поддржани и поттикнати од своите музички сомисленици. Ние работиме заедно и тоа е она што ќе го чуете кога ќе слушнете за FOURPLAY“, вели Мејсон.

По ваквиот спектакуларен чин, како што вели новиот селектор на музичката програма оперскиот пејач Ѓорѓи Цуцковски, следуваат и низа на ексклузивни настани меѓу кои спред него се: музичко-сценскиот спектакл „Вивалдиано“, настапот на оркестарот барокни инструменти „Армониа Атене“ од Грција, перформансот на енергичниот виртуоз на харфата Емануел Сисон од Франција, концертот на духовна музика на машкиот манастирски хор „Оптима Пустина“ од Руската федерација, настапот на врвната пијанистка Лилја Зилберштајн... а тука се и претставувањата на македонските музички уметници како Влатко Стефановски, Костадин Богдановски, Марија Ѓошевска, Климент Тодоровски, традиционалниот концерт на оркестарот на Музичката младина на Македонија и многу други.

Тој дополнува дека, во согласност со статутот на Фестивалот, ја збогатиле програмата со еден џез-викенд, со неколку музички семинари чија цел е едукација на млади музички кадри, со големиот камп за кинески студенти по музика од престижните пекиншки и шангајски конзерваториуми и многу други активности.

„Наспроти потребата да ја продолжиме традицијата и да ја задржиме идејата за широка афирмација на класичната музика, ги исцрпивме сите други можни аспекти за да донесеме една нова свежина, нова возбуда за љубителите на поинакви музички правци“, вели Цуцковски.

Од друга страна драмскиот дел од програмата на 57 Охридско лето, како што истакнува селекторот и актер Зоран Љутков, изобилува со исклучителни настани и со внимателно конципирана селекција на претстави на театри од земјава и од соседни Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Романија,

„За љубителите на театарот ги издвојам гостувањата на Камерниот театар 55 од Сараево со претставата „Жаби“ која е приказна за луѓето и времето во кое живееме, „Отело“ во продукција на Театарот на бугарската армија од Софија, концертното шоу „Меџик нешнл“ во режија на Јон Карамитру и во продукција на Националниот театар од Романија, а премиерно ќе бидат изведени две домашни претстави „Кралот Лир “ во режија на Диего де Бреа и во продукција на Турскиот театар и „Сон на летната ноќ“ на Битолски театар онака како што ја видел Американецот Џон Блондел. Повторно се тоа претстави коишто се базираат на некаков отворен концепт на танц и на музика што сметам дека им прилега на овој тип на големи летни фестивали“, вели Љутков.

Конечно кон ова само уште и изјавата на директорот на Охридско лето – Оливер Арсовски, кој во своето послание во пресрет на отворањето на Фестивалот ќе запише: Голема е возбудата но и обврската да се реализира годинешново издание кое ја носи тежината на 56-успешни години. Како тим на Охридско лето ќе работиме во насока Фестивалот од 12 јули до 20 август, да биде духовно пристаниште кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG