Достапни линкови

За Европа ѓубрето е ресурс, Македонија не може да го собере по улици


Не Биди Ѓубре - еко акција за чистење мини депонии
Не Биди Ѓубре - еко акција за чистење мини депонии

Додека земјите од ЕУ рециклираат скоро половина од комуналниот отпад, во Македонија тој едвај се собира, а се рециклира само мал дел. Со оглед на тоа што се создава сè повеќе отпад, се чини дека рециклирањето во иднина нема ни да биде доволно.

Развиените западни земји го користат ѓубрето како ресурс, Македонија не може да го собере од по улици. Парадоксално е насекаде околу нас да гледаме расфрлан отпад, а нам понекогаш да ни недостигаат репроматеријали, велат луѓето од бизнисот со рециклирање.

Активисти од иницијативата „Не биди ѓубре“, која ја поттикна актерката Ирена Ристиќ, со месеци и редовно низ Скопје чистат мини депонии. Тие се незадоволни и од реакцијата на надлежните и од односот на граѓаните кон животната средина. Нивната идеја се рашири низ цела Македонија.

Во земјава има преку 300 диви депонии и над 1500 селски буништа и ѓубришта. Најголемото ѓубриште е долго преку 30 километри и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце.

Од отпадна хартија до табли за јајца

Мит груп компани од Куманово е една од ретките фабрики во Македонија што произведуваат финален производ од рециклиран отпад. Најголемиот дел од отпадот за рециклирање од Македонија, во земјава само се обработува, а потоа се извезува во земји каде што има фабрики коишто потоа од таа суровина произведуваат готови производи.

Оливер Тасевски од Мит груп вели дека триесетината вработени дневно рециклираат 3,5 тони отпадна хартија и произведуваат 50 илјади табли за јајца. Тасевски апелира да се подигне јавната свест и кај граѓаните и кај фирмите дека отпадот треба да се селектира за потоа да може полесно да се собере и повторно да се користи.

„Секогаш, каде и да појдеме, гледаме дека насекаде има отпад, а јас доаѓам во ситуација да имаме недостиг од репроматеријали“, вели Тасевски.

Официјалните податоци покажуваат дека сепак ова е само мал дел од создадениот отпад во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија годишно се создаваат скоро 787 илјади тони комунален отпад. Од нив на депониите пристигнуваат околу 636 илјади тони, но само мал дел од тој отпад, односно околу 8-10 отсто се рециклира. Европската унија постави за цел до 2025 година да се рециклира 55 отсто од вкупниот комунален отпад и 65 отсто од отпадот од амбалажа, а во наредните 10 години таа граница да се зголеми за 10 отсто. Македонија си постави цел до наредната година да рециклира 60 отсто од отпадот од амбалажа. Кога ќе се отворат преговори за членство во ЕУ, Македонија ќе мора да ги отвори и овие прашања.

Пакомак е најголемата компанија во Македонија која собира амбалажен отпад за рециклирање. Во Македонија годишно се создаваат околу 100 илјади тони амбалажен отпад, а околу една третина официјално завршува на рециклирање, вели Ико Брдароски од Пакомак. Ако се земе предвид и собирањето на диво, проценките се дека се рециклира околу 50 отсто од отпадот од пакување, вели тој.

„Најпрво треба да се стават под контрола неформалните собирачи. Тука треба да се вклучи Министерството за труд и социјала, Министерството за финансии, бидејќи сите тие собираат, работат сива економија, а добиваат субвенции од државата, бидејќи се водат како невработени. Второ, треба да се стави ред и јасно да им се даде до знаење на јавните комунални претпријатија што треба да прават и кои се нивните обврски согласно закон и што треба да работат во однос на отпадот и отпадот од пакување. И трета работа, кога се планираат регионалните депонии, кои се актуелни изминатите години, да се опремат со таква инфраструктура за да може да го примат комуналниот отпад, да го преработат и тој да се користи како ресурс за производство на електрична енергија“, вели Брдароски.

Тој посочува дека нивната фирма поставува контејнери за селектирање на отпадот во градовите низ земјава, но оти јавните комунални претпријатија немаат доволно капацитет да одговорат на потребите.

„Значи јавно комунално претпријатие, на пример, Кочани, Битола, Гевгелија, Штип итн, со специјализирано возило да ги сервисира нашите контејнери, да ја собира пластиката, хартијата, стаклото, бидејќи ние поставуваме такви контејнери и на крај на месецот да пријави дека од тие контејнери собрале толку и толку амбалажен отпад. Тоа за жал во Македонија, освен во два-три града, не функционира, бидејќи јавните комунални претпријатија немаат можност, не се способни тоа да го работат“, вели Брдароски.

Во ЕУ се рециклира скоро половина, односно над 46 отсто од комуналниот отпад. Германија е рекордер според рециклирањето, каде што се рециклираат две третини од создадениот отпад. Над половина од создадениот отпад во Европа се рециклира уште во Австрија, Белгија, Холандија, Словенија и во Швајцарија. Најлошо од овој аспект во ЕУ стои Малта, каде што се рециклира помалку од 7 отсто од отпадот, а под 20 отсто се Грција, Кипар и Романија.

Професор Перица Пауновиќ од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје вели дека отпадот треба да почне да се селектира уште во самите домаќинства.

„Но, најбитниот дел за едно успешно функционирање на рециклирањето на отпад, а со тоа и негово интензивирање е создавање на берза на отпадни материјали. Во високо развиените земји оваа берза е многу стимулативна, значи многу убави материјални средства луѓето земаат од носењето на отпадни материјали во собирни центри за отпад и се стимулирани да го прават тоа, додека кај нас за жал сепак оваа берза како и да не е воспоставена, а оние цени коишто важат се навистина нестимулативни“, вели Пауновиќ.

Како друг пример за зголемување на стапката на рециклирање, тој го посочува примерот од западните земји, каде што се наплаќа кауција за шишиња, и пластични и стаклени, и за лименки, а во маркетите постојат автомати каде што таа амбалажа се враќа, при што му се враќаат и парите на купувачот. На тој начин и граѓаните се стимулираат да не го фрлаат отпадот од амбалажа. Со рециклирањето има и економски и еколошки ефекти, вели тој.

Професор Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет посочува дека е потребна промена на перцепцијата, односно за отпадот да почне да се размислува како за суровина и оти тоа е основа на концептот „Нула емисија“. Таа посочува дека ТРИПЛЕ Хелех моделот за иновации ги интегрира универзитетите, индустријата и владите, а Европскиот институт за иновации и технологии поддржува иновативни решенија само преку силна соработка помеѓу партнерите од бизнис секторот, високото образование и истражувањето и оти рециклирањето може да се зголеми само преку соработка на овие сектори.

Дали рециклирањето е доволно?

Според Државниот завод за статистика, секој жител во Македонија создава над 1 килограм отпад дневно, односно 379 килограми годишно. Просекот во ЕУ е 1,3 килограми по жител, додека светскиот просек е речиси двојно помал. Според податоците на Светската банка, светскиот просек во 2016 година бил 270 килограми отпад по жител годишно, односно вкупно над 2 милијарди тони цврст отпад. Со оглед на растот на населението и урбанизација, се очекува до 2050 година вкупното количество отпад во светот да се зголеми за 70 отсто и да достигне 3,6 милијарди тони годишно, наведува Светската банка.

Во таков случај, се наметнува прашањето дали рециклирањето е доволно или треба да се преземат и други мерка за управувањето со отпадот.

Професор Пауновиќ вели дека се создава многу повеќе отпад од што земјата може да разложи и затоа е потребен интегриран систем за управување со цврсти отпадоци.

„Прво, минимизирање на отпадот на изворот на создавање, значи што е можно повеќе да ја зголемиме употребната вредност на добрата што ги користиме, по можност нивна реупотреба, понатаму веќе следи рециклирањето, па кога ќе се исцрпат сите можности на овие три точки, следи термички или биотретман на отпадот, при што од тоа се добива енергија и цврст остаток којшто може да се употреби и на крај, кога ќе се исцрпат сите можности, останува онаа последна опција, која кај нас за жал е најзастапена, депонирањето. Со примена на ваков интегриран систем се спречува запоседнувањето на земјината топка со отпад“, вели Пауновиќ.

Во насока на намалување на создавањето отпад треба да се гледа и одлуката на Европскиот парламент, кој пред неколку дена изгласа забрана на употреба на пластични цевчиња, памучни стапчиња и на еднократен пластичен прибор за јадење, како дел од поширокото законодавство против пластичен отпад што ги загадува плажите и океаните. Пластиката за еднократна употреба целосно ќе биде забранета во земјите од Европската унија до 2021 година.

Професор Емилија Фиданчевска посочува дека треба да се размислува надвор од границите за да може да се согледаат сите потенцијали за искористување на отпадот. Таа го посочува примерот на депонијата во Виена, каде што градскиот отпад се спалува во инсенератор.

„Добивка од тоа спалување е намалување на волуменот на отпадниот материјал, добивање на енергија којашто се користеше потенцијално за загревање на домовите од околната населба и со помош на магнетна сепарација извлекување на металните делови коишто потоа одат во металната индустрија. Она што денес е во фокусот на истражување е барање на иновативни решенија за да се искористи неорганскиот, минералниот дел од отпадот, којшто е со многу помала количина за одредени цели“, вели таа.

Фиданчевска посочува дека има решенија и за користење на летечката пепел од термоелектраните, која ја загадува околината, а може да биде ресурс.

„Летечката пепел е добар извор на секундарна суровина, којашто наоѓа широка практична примена во цементната индустрија, како за добивање на клинкер, така и за добивање на цементи, може да се користи за добивање бетони, може да најде практична примена за одредени тампони кај патиштата, потоа во глинената индустрија за добивање на плочки, тули, може да замени дел од глината којашто е примарна суровина за добивање на овие производи. Последните контакти коишто ги имав со моите колеги на состаноците на проекти покажуваат дека може да се добие и наноматеријал со соодветна технологија, како што е графенот на пример“, вели Фиданчевска.

Таа посочува дека Цементарница Усје, ЕЛЕМ и Технолошко-металуршкиот факултет се дел од програмата на Европскиот институт за иновации и технологии за поттикнување на регионалните иновации. Овие три субјекти се дел од конзорциумот составен од 16 партнери од 7 држави. Во рамки на овој проект се фаворизира искористувањето на секундарните суровини: згурата, црвената муљ, пепелите, депониите од боксидните руди. Преку рециклирање на овие отпадни минерални остатоци планирано е да се промовира синтеза на одржливи минерални врзива со висока содржина на алуминиум кој потенцијално би се користеле како конструкциони материјали, вели Фиданчевска.

Македонија цела деценија чека струја од ѓубре

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов пред околу две недели соопшти дека Градот го презема управувањето со депонијата Дрисла и оти по изборите, концесијата за управување со депонијата ќе ја добие германската компанија Шолц. Со депонијата досега раководеше италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која го доби тендерот во 2011 година, но не ги спроведе ветените 73 милиони евра инвестиции, а „Шолц“, со години на суд го оспоруваше нејзиното право на концесија. Шилегов очекува Дрисла да стане место кое ќе му носи приходи на градот и кое нема да го загадува воздухот.

„Дрисла во изминативе седум години работи исклучиво со средства коишто Градот ги има вклучено во неговото претпријатие, така што тоа е исто така дел од истрага којашто си ја водат други органи, а којашто Градот ја има пријавено“, рече Шилегов.

Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која во 2011 година ја доби концесијата за да управува со депонијата, вети дека од Дрисла ќе направи модерна депонија, ќе постави нова постројка за согорување на медицински отпад, автоматизирана пералница за камионите, нова механизација за работа и голема административна зграда. А, откако ќе заврши со овие инвестиции на Дрисла да се произведува и електрична енергија. Беше најавено дека скоро една третина од отпадот во Скопје ќе биде трансформиран во енергија што е доволно за работа на една цела фабрика. Дел од најавената идеја за модернизацијата на Дрисла беше да се затвори половина од 35 хектари од депонијата со еден вид пластеници и така да се создадат услови органскиот отпад да испушта гас-метан кој подоцна ќе согорува и од топлинската енергија ќе се произведува електрична енергија.

Во Дрисла не само што не се произведува струја, туку и медицинскиот отпад се согорува со несоодветна печка, поради што имаше низа протести.

Африка се мачи со ѓубрето

Ќе рециклираме или ќе се затрупаме во ѓубре
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:31 0:00

Состојбата во Африка е уште полоша. Позитивен пример е компанијата Ви-сајклерс од Нигерија, која веќе шест години го собира отпадот од околу 17 илјади домаќинства во Лагос, по што им го продава на фирмите за рециклирање.

Љупчо Наќев

Нигериска компанија за рециклирање доби меѓународно признание за иновативност во врска со заштитата на животната средина во Лагос.

Компанијата која собира пластика за рециклирање беше наградена од фондацијата Крал Бодуен, за особен придонес во развојот на африканскиот континент.

Ви-сајклерс започна со работа пред 6 години како ентузијастичка иницијатива, а сега сервисира околу 17 илјади домаќинства во предградијата на Лагос.

„Многу сум возбудена, ова е сон кој стана јаве за нас, речиси е нереално, бидејќи, не ми се верува. Започнавме со еден велосипед, одејќи од куќа до куќа да собираме пластика“, вели директорката и основач на компанијата Биликис Абеди Абиола.

Нигерискиот мега-град Лагос генерира огромни количества отпад, односно, околу 21 милион жители генерираат десетици илјади тони ѓубре секојдневно.

Ви-сајклерс најнапред собирале отпад од сиромашните, давајќи им бодови, кои потоа можеле да ги заменат за пари, храна и други домашни потреби. Денес, луѓето сами носат отпад за рециклирање во складиштето.

Компанијата потоа отпадот го пресува и им го продава на компаниите за рециклирање.

Африканскиот координатор на фондацијата Крал Бодуен, Херв Лисоа, вели дека за наградата имало 244 кандидати, но оти комисијата била импресионирана од работата на Ви-саjклерс.

„Тие развиле многу ефективно и многу локално базирано решение за огромен проблем, за огромен предизвик - менаџирање со отпадот“, вели тој.

15 отсто од вкупниот отпад е пластика, па има огромни можности за рециклирање, сметаат во Ве-сајклерс.

„Се надеваме дека ќе дојде денот кога ќе имаме циркуларна економија, каде што отпадот што го генерираме, ќе го рециклираме и ќе го користиме за нови пакувања“, додава Биликис.

Во некои други земји во Африка, како на пример во Кенија, не постои организирано собирање на отпадот, а пластични шишиња за еднократна употреба има расфрлани насекаде, па дури и во дипломатскиот дел на Најроби. Организирано рециклирање нема, па Кенија во 2017-та целосно забрани користење на пластични кеси, а сега планира да забрани и употреба на пластични шишиња.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG