Достапни линкови

Дали растот од три проценти е преоптимистичен?


Вицепремиерот Кочо Анѓушев

Вицепремиерот Кочо Анѓушев очекува економскиот раст во Македонија до крајот на годината да изнесува над три проценти. Дел од економистите велат дека тоа е прептимистично со оглед на растот од 0,1 процент во првиот квартал како и поради претстојниот референдум.

До крајот на годината економскиот раст во Македонија ќе се забрза и ќе дојде до ниво од над три проценти, проценува вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, коментирајќи ги бројките од првиот квартал, кои, кај дел од економистите, не ветуваат добри изгледи за раст на економијата.

Анѓушев вели дека за растот од само 0,1 проценти во првиот квартал од годината придонела наследената негативната политичка и економска состојба која влијаела и врз растот во минатата година кога се формираше Владата, но оти во период од година и половина економијата закрепнала и се очекува да расте.

„Не треба да се заборави од каде ја земавме државата во средината на минатата година откако се формираше оваа влада“, вели Анѓушев, посочувајќи дека тогаш имало негативни бројки на бруто домашниот производ од -1,2 и -1,7 проценти.

Она што се случуваше во државата не можеше да не влијае врз економијата. Еден процес кој што бил во паѓање треба да го застанете и потоа да го тргнете во позитивна насока. Да БДП во првиот квартал беше 0,1 отсто, но сега веќе во вториот квартал очекувам подобри бројки. Се надевам дека тие кога ќе излезат од статистика ќе го потврдат она што го кажувам и очекувам тие бројки да бидат околу проектираните веќе во вториот квартал, а веќе во третиот и четвртиот квартал да ги надминат тие бројки, така што на ниво на година да направи просечна вредност од таа која што сите ја очекуваме и ја посакувавме, над три проценти“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Инаку, и СБ ги намали проекциите за Македонија и предвидува дека оваа година економскиот раст ќе биде 2,3 проценти, а ММФ 2,8 проценти, но Анѓушев вели дека и тие бројки се движат околу 3 проценти и оти се во делот на статистичка грешка.

Меѓутоа, иако Владата очекува натамошен раст на економијата до крајот на годинава, дел од економистите велат дека најмногу што може да се очекува е растот да биде позитивен до крајот на декември и оти тоа би било добредојдено за економијата.

Со оглед на тоа што на Македонија и претстои референдум за Договорот со Грција, кој треба да се одржи на 30 септември, економистот Висар Адеми во прогнозите предвидува дека до крајот на годинава не може да се очекува раст на економијата од над три проценти затоа што државата ја очекува жешка есен и политички турбуленции кои, како што проценува Адеми, ќе го дефокусираат интересот од економските политики и тие ќе бидат насочени кон политичко менаџирање на ситуацијата.

„Со првиот квартал од 0,1 економски раст и вториот за кој нема бројки оваа изјава е преоптимистична, особено во време кога не очекуваат големи политички турбуленции, тука се поголеми трошоци за организирање на референдумот, рестрикции на инвестиции зашто не се знае што ќе се случи, и со поконзервативна политика за привлекување инвестиции. Фокусот ќе бидат внатрешните теми и не верувам како би можел да се постигне оваа бројка за раст да може преку ноќ да се постигне оваа стапка“, изјави Висар Адеми

Адеми вели дека за Македонија ќе биде добро годината да ја заврши со позитивен економски раст до еден процент, оценувајќи дека земјата се уште е во фаза на стабилизација на политичката сцена. Според неговите проценки, фокусот на економските политики повторно би се вратил по 1 ви јануари, кога, како што вели, ќе може да се имплементираат економските политика на владата за привлекување инвестиции, поттикнување на претприемништвото и извозниот сектор.

Деновиве вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пак изјави дека парите кои ќе бидат издвоени од буџетот за организирање на референдумот битно нема да го променат износот на пари во државната каса наменети за капитални инвестиции кои, според него, во наредниот период ќе се реализираат со побрзо темпо за разлика од првите шест месеци.

„Слушнавме дека сумата која е потребна за организирање на референдумот е 3,5 милиони евра. Тоа е под еден отсто од вкупните 400 милиони евра кои се издвојуваат од буџетот за реализација на капитални инвестиции и таа сума за референдумот нема битно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции“, изјави Анѓушев.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG