Достапни линкови

Ромите бараат десегрегација на основното образование во Битола


Oсновно училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола.

Сегрегацијата во основното образование е еден од главните проблеми на ромското население во Битола. Осипувањето на македонските ученици од основното училиште „Ѓорги Сугарев“ трае со години и до сега не се преземени мерки кои дале резултат.

Во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола има паралелки во кои учат исклучиво ромски ученици зашто учениците од другите етнички заедници се запишуваат во други школи. Ако продолжи ваквиот тренд на сегрегација, училиштето ќе стане чисто ромско, што е сосема спротивно на заложбите за интеграција на ромското население во образованието и општеството.

„Гледаме дека родителите на македонските ученици не ги запишуваат во ОУ „Ѓорги Сугарев“. Останаа само Ромите. Со тоа не можеме да напредуваме, доколку учат заедно со Македончиња многу повеќе ќе напреднат. Еднонационално школо стана, само Ромчиња учат. Иако по реон припаѓаат таму другите родители ги пуштаат да учат децата во други подалечни училишта“, вели Селајдин Касум од Ромскиот парламент.

Ромчињата се запишуваат во ова школо зашто е близу нивната населба во Битола. Но, условите во кои живеат повеќето од нив се лоши. Државата не направила многу за да им обезбеди достојни услови за живот. Во одделни делови од населбата немаат струја, вода и канализација. Тешко се одржува хигиената и децата често се разболуваат. Ова е една од причините поради која учениците од другите етнички групи заминуваат во други школи.

„Во текот на годината само два месеца, преку пролет имаат вода. Имам два сина кои живеат таму, со цели семејства редовно доаѓаат да се бањаат кај мене на улица „Љубојно“ каде немаме проблеми со водата. Вода немаат, болести се шират, а одат на школо“, додава Касум.

И од здружението „РОМА С.О.С“ сегрегацијата во основното образование ја посочуваат како еден од главните проблеми на ромското население во Битола

„Оваа година е забележано дека се основале паралелки во прво одделение со сто проценти ромски ученици. Дефинитивно е потребно да се десегрегира основното училиште преку ревидирање на планот за реонизација од страна на Општина Битола, па така децата ќе можат да се запишуваат и во други училишта освен во „Ѓорги Сугарев“, а оние кои ќе сакаат да се отпишат од таму нема да имаат можност тоа да го направат, па така социјализацијата меѓу учениците од различни етнички заедници ќе биде на соодветно ниво“, вели Несиме Салиовска од „РОМА С.О.С.“.

Од секторот за образование во Општина Битола велат дека за да се надмине оваа појава има предлог наставниците да бидат пример за соживот и тие да ги запишуваат своите деца во училиштето „Ѓорги Сугарев“ иако не припаѓаат во тој реон.

Инаку, осипувањето на македонските ученици од ова школо трае со години и до сега не се преземени мерки кои дале резултат. Екпсерти од образованието велат дека според законските прописи родителите морат да ги запишат учениците во кое школо сакаат доколку во него не е исполнет максималниот број на ученици во паралелка.Поради намалениот наталитет и иселеничкиот бран низ школите во Битола фукнционираат паралеки и со помал број на ученици, па дури и со 12.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG