Достапни линкови

Тешко до планираниот раст без поголеми капитални инвестиции


Градежни активности на автопатот Миладиновци-Штип на 23 јули 2014
Градежни активности на автопатот Миладиновци-Штип на 23 јули 2014

Ако Македонија сака да го постигне планираниот економски раст од 3,2 проценти за годинава, владата ќе мора посериозно да „запне“ со реализацијата на капиталните инвестиции.

Македонија се клацка на работ на рецесија, опозицијата обвинува за „економско цунами“, власта уверува дека забрзаниот економски раст само што не дошол, а експертите предупредуваат дека без капиталните инвестиции, планираниот економски раст од 3,2 проценти ќе биде недостижен.

Во последниот квартал од минатата година немаше економски раст, а растот во првото тримесечје од оваа година изнесува само 0,1 процент. Тоа се должи на падот на градежништвото, особено нискоградбата, што, пак, е резултат на рекордно ниското ниво на капитални инвестиции.

Професор Зоран Ивановски вели дека државата мора да ги реализира зацртаните капитални инвестиции, ако сака да го постигне планираниот економски раст.

„Во мала и отворена економија, зависна од трошењето на државата,очигледно е дека без поголем процент на искористување и реализација на капитални инвестиции нема да може да се реализира планираната стапка на економски раст. Значи, останува да се подобри и зајакне капацитетот на јавната администрација во контекст на способноста за реализација на капиталните инвестиции доколку државата сака да го исполни она што го ветува и планира, а тоа е повисока и позначителна стапка на економски раст“, вели Ивановски.

Професор Алаудин Зеќири вели дека е речиси невозможно оваа година да се постигне планираната стапка на раст.

„Јас мислам дека 3,2 отсто во вакви околности е невозможна стапка на раст, би било добро да имаме стапка на раст меѓу 2,2 и 2,3 отсто“, вели Зеќири.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за економска катастрофа и бара одговорност од власта. Според нив, целата економија е во пад, а растат само бизнисите на премиерот Зоран Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека падот во градежништвото се должи на наследените сериозни проблеми од минатата власт кои мора да се поправат.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пак, е уверен дека и покрај стагнацијата во првиот квартал, до крајот на годината може да се постигне планираниот економски раст од 3,2 проценти, затоа што има раст во сите сегменти, освен во нискоградбата, што најмногу се должи на застојот на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, каде што има проблеми кои треба да се решат.

„Не можете вие нешто што одело во еден правец како воз со 150 километри на час, во една секунда да го запрете и да го свртите во друг правец“, вели Анѓушев.

Светската банка и ММФ претходно ги намалија проекциите за економскиот раст на Македонија за годинава. Светската банка очекува раст од 2,3 отсто, а ММФ 2,8 отсто. Народната банка ја потврди проекцијата за економски раст од 3,2 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG