Достапни линкови

Социјалната ја надминува етничката дискриминација


Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово.

Кај кумановските основци и покрај сите заложби има дискриминација, по етничка основа која не е толку изразена, но поизразена е социјалната разлика, поделба на децата на посиромашни и побогати. Се прават проекти да и се каже „не“ на дискриминацијата.

Ако пред безмалку две децении кај кумановските основци и средношколци во оваа мултиетничка средина постоела етничка дискриминација, со актуелизирање на печалбарството, дискриминацијата прерасна во социјална, велат стручњаци. Тие додаваат дека и кај учениците разбирливо постои поделба на богати и сиромашни, но најчесто материјалното богатство не е услов за подобар успех. Напротив, посиромашните деца се поамбициозни, потрудољубиви и подисциплинирани од богатите.

„Ние во училиштето сакаме да веруваме дека нема дискриминација со самото тоа што сме мултиетничко училиште, тука се застапени ученици од македонска, српска и ромска националност, важиме како инклузивно училиште, затоа што имаме прифатено и ученици со посебни образовни потреби. Ние постојано ги учиме децата дека не треба да постои дискриминација. Меѓутоа, колку и да сакаме да е тоа така, сепак дискриминацијата постои, по етничка основа која не е толку изразена, но поизразена е социјалната разлика, поделба на децата на посиромашни и побогати според социјалниот статус на родителите. Тоа се огледа по однесување, облекување и по технологиите што ги поседуваат“, вели Елизабета Костадиновска-Костиќ, директорка на Основното училиште „11 Октомври“.

РСЕ: Дали побогатите деца отскокнуваат и по успехот?

„Не, тоа не е пресудно. Не мора да значи ако имаат подобри услови дома, ја поседуваат модерна технологија, компјутери и се останато дека се подобри ученици. Другите тоа го надоместуваат со поголема трудољубивост“, додава Костадиновска -Костиќ.

И социјалниот работник Фросина Цветковска вели дека помеѓу децата е најприсутна социјалната дискриминација.

„Нема средна класа. Сега има богати и сиромашни и преовладуваат богатите деца, сиромашните се оставени на страна. Побогатите се деца чии родители се печалбари, кои мислат дека преку ноќ станале богати, тоа што ним им недостасувало сега сакаат да го надоместат преку нивните деца, купуваат љубов за пари, со што несвесно ги повредуваат другите деца, но и сопствените, бидејќи тие не раснат во зрели личности, туку се предиспонирани да не ги почитуваат останатите луѓе“, вели Цветковска.

За укажување на децата дека не треба да прават дискриминација помеѓу нивните врсници, Канцеларијата при Општинскиот центар за социјални услуги се вклучила во кампања за подигање социјална свест кај граѓаните, насловена „Дискриминација не - во моето училиште“.

„Планираме да ги посетиме сите 16 основни училишта во градот, во соработка со канцеларијата на заменик правобранителот и Германското друштво за интернационална соработка“, вели Тања Стефановска, социјален работник и една од реализаторите на кампањата.

Според неа се очекува кампањата да даде позитивни резултати. Можеби нема да ја елиминира дискриминацијата, но барем ќе ја ублажи, вели Стефановска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG