Достапни линкови

Регионални депонии се решение за отпадот


Фотографија од депонијата во Струга, која се наоѓа на само стотина метри од влезот на градот.

Градоначалниците на општините во рамките на осумте региони во Македонија треба да донесат одлука како ќе бидат финансирани изградбите на регионалните депонии, со што ќе се реши проблемот со несоодветното депонирање на отпадот, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според законот за животна средина, односно законот за отпад, начинот за решавање на проблемот со таканаречените диви депонии е преку формирање на регионални депонии бидејќи во овој момент само депонијата „Дрисла“ исполнува одредени стандарди, а сите други се од времен карактер, вели Сашо Секуловски, портпарол на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тој истакнува дека Министерството повеќе години ја води оваа постапка, но потенцирајќи го примерот во Југоисточниот регион тој вели оти таму пет години се преговарало со австриска компанија за регионална депонија, но на крајот градоначалниците одлучиле да не ја продолжат постапката. Слична била ситуацијата во Полошкиот регион, а некои региони досега воопшто не се изјасните за прашањето, објаснува Секуловски.

„Регионалните депонии ќе се формираат со одлука на советот на градоначалниците на одреден регион, зависно како ќе биде финансирана. Имаат опции да биде финансирана преку ИПА фондовите, да биде со јавно приватно партнерство или ако мислат градоначалниците дека ќе имаат средства и сами да ја градат. На тој начин, со веќе утврдени стандарди, ќе се формираат регионални депонии коишто ќе бидат по сите европски стандарди. На тој начин ќе се реши проблемот со несоодветното депонирање на отпадот во Република Македонија“, вели тој.

Радио Слободна Европа се обиде да побара став од првите луѓе на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) за тоа зошто досега не е решен проблемот со создавање на регионални депонии, но до објавувањето на текстот тие не беа достапни за одговор.

Решенијата со дивите депонии се долгорочни и тие треба да се движат во неколку правци, вели Блаже Јосифовски, извршен директор на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“.

Тој истакнува оти процесот треба да се забрза преку воспоставување на систем за селекција на отпадот во сите општини во Македонија, преку подигнување на свеста на граѓаните, преку политики за превенција за создавањето на отпадот и сето тоа заедно со создавањето на регионални депонии според европски стандарди, се крајното за решение за проблемот, не само во Струга, туку сите општини во Македонија.

„Најдобра пракса од Европа којашто се пробува веќе десет години да се направи во Македонија, но очигледно немаше доволно политичка волја, се тие регионални депонии. Бидејќи тие чинат многу пари, помеѓу 30 и 40 милиони евра, такви инвестиции општините не можат директно да направат со нивните буџети, па така најдобро решение кое сега постои е најголем дел од тие пари да бидат од европските фондови, пеку ИПА програмата, и понатаму да бидат одржувани од општините преку давачки на граѓаните“, вели Јосифовски.

Тој додава дека во Македонија има вкупно 54 општински депонии кои не исполнуваат никакви стандарди, освен „Дрисла“ во Скопје. Јосифовски вели дека 35 отсто од нив се високо ризични по здравјето на граѓаните, а дополнително според мерењата на организацијата има уште околу 2.000 диви депонии низ земјава.

Во насока на решавање на проблемот со депонијата во Струга која речиси два месеци постојано гори, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку деновиве изјави дека со одлука на Владата, Министерството за животна средина има формирано работна група за разгледување на проблемот со депонијата и оти тој ќе биде решаван со средства од ИПА фондовите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG