Достапни линкови

Кој ќе го избере Мицкоски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ?


Архивска фотографија - Eдинствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Архивска фотографија - Eдинствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Од денеска во Валандово почнува дводневниот изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој кандидат за претседател е Христијан Мицкоски. За конгресот да биде успешен, на него треба да дојдат две третини од 544-те делегати. Иницијаторите за одложување на конгресот се уште не се изјаснија како ќе постапат.

ВМРО-ДПМНЕ од денеска почнува со дводневниот изборен конгрес на кој единствен кандидат за претседател на партијата е генералниот секретар Христијан Мицкоски.

„Членовите на Централниот комитет беа информирани дека согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до Правната комисија при партијта. Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не е доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата“, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува и дека Централниот комитет ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работел поширок тим и дека истата анализа со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата.

Се уште не се знае дали иницијаторите за одложувањето на конгресот ќе заминат во Валандово, каде што утре треба да гласаат за новиот лидер. Потписници на писмото за одложување досега се педесет лица, а 37 од нив се и делегати кои имаат право на глас.

Пред почетокот на синоќешната седница на Централниот комитет на партијата, Илија Димовски, еден од потписниците на јавното писмо со кое се бараше одложување на конгресот, рече дека се уште се на ставот дека конгресот не ги исполнува демократските стандарди и дека не е позитивно за партијата што има само еден кандидат за претседател.

Сепак, Димовски не одговори на новинарското прашање дали ќе одат на конгресот наведувајќи дела ќе информирале дополнително за тоа.

Меѓу делегатите кои имаат право на глас е и Филип Петровски, кој се откажа од кандидатурата за претседател на партијата, обвинувајќи дека се фаворизира Мицкоски и најави дека нема да учествува на конгрес кој бил наместен од Никола Груевски. Право на глас за партискиот претседател има и поранешната министерка за култура во владата на Љубчо Георгиевски, Ганка Самоиловска-Цветанова која јавно им даде поддршка на иницијаторите за одложување на конгресот.

Инаку, списокот на делегати е истиот како и на минатиот, редовен конгрес што се одржа во 2015 година во Куманово. На него има 544 лица, а меѓу нив се и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Крсто Мукоски кои се во притвор за настаните на 27 април во Собранието.

Според член 18 од статутот на ВМРО-ДПМНЕ „конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“. Tоа значи дека за Мицкоски да стане лидер мора да дојдат најмалку 363 делегати.

Меѓу нив се и поранешни директори на јавни установи кои ги нема во јавниот партиски живот периодов како Аспазија Софијанова, Зоран Џорлев, Маја Чанаќевиќ и други, еден од групата таканаречени реформатори, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски кој најави дека се повлекува од политиката, како и поранешните високи државни функционери за кои се водат судски постапки како Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и други.

Единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски речиси две недели е посочуван од некои негови партиски колеги дека е фаворизиран од актуелниот претседател Никола Груевски и дека партиските структури му помагаат во кампањата. Пред три дена и дел истакнати пратеници како Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Трајко Вељаноски и други партиски лица преку јавно писмо посочија дека се вршело притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат и се користеле закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на тој кандидат. Мицкоски синоќа ги отфрли обвинувањата дека вршел притисок врз делегатите.

„Сите што ме познаваат како човек и како политичар, знаат дека тоа не е точно, не сум вршел притисок врз некого. Ова беше една трка во која секој од кандидатите и секој оној кој што беше заинтересиран можеше да биде дел од истата“, рече Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG