Достапни линкови

Да се најде начин за економски раст без зголемување на јавниот долг


Архивска фотографија: Отворање на фабриката на американски „Адиент“ во ТИРЗ Струмица
Архивска фотографија: Отворање на фабриката на американски „Адиент“ во ТИРЗ Струмица

Македонија мора да најде начин за економски раст без зголемување на јавниот долг. Дека тоа е можно покажуваат примерите на Бугарија и Романија, кои имаат низок јавен долг и задоволителен економски раст. Од друга страна, Грција и Хрватска се многу задолжени, но не може да постигнат раст на економијата, објаснува поранешниот министер за финансии, професор Никола Поповски.

Зголемувањето на јавниот долг е очекувано, ако се има предвид дека тоа е проектирано во буџетот и во фискалната стратегија. Со оглед на тоа што капиталните инвестиции во првата половина од годината се реализирани само 16 отсто од планираното, со забрзувањето на инвестициите во втората половина од годинава, експертите очекуваат долгот да се зголеми.

Министерството за финансии објави дека јавниот долг во вториот квартал пораснал од 47,2 на 47,7 отсто од БДП-то, односно се зголемил за 54 милиони евра и достигнал 5,139 милијарди евра. Опозицијата обвинува за национална катастрофа, власта се брани дека по рапидното зголемување на долгот во изминатата деценија, сега се задржува на минатогодишното ниво, додека економистите препорачуваат фискална дисциплина и намалување на долгот.

Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, препорачува нивото на јавниот долг, наместо да се зголемува, да се намали до под 40 отсто од БДП. Го прашавме можно ли е долгот да се намалува, а економијата да расте.

„Колку економисти има во светот, толку мислења ќе најдете за ова прашање. Многу држави успеале да имаат економски раст без значително зголемување на долгот, па дури и во услови на намалување на долгот. Такви имаме и сега во соседството. Бугарија и Романија имаат значително низок јавен долг, кој не надминува околу 25 отсто од нивниот БДП, значи исклучително низок јавен долг, а од друга страна имаат задоволителни стапки на раст. Значи е можно со низок долг. Од друга страна имаме други две држави со сосема обратна ситуација во нашето соседство. Грција, која има огромен јавен долг, а нема раст, има стагнација, па дури и рецесија веќе 10 години и Хрватска која драстично го зголеми јавниот долг, некаде на 90 отсто од БДП, но тоа не продуцираше раст, имаат проблеми со отплатата и имаат стагнација на економијата. Дури и откако влегоа во ЕУ, стапките на раст не им се задоволителни. Значи гледате, сè зависи од тоа како на внатрешен план ќе ја менаџирате состојбата“, вели Поповски, кој препорачува да се бараат нови начини за стимулирање на растот, а не преку задолжување.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека владата во второто тримесечје од годинава го зголемувала јавниот долг по 580 илјади евра дневно. Според нив, ова што го прави СДСМ во моментов е национална катастрофа. Партискиот портпарол Димче Арсовски оцени дека владата се однесува расипнички и недомаќински.

„Економијата тоне, БДП производ се килави не може да мрдне повисоко од 0, земјоделието никогаш не било полошо, стопанството и градежништвото бележат вртоглави падови, граѓаните секојдневно тонат во долгови. Нема нови автопати, нема нови училишта, нема нови градинки, нема нови студентски домови, нема нови болници, нема повисоки субвенции за земјоделците, нема повисоки пензии, нема повисоки плати, едноставно нема ништо од тоа што ветуваа СДСМ во пред изборите“, рече Арсовски.

Тој бара СДСМ да се откаже од намерите предвидени од фискалната стратегија со којашто државниот и јавниот долг би отишле над 50 % од БДП.

Во Министерството за финансии реагираа дека јавниот долг од 2008 до 2016 година се зголемил за три пати и оти во 2017 за прв пат се намалил и сега се задржува на тоа ниво.

Според фискалната стратегија за периодот 2018-2020 година, јавниот долг годинава треба да надмине 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП. Догодина јавниот долг треба да достигне 6,4 милијарди евра, односно 55,9 отсто од БДП-то, за во 2020 година да биде 6,5 милијарди евра, но да се намали како процент од БДП-то на 53,5 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG