Достапни линкови

Собранието за референдумот ќе добие 1,3 милиони евра од буџетот


Собранието ќе ја води кампањата за референдумот и за таа цел формираше координативно тело, при што ќе им се даде можност на сите пратеници да се изјаснат за референдумот. Владата за кампањата обезбеди речиси 1 милион и 300 илајди евра.

Собранието ќе формира Координативно тело за спроведување на Референдумот на државно ниво и водење на јавна пропаганда, а Владата за таа намена ќе обезбеди речиси еден милион и 300 илјади евра.

Одлуката за формирање на координативното тело беше донесена на редовната координација во Собранието, а со него ќе раководи претседателот на Парламентот, Талат Џафери, а ќе членуваат потпретседателите и координаторите на политичките партии.

„Собранието, ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на Референдумот, пропорционално, според изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред јавноста своите ставови и аргументи“, е наведено во соопштението на собраниската прес служба.

Од владината прес-служба по седницата соопштија дека Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план на Собранието како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, како што е наведено, тие ќе бидат вратени во Буџетот.

Владата донела одлука и да се спроведе и процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес, односно кампања за референдумот, базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност. Владата, како што е посочено во соопштението, планира комуникација со и преку медиумите, социјалните медиуми и активности од јавен карактер. За активностите на социјалните медиуми владата планира да издвои речиси 6500 евра од редовниот буџет на Генералниот секретаријат.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска викендов изјави дека од министерството ќе се обезбедат речиси милион евра за кампањата.

Стандардите на НАТО предизвик за АРМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Собранието и официјално се обрати до Владата за обезбедување финансиски средства за спроведување на јавната кампања, при што ќе биде отворена посебна сметка за таа намена. На редовна координација, како и досега, не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Но, како што посочуваат од собраниската прес служба, Џафери ќе контактира со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување можен договор за водењето на јавна пропаганда.

Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасниле дали ќе го повикаат членството да излезе да гласа на референдумот „за“ или „против', или пак да го бојкотира. Лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски неколку пати изјави дека за тоа ќе одлучуваат највисоките органи на ВМРО-ДПМНЕ и дека на терен го испитуваат мислењето на граѓаните.

Владата на седницата во минатата недела ги задолжи министерствата да достават информација за средствата кои ги имаат на располагање и кои може да се пренаменат за кампањата за референдумот.

Согласно Законот за референдум, овластениот предлагач во случајов Собранието е тоа кое треба да ја спроведува кампањата на свој трошок и да достави финансиски извештај до ДИК за потрошените пари. Во Собранието неодамна беа усвоени измените на Изборниот законик со кои се предвидува од буџетот да се обезбедуваат средства за платеното политичко рекламирање за време на избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG