Достапни линкови

Политичките турбуленции нема да го одложат носењето на буџетот


Собраниска седница

Бојкотот на опозицијата на Собранието, турбуленциите меѓу коалициските партенери, незадоволството од работата во Советот за реформи може да ја усложнат работата во Собранието до крајот на годината, велат експертите. Но независно од нив, тие очекуваат Собарнието да го донесе буџетот.

Експертите изразуваат сомневања дека Собранието до крајот на годината ќе го именува јавниот обвинител и ќе ги донесе реформските закони во правосудството кои се опфатени со планот 3-6-9, оценувајќи дека тоа може да влијае врз евроатлантскиот пат на Македонија. Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски вели дека политичката ситуацијата во државата ја усложнуваат турбуленциите во владејачката коалиција меѓу СДСМ и Алијансата на Албанците во врска со именувањето на новиот министер за здравство, како и бојкотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на седниците во Собранието, но тој не очекува тоа да го одложи носењето на буџетот.

„Буџетот претпоставувам дека ќе биде донесен и независно од овие турбуленции меѓу коалициските партнери СДСМ и Алијансата за Албанците. Односот меѓу ДУИ и другите албански партии сериозно ја комплицира работата, но бидејќи се носи со просто мнозинство, тој ќе биде најмал проблем за разлика од реформите во правосудството. Распишан е конкурс за јавни обвинители, па процедурата е околу комисијата за избори и именување. Тука претседава со комисијата човек на ВМРО-ДПМНЕ, па дали ќе сака на време да ја свика итн. Тоа сериозно ги усложнува работите на тој план. Но, за буџетот мислам дека без проблеми ќе се донесе“, вели Тито Петковски.

Собранието пред неколку денови на седница ја заврши расправата по владиниот предлог Љубомир Јовески да биде нов државен јавен обвинител, а претседателот на Парламентот Талат Џафери гласањето го закажа за 22 овој месец, пред одржувањето на седницата за Буџетот за 2018 година.

На седницата не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а според пратениците од владејачкото мнозинство, новиот државен јавен обвинител би можел да ја има најтешката задача за спроведување реформи во институцијата.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува во работата на собраниската седница на која на дневен ред е буџетот за 2018-та година, ниту на другите две закажани седници на кои на дневен ред беше именување на новиот јавен обвинител Љупчо Јовевски, кој на местото на Марко Зврлевски доаѓа како предлог на Владата, како и за законите од правосудството.

Опозицијата ја бојкотира работата на телата во Собранието по приведувањата поврзани со настаните од 27 април.

„Нема да учествуваме поради тоа што парламентарното мнозинство не создава и не сака да создаде демократски услови за работа, затоа што се врши политички прогон на политички неистомисленици, со апсење пратеници, уметници, на луѓе кои што си ја сакаат Македонија“, изјави деновиве пратеничката Ане Лашковска.

На неколку дена пред конгресот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на кој ќе се избира нов претседател, од оваа партија ни изјавија дека не е донесена одлука дали ќе присуствуваат на седниците во Собранието.

Според Петковски, потребни се внатрешни реформи во ВМРО-ДПМНЕ за да се обезбеди активно учество на партијата во Собранието. Но, тој не очекува носењето на буџетот во Парламентот да предизвика политички тензии.

„Да не се враќаме на 2012 година. Тогаш веројатно ќе се намалат и шансите за брз исчекор во евроатлантските интеграции. Не верувам да дојде до таков конфликт како црниот понеделник во 2012. Дека може опозицијата да го бојкотира буџетот, тоа е повеќе од сигурно. ВМРО-ДПМНЕ има внатре сериозни проблеми, не верувам дека до крајот на годината може да направат суштествени поместувања внатре во партијата и реформи“, вели Петковски.

Во својата анализа за обврските кои очекува до крајот на годината да ги заврши парламентот, Петковски нагласува дека најмногу го загрижуваат неодамнешните сугестии од Брисел за брзината со која се спроведуваат реформите за евроинтеграциите.

„Она што го слушнавме последните деновиве од Брисел е дека Македонија малку доцни во сферата на реформите во правосудството, безбедносните органи итн. и дека тоа е еден од клучните моменти кои може сериозно да влијае на извештајот на Европската комисија за прогресот на Македонија, а ние сите полагаме надеж дека следната година ќе биде клучна и за Македонија и за регионот да фатиме приклучок во евроатлантските интеграции“, вели тој.

Околу Советот на јавни обвинители, реформите кои се однесуваат на законодавството, кризата во т.н Совет за реформи, дифузноста во ставовите меѓу некои коалициски партнери, отсуството на ВМРО-ДПМНЕ од Парламентот до изборот на нивниот лидер не знаеме ни натаму како ќе се движат работите и тоа претставува сериозен проблем“, вели Петковски.

Реформите во судството, администрацијата и безбедносните служби, се трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија во февруари да може да очекува позитивна препорака за почнување на преговорите за членство во ЕУ.

Декември е крајниот рок до кој треба да се реализира планот од шест месеци, а до март треба да се имплементираат реформите до крај.

Во изминатиот период јавноста беше сведок дека за една недела тројца правни експерти изразија незадоволство од работа на Советот за реформи во правосудство оценувајќи дека идеите за решенијата доаѓаат од Владата а не од експертите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG