Достапни линкови

Трето и четвртоодделенците во Прилеп учат во несоодветни услови


Несиме Салиоска од невладината организација РОМА С.О.С.
Несиме Салиоска од невладината организација РОМА С.О.С.

Учениците од 3 и од 4 одделение во училиштето Добре Јованоски во Прилеп учат во простории во кои нема технички и хигиенски услови за одржување настава, пишува активистката Несиме Салиоска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во учебната 2017/18 година, вкупно 174 ученици распоредени во 8 паралелки, 6 од трето одделение и 2 од четврто одделение, запишани во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, посетуваа настава во објект оддалечен 300 метри од самото училиште, или т.н. „воено училиште“ именувано како Центар за обука „Лазо Филипоски Лавски“. И додека родителите во изминатите повеќе од 15 години реагирале на условите за одвивање на наставата, безбедноста и хигиенските услови во овие простории, не постои ниту еден запис според кој може да се илустрира состојбата во ова т.н. дисперзирано училиште.

Ситуацијата ескалираше на 21 јануари 2018 година, кога еден од учениците играјќи во дворот се здоби со телесна повреда изразена со отворени рани на колкот и бедрото, а стекната од одрон од училишната ограда, која буквално паднала над ученикот. Ученикот бил задржан на болничко лекување и била изведена сериозна хируршка интервенција. За овој случај, никој не сакаше да преземе одговорност, па од таа причина родителите побараа поддршка од невладината организација, која дополнително го истражи случајот и ја изанализира состојбата, при што утврди дека во ова т.н. училиште:

Нема технички и хигиенски услови за одржување на настава;

Објектот и дворот се руинирани и небезбедни, а инвентарот и ѕидовите се распаѓаат;

Не е обележан ниту објектот, а ниту патот, учениците се изложени на опасност од сообраќајот;

Советот на родители реагирал во неколку наврати, но не постои запис од истото;

Возраста на децата не е соодветна за посета на образовна установа на оваа оддалеченост и истите се во нееднаква положба во споредба со останатите ученици запишани во тоа училиште.

Претставката поднесена до Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Општина Прилеп и до ООУ Добре Јованоски, резултираше со два инспекциски надзори.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во рок од една недела постапи по претставката и притоа го утврди следното:

Хигиената во вкупниот училиштен простор не е на задоволително ниво и е оптоварен со непотребни предмети,

Во училишната зграда не е спроведена проточна вода, односно за миење се користи поставен пластичен сад и старо лавабо,

Во санитарните јазли не се поставени средства за лична хигиена и нема осветлување,

Инвентарот во училниците е застарен и оштетен,

Во дворот на училиштето има тврд отпад,

Во помошниот објект – стражарница, исто така е присутен цврст отпад, оштетена дрвенарија и слично.

Со упатеното решение до ООУ Добре Јованоски, се наредува да бидат преземени 5 санитарно-технички, санитарно-хигиенски и противепидемски мерки за заштита на населението од заразни болести.

Државниот просветен инспекторат постапува еден месец подоцна и според нивниот увид, условите за одвивање на наставата се на задоволително ниво, укажувајќи на фактот дека од Советот на родители, уште во септември 2017 година е поднесено барање до Општина Прилеп за поставување на сообраќајни знаци околу оваа тн. училишна зграда, но одговор сè уште не е добиен.

Да не беше трагично ќе беше смешно, да не се забележи заклучокот во самиот одговор на крајот, дека овој простор е безбеден за учениците, а истовремено укажувајќи на тоа дека не постои обележување на патот и на училишната зграда, односно уредување на сообраќајот во околината околу зградата т.е. нема обележан пешачки премин, ниту има каков било знак дека се работи за воспитно-образовна установа, иако самиот објект е лоциран на раскрсница на главна улица во центарот на градот.

Нема согласност од родителите за одвивање на ваквиот начин на наставата односно, децата се запишуваат во училиштето „Добре Јованоски“, каде посетуваат настава во прво и второ одделение, за да потоа продолжат со своето образование во „военото училиште“ во трето и четврто одделение, и во петто повторно се враќаат во основната зграда. Единствениот одговор кој го добиваат родителите при нивната реакција е дека нема доволно простор во основната зграда за да се сместат сите ученици, па затоа мора да се прераспределуваат во друг објект, а кој се користи во континуитет по основ на привремено склучени Договори.

Иако основното образование е целосно во надлежност на Општина Прилеп, од нив ни трага ни глас.

Дали нашата реакција е доволна за да се предизвикаат институциите координирано да постапат во трајно решавање на овој проблем до почетокот на новата учебна година, или ќе следува меѓусебно надмудрување за тоа „кој е крив а кој е прав“, останува времето да покаже.

Но, едно е сигурно – после оваа реакција родителите се охрабрени гласно да говорат и да бараат подобри услови за одвивање на наставата, нивните барања и незадоволства во врска со хигиената/здравјето и безбедноста на децата се запишани, а со тоа генерацискиот круг на тишината е прекинат.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG