Достапни линкови

Жонглирање со статистиката во политичката борба


Опозицијата обвинува за економски пустош, повикувајќи се на официјални податоци. Власта, исто така повикувајќи се на други официјални податоци, се фали дека економијата оди напред.

Повикувајќи се на едни статистички податоци, опозицијата обвинува за економски пустош, презентирајќи други податоци кои ѝ одат во прилог, власта уверува дека економијата оди напред и оти опозицијата „не може да се помири со успешните економски политики на владата“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека минималниот економски раст од 0,1 отсто е најслаб во Европа, а растот на индустриското производство во мај од 1,1 проценти е „недоволен и далеку од потребното ниво“. Ако се погледнат податоците на Државниот завод за статистика, растот на индустриското производство во мај годинава во споредба со истиот месец минатата година навистина е 1,1 проценти. Значи, ВМРО-ДПМНЕ е во право.

Владејачкиот СДСМ, пак, одговара дека ВМРО-ДПМНЕ лаже и оти растот на индустриското производство е 3,5 отсто. Ако се погледнат податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во периодот јануари - мај 2018 е за 3,5 проценти поголемо во споредба со истиот период минатата година. Значи, СДСМ е во право.

Експертот за политички маркетинг Петар Арсовски вели дека ваквите меѓусебни обвинувања меѓу партиите пред сè имаат за цел да ги задржат сопствените гласачи.

„Негативната кампања и ваквите пинг-понг прес-конференции најчесто имаат за цел да ги мобилизираат и задржат сопствените гласачи. Значи, тие многу ретко имаат влијание врз неопределените гласачи, бидејќи неопределените гласачи немаат многу вградена доза на доверба на пораките што ги праќаат партиите од партиските штабови. Во таа смисла ова можеби може да се толкува како консолидација на сопственото гласачко тело во пресрет на најавениот референдум“, вели Арсовски.

Економистите, пак, велат дека податоците што опфаќаат поголем период се порелевантни. Професор Алаудин Зеќири вели дека ваквите меѓусебни обвинувања служат за замајување на јавноста.

„Психолошки речено, тоа се апатични решенија, замаглени решенија, кои имаат цел да ја замаглат јавноста за од лисјата да не може да го види дрвото. Ваквите ситуации не водат никаде. Битно е во декември, на крајот на годината, да се видат збирните податоци и да се види дали годината имала благ пораст, среден пораст, јас не се сомневам дека има благ пораст, или била обратна ситуацијата“, вели тој.

Меѓусебните обвинувања за економијата постојано се мешање баби и жаби. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за пад на производството во рударството, енергијата и нетрајните производи за широка потрошувачка. СДСМ одговара дека има раст на платите, раст на извозот, намалување на невработеноста и рекордни странски инвестиции.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG