Достапни линкови

Странскиот фактор претпазлив во врска со кризата во Македонија


Архивска фотографија - еврокомесарот Јоханес Хан патува за Македонија
Архивска фотографија - еврокомесарот Јоханес Хан патува за Македонија

Откако повеќе претставници на ЕУ дојдоа и заминаа без никаков ефект, се поставува прашањето што сега им останува за влијание. Упатените велат дека тие се внимателни затоа што во земјава почна да се игра на националистичка карта.

Европските дипломати имаат уште средства за притисок врз македонските политичари, но македонската формула е доста комплицирана и поради тоа се внимателни, оценуваат упатените.

Прашањето што сега, се поставува откако еврокомесарот Јоханес Хан дојде и замина, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини исто така, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск не донесе промени во одлуките на македонскиот политички врв, а последно земјава ја посети и шведскиот дипломат Карл Билт, но нема никакви најави за поинаков тек на настаните.

Сите се загрижени дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов заиграа опасна игра со национализмот, вели Денко Малески, универзитетски професор и поранашен министер за надворешни работи. Грижата е како да се најде формула без да се предизвикаат проблемите на меѓуетнички план, додава тој.

„Во такви услови, претпоставувам, претставниците на Европската унија се наоѓаат пред една ужасна дилема - ако наметнат санкции ќе ја влошат ситуацијата внатре во земјата, ако наметнат санкции врз поединци исто така може да се влоши ситуацијата внатре во земјата“, вели Малески.

Во меѓувреме, овој пат, преку постојаниот претставник на Русија во ЕУ, Владимир Чижов, повторно се огласи официјална Москва. Тој рече дека за време на посетата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Могерини на Москва на 24 април, ситуацијата во Западен Балкан ќе биде една од сериозните теми на разговорите меѓу Русија и Европската унија. Тој ја посочи како најпроблематична ситуацијата во Македонија.

Иако Москва можеби нема посебни интереси на Балканот, овој дел од Европа, вели Малески, е мекиот стомак на Континентот каде што може да се продре и да се направат проблеми на трансатлантската заедница.

„Ако почнат разговори и преговори меѓу Русија и Европската унија за Македонија, ние стануваме монета за поткусурување“, вели Малески.

Забележливо во целиот процес е дека Европската унија е повеќе вклучена во барањето решение за излегување од кризата отколку Соединетите Американски Држави, вториот гарант на Договорот од Пржино.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, не е ситуацијата лоша до тој степен за да има потреба од вклучување на, како што вели, поспецифични играчи од евроатлантските партнери.

„Колку и да се креира ситуација на безизлезност, излезот секако дека постои и тоа го знаеме и ние и нашите меѓународни партнери и затоа се креира чувство дека Европската унија не е доволно одлучна или дека Американците не се доволно вклучени. Одлучноста сепак треба да почне од кај нас“, вели Муслиу.

Тој упатува на поголема одлучност на парламентарното мнозинство кое, како што додава, во парламентарна демократија ја има моќта.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG