Достапни линкови

Лекари, бизнисмени и службеници во трка за градоначалници


Кандидатите за градоначалник на Охрид, Дебар и Ново Село ветуваат справување со иселувањето, инфраструктурни проекти, подобра животна средина, средување на општинските долгови.

На 21 април во земјава покрај претседателските избори ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на Општините Охрид, Ново Село и Дебар. Избори во Охрид и во Дебар се одржуваат по смртта на градоначалниците на овие општини, Јован Стојаноски и Ружди Лата. А во Ново Село, бидејќи градоначалникот Боро Стојчев, избран на избори, си даде оставка, откако беше осуден за шверцување на цигари.

Трите општини се соочуваат со финансиски проблеми, а за градоначалничката фотелја се борат доктори, бизнисмени, цариници, криминалисти. Тие на функцијата ќе бидат само половина мандат, до следните редовни локални избори кои треба да се одржат во 2021.

Кандидатите за градоначалник ветуваат справување со иселувањето, инфраструктурни проекти, подобра животна средина, средување на општинските долгови.

Пет кандидати за градоначалник на Охрид

За општински татко се кандидирани бизнисменот Михаил Трендафилов – Нанче од Граѓанско Демократска Унија (ГДУ), докторот Константин Георгиески од СДСМ, Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така е доктор, Стевче Стевоски од Демократи, кој по професија е криминалист и Џемаил Мена, од партијата Беса. Сите петмина кандидати за градоначалник на Охрид со слични ветувања – развој на туризмот, асфалтирање улици, поставување канализација, справување со задолженоста.

Михаил Трендафилов - Нанче најавува дека ќе создаде совет на мудреци, нешто како охридска влада, од граѓански сектори, експерти за Охрид да го издигне до ниво на град – држава. Тој ветува изградба на „автентичен средновековен град на Самоиловата тврдина“, кој ќе стане холивудска филмска атракција и ќе донесе многу туристи, а Варош ќе живее само од тоа.

„Стојам пред Самоиловиве кули, гледам и си се чудам. Не можам да верувам што им прикажуваме на туристите. Што гледаат? Трње? А јас гледам златен рудник“, вели Михаил Трендафилов – Нанче, кандидат за градоначалник на Охрид од Граѓанската демократска унија.

Нанче ветува дека ќе биде градоначалник на граѓаните, а не партиско-мафијашки градоначалник.

„И запамтете веќе еднаш – Едните лажет, другите мамет, заедно крадет и се амнестират“, вели тој.

Митре Милошевски, пак, ветува проект за изградба на социјални станови, сериозна стратегија за туризмот и изградба и асфалтирање и улици и патишта и опрема за противпожарната станица.

„Набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни ситуации во медицинска, противпожарна и спасувачка цел по охридското крајбрежје“, вели Милошевски.

Константин Георгиески од СДСМ, пак, ветува реконструкција на улици и канализациони мрежи и чиста животна средина.

„Многу пред нас пробаа, а ние за една година колекторот го направивме. Од Тито асфалтот го искорнавме, никој што клинец немаше удрено на улицата. Со Јован запнавме и Кејот го асфалтиравме лани и таму од Тито асфалтот го искорнавме, така што за една година толку е. Имаме визија, имаме храброст, имаме чесност, ги имаме сите предуслови да го направиме Охрид тоа што заслужува“, рече Георгиески.

Стевоски и стана познат на јавноста откако го казни со 800 евра својот командир за сообраќајни прекршоци. Тој ветува дека доколку стане градоначалник ќе го спроведе проектот локална полиција со 24-часовно работно време, која ќе треба да ги стави под свое сите служби во градот со цел да се спречи хаосот.

Никола или Николчо за прв човек на Ново Село

Во оваа земјоделска општина на југоистокот граѓаните ќе бираат меѓу бизнисменот Никола Андонов од СДСМ и царинскиот службеник Николчо Стоилов од ВМРО-ДПМНЕ. Андонов досега бил градоначалник на општината и тоа во периодот 2005-2009.

Андонов ветува дека ќе обезбеди чиста вода за пиење, доизградба на канализациона мрежа, развој на туризмот, како и задржување на младите во општината.

„Сакам да помогнам на општина Ново Село, гранична општина сме, меѓу европски општини, можеме и до фондови да дојдеме, да ја развиеме општината во убава европска општина, рече кандидатот за градоначалник на Ново Село, Никола Андонов.

Стоилов на предизборен митинг вети помош за земјоделците.

„На откупните места ќе биде изграден ладилник., земјоделците нема да мора веднаш да го продадат својот труд, туку ќе имаат можност да го чуваат до одреден период до добивање на добра откупна цена“, рече кандидатот за градоначалник на Ново Село, Николчо Стоилов. И тој ветува реконструкција на патишта, како и подобра здравствена заштита за жителите на општината.

Изборите во Ново Село се одржуваат по оставката на Боро Стојчев, кој лани во јули беше уапсен во обид за шверц на цигари. За случајот Стојчев помина во затвор шест месеци, по што си даде оставка.

Двајца доктори кандидати за градоначалник на Дебар

Во Дебар за градоначалничката функција се натпреваруваат двајца доктори. Алијансата на Албанците го кандидираше Арбен Аголи, кој е доктор педијатар. Противкандидат му е актуелниот ВД градоначалник, докторот уролог Хекуран Дука, кој е од редовите на ДУИ.

Аголи со слоганот „Надеж за Дебар“, ветува дека со него на чело Дебар ќе биде поубав и подобар град. Предизборните ветувања се однесуваат на чиста вода за пиење, справување со диви депонии, санација на патишта, проекти за намалување на иселувањето на младите. Слични проекти ветува и Дука. Тој вели дека ќе ја доврши програмата за која гласале граѓаните на изборите и која, како што вели, во голема мера ја реализирал сега починатиот градоначалник Ружди Лата.

За локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, во десетте дена изборна кампања, потрошила само 10 илјади денари за двата кандидата за градоначалници во Охрид и Ново Село. А СДСМ за своите кандидати одвоиле 500 илјади денари од членарина.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG