Достапни линкови

Политичката сцена засенета од собранискиот ќотек


Година одбележана од насилството во Собранието на 27 април
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:45 0:00

Година одбележана од насилството во Собранието на 27 април

Централен настан во 2017 беше влегувањето во Собранието и насилствата, многу настани потоа се поврзани со тие случувања. Дел од учесниците во насилствата завршија на суд. Годината ја одбележаа и локалните избори и победата на СДСМ, договорот за добрососедство со Бугарија, оставката на Груевски и изборот на Мицкоски за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Го реобјавуваме освртот на претходната година, првично објавен на 31 декември 2017

Како ретко која досега, 2017-та, ќе ја паметиме како година во која се одржуваа некакви избори, во случајов локални, а тие не беа централен настан во неа. За тоа беа „виновни“ настаните од 27 април, односно влегувањето на голема група луѓе во Собранието, по што дојде до инциденти во кои имаше повредени пратеници, полицајци, новинари, граѓани. Уште многу случувања потоа беа поврзани со овој настан, а кулминацијата настана кон крајот на ноември, кога беа уапсени неколку десетици инволвирани, меѓу кои и пратеници од ВМРО ДПМНЕ.

please wait

No media source currently available

0:00 0:15:13 0:00
Директен линк

Во 2017-та во центарот на вниманието на јавноста беа и Законот за употреба на јазиците, т.н. Тиранска платформа, билатералниот договор со Бугарија, судските случаи покренати од обвиненијата на СЈО, оставката на Никола Груевски како претседател на ВМРО ДПМНЕ....

Формирањето на влада одеше тешко

Годината почна во напната атмосфера, која се прелеа од претходната, односно по завршувањето на предвремените парламентарните избори од декември 2016-та. Се уште немаше формирано влада, а првиот чекор во таа насока беше направен на 9 јануари, кога претседателот на Македонија Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на нова влада на Никола Груевски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, партија која освои најмногу пратенички места на изборите. Постизборните математики покажуваа дека за формирање влада доволни ќе бидат гласовите на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, кои беа партнери и во дотогашната власт. Меѓутоа, преговорите не одеа така како што се надеваше Груевски. Имено, од партиски извори тогаш се брифираше дека ДУИ инсистира на рамноправна употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во ЕУ и продолжување на мандатот на СЈО, додека од ВМРО ДПМНЕ велеа дека нема да преговараат и нема да дозволат промена на Уставот, со цел двојазичност на целата територија. Иако, упатените тврдеа дека главната „квака“ е идното функционирање на СЈО. Некаде на истекот од предвидените 20 дена, кога беше очигледно дека преговорите не одат „мазно“, лидерот на тогаш опозициската СДСМ, Зоран Заев рече дека е време за завршување на кризата.

„Кризата ќе заврши преку формирање на влада, конституирање на Парламентот, избор на претседател на Парламентот и нормално да тече работата на институциите. Секако јас како шеф на опозицијата верувам дека владата ќе биде предводена од СДСМ“, рече Заев.

Групна фотографија на новата влада на 31 мај
Групна фотографија на новата влада на 31 мај

Откако Груевски не успеа да се договори со ДУИ, на почетокот од февруари следуваа консултации на претседателот Иванов со лидерите на другите партии. По долгата средба, Заев соопшти дека им било кажано оти нема да го добијат мандатот, бидејќи се второпласирани на изборите.

Иванов кратко изјави дека мандат за состав на нова влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе го извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Подоцна условите за добивање мандат беа проширени и со гаранции за унитарноста и за реформи во безбедносните структури

„Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на влада во согласност со член 90 од Уставот на Република Македонија“, рече Иванов.

Кон крајот на февруари Заев му предаде на Иванов потписи од 67 пратеници од СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и движењето Беса.

Но, ниту Иванов брзо го врачи мандатот, ниту имаше мирен и брз трансфер на власта. Истиот ден кога Заев ги предаде потписите, почнаа секојдневни протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои бараа од политичарите да не ја прифатат платформата на партиите на Албанците во Македонија, да го почитуваат Уставот и да се обврзат дека нема да го променат името.

„Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, од туѓи држави, без изборен легитимитет, чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме“, рече на првиот протест еден од водачите на иницијативата Игор Дурловски.

Законот за јазиците отвори многу дилеми

Зоран Заев кон средината на март имаше обраќање во кое ја обзнани програмата по која ќе работи неговата идна влада. Тогаш тој ги убедуваше граѓаните дека законските промени кои се однесуваат на албанскиот јазик се во рамките на Уставот и оти тие само ќе „ им овозможат на граѓаните Албанци да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик“. Веднаш реагираше Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку вие господине Заев сте убеден дека тиранската платформа треба да се отфрли, тогаш прифатете ја понудата на ВМРО-ДПМНЕ за малцинска влада која што би ја предводеле, но за која што цена нема да плати Република Македонија на штета на нашите национални интереси“, рече Милошоски.

Пораки од странците - Не се играјте со оган

Во меѓувреме, претставниците на Меѓународната заедница во земјава бараа од Иванов да ја преиспита одлуката за недавање на мандатот.

„САД се разочарани од тоа што претседателот Ѓорге Иванов одби да им понуди да формираат влада на претставниците кои формираа јасно парламентарно мнозинство. Веруваме дека ова не е во согласност со основните демократски принципи и со владеењето на правото, што се основни вредности на северно-атлантската организација“, изјави американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.

Во втората половина на март во Скопје престојуваа еврокомесарот Јоханес Хан и тројца европратеници, кои се обидоа да ги убедат политичките партии да работат на излез од кризата, порачувајќи им да не си играат со оган. Во наредниот период во Македонија дојдоа и претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и шведскиот дипломат Карл Билт, но нивните мисии не донесоа резултат.

Изјава на заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји
Изјава на заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји

Во Собранието се одвиваше продолжението на конститутивната седница, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со формирање 10 пратенички групи и со бесконечни реплики и контрареплики го одолговлекуваа изборот на Талат Џафери за нов претседател на парламентот, за што СДСМ и ДУИ веќе имаа постигнато договор. Инсистирањето на СДСМ предизвика остра реакција од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој во средината на април рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори жестоко и соодветно доколку СДСМ се обиде на, како што кажа, неделовнички начин да назначи претседател на Собранието, а и народот немало да остане со скрстени раце. На околу една недела пред инцидентот во Собранието, странските амбасадори повторно се обидоа да издејствуваат крај на кризата. Имено, САД и ЕУ имаа речиси идентични пораки - брз избор на претседател на Собранието, брзо формирање влада, а политичарите да не прават опструкции на демократските процеси.

Крвав 27 април

Сепак, сиве овие апели и барања немаа ефект. На 27 април се случи инцидент од огромни размери.

Сè започна кога пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегоа во зградата. Додека пратениците од парламентарното мнозинство гласаа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „Ова е пуч“. Тие ја окупираа говорницата, па изборот на претседател се изведуваше на сред сала.

Откако демонстрантите ја дознаа веста, насилно влегоа во собраниската зграда. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пратениците Радмила Шеќеринска и неколку други од таа партија, пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села беа повредени. Во салата во која беа тие упадна поголема група луѓе, некои од нив маскирани со фантомки, кои почнаа да кршат и да тепаат. Новинарите и снимателите беа избркани од просторијата, а доколку некој се обидуваше да снима му беа одземани и кршени микрофоните и камерите.

Заев во крв, пратениците од СДСМ и други нападнати во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Епилогот беше десетици повредени пратеници, новинари, полицајци, граѓани. Претседателот Иванов во кусото обраќање, ги повика лидерите на политичките партии на состанок утредента кај него, со цел да се смират тензиите. „Никој друг од надвор нема да ни ги реши проблемите, ако самите не си ги решиме“, рече Иванов. И лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој таа вечер беше во Виена, на својот Фејсбук профил напиша дека насилството не е решение и потребно е смирување на страстите. Се огласија и странските амбасадори во земјава.

„Ова е време за дијалог, не за насилство. Апелираме до сите страни да се воздржат од потпалувачки активности и реторика кои може да ги разгорат работите. Исто така апелираме дека полицијата има одговорност за воведување на редот“, рече амбасадорот на Шведска, Матс Стефансон, како најстар амбасадор во земјава во името на ЕУ и САД. Се огласи и шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, која рече дека она што го видела во Скопје е особено загрижувачко и многу тажно.

„Ние сметаме дека насилството секогаш е неприфатливо, уште повеќе кога ќе се случи во куќата на демократијата, парламентот. Веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат уставните принципи, демократијата и да се обидат да ја доведат земјата надвор од оваа сериозна криза која може да биде опасна“, рече Могерини.

Неколку дена потоа во Македонија пристигна високиот американски дипломат Хојт Ји, кој порача дека треба да се овозможи формирање влада со нова владина програма за да тргнат реформите, да се одвива бизнисот, редовно да се земаат плати.

„Со други зборови, ако мнозинството од пратениците се задоволни од Џафери, тие треба да имаат право да го изберат. Ако постои некаква загриженост за програмата на Џафери, или како си ја одработува работата како спикер во Собранието, мислам дека партиите имаат право да го покренат тоа прашање во Собранието и да го адресираат таму, во Парламентот“, порача Ји.

Три дена потоа Џафери седна на столчето во претседателскиот кабинет и веднаш упати писмо до Ѓорге Иванов дека е конституирано парламентарно мнозинство. И конечно на 17 мај претседателот му го врачи мандатот на Заев.

Преговорите за состав на нова влада завршија кон крајот на мај, а во неа влегоа сите партии кои учествуваа во нив, освен Беса. По изгласувањето на владата од страна на парламентот, премиерот Заев, соопштувајќи дека уште во првиот ден ќе го укинат екстерното тестирање и ќе донесат измени во Изборниот законик за да се овозможи одржување на локални избори на 15 октомври, најави и итни реформи во правосудството.

Затоплување на односите со Бугарија

Уште една од работите кои новата влада ги презеде на самиот почеток беше затоплувањето на односите со Бугарија. Новиот премиер Заев по првата посета на Брисел, веднаш замина за Софија, каде што со неговиот колега Бојко Борисов се согласија за потпишување на договор за добрососедство. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изрази поддршка за најголемиот дел од договорот, истакнувајќи дека одредбите кои се однесуваат на економскиот развој и инфраструктурата заслужуваат позитивна оценка. Сепак, поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека договорот во целост ги исполнува само бугарските интереси, а не и македонските.

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје
Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје

„Сметаме дека за да добие поддршка, недвосмислено мора да се направат корекции во делот на националните интереси и од другата страна. Неопходно е македонската влада да ги издејствува овие коментари во однос на споменување на македонскиот народ, македонскиот јазик, а не релативизирање. Од резултатот во тоа поместување ќе може да се заклучи дали ќе добие или нема да добие поддршка текстот кој се потпишува, каков и да е тој“, изјави Попоски.

Сепак, на 1 август во Скопје премиерите Заев и Борисов го потпишаа договорот.

Учесниците на 27 април пред Суд

Да се навратиме на инцидентот од 27 април. Околу еден месец подоцна, деветмина обвинети за насилството во Собранието беа осудени на условни казни за делото „учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должност“. А сериозните мерки за одговорност за насилствата беа преземени кон крајот на ноември, кога 36 луѓе беа осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Меѓу приведените беа поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и 6-мина пратеници од опозицијата, кои главно беа осомничени дека на 27 април ги отвориле вратите на Собранието и овозможиле толпата да влезе во зградата. Веднаш потоа се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Бараме безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон, бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, теророт и изживувањето кои го прави СДС. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон“, нагласи Груевски.

По неговото обраќање, опозицијата почна секојдневни протести пред судот и министерството за правда, како и блокирање на крстосници во Скопје и гранични премини.

Убедлива победа на СДСМ на локалните избори

Локалните избори се одржаа на 15 октомври, а вториот круг две недели подоцна. Епилогот од нив е убедлива победа на СДСМ и коалицијата. Опозицијата освои само пет градоначалнички места и веднаш по завршувањето на вториот круг Груевски објави дека не ги признава изборите

По првиот круг Груевски рече дека ќе се прават анализи на изборните резултати и оти тој има најголема одговорност за тоа. Некаде во почетокот на декември, тој најави дека ќе поднесе оставка на функцијата претседател на ВМРО ДПМНЕ. Од 23 декември, нов лидер на партијата е Христијан Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG