Достапни линкови

Службите ја погазија приватноста во име на безбедноста


Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство. Специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим.
Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство. Специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим.

Кога станува збор за службите за разузнавање секогаш треба да се има на ум каде е границата помеѓу штитењето на безбедноста на државата и навлегувањето во приватноста на граѓаните. Но за жал во Македонија таа граница не постои. Актуелното масовно прислушување е флагарнтно кршење на човековите права.

Сржта на безбедноста на граѓаните е во работата на разузнавачките служби кои треба да собираат информации кога има индиции за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата или кога се во прашање откривање на кривични дела, оценуваат експертите кои додаваат дека секоја силна и стабилна држава се темели на ефикасни служби за следење. Но, за жал, техниките за прислушување често се злоупотребуваа за приватни и политички интереси на елитите на власта, со што директно се нарушува приватноста на граѓаните како основно човеково право. Тие велат дека комплексно е прашањето каде е границата меѓу безбедноста на државата и кршењето на човековите права, но нагласуваат дека каков било облик на самоволие на МВР и службите кое излегува надвор од судската контрола, иницира повреди на човековите права.

Тито Петковски, поранешен претседател на собраниската Комисијата за надзор врз следење на комуникациите од страна на МВР, вели дека во Македонија, за жал, не постои граница меѓу штитење на безбедноста на државата и кршењето на човековите права.

„Ако се тргне од досегашното искуство, таа не постои зашто се натежнува на другата страна, наводно под интересите на државата може да се подведе сè. И овој огромен број на прислушувања што биле, аферата „Големо уво“ и ова последното со „бомбите“ покажуваат дека практично нема граница. Отворена е границата за дејствување на органите за внатрешни работи, наводно во интерес на државата и на штета на граѓаните и во интерес на гонењето на кривичните дела“, вели Тито Петковски, поранешниот претседател на Комисијата за надзор врз следење на комуникациите од страна на МВР.

Прислушкувањето меѓу безбедноста и човековите права
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:01 0:00

Тајни служби за приватни работи

Уставот на Македонија ја гарантира заштитата на приватната сфера со одредби кои ја дефинираат слободата на комуникации од секаков вид, како и тајноста на комуникациите. Отстапувања од овие принцип е можно само во случаи кога тоа е неопходно, поради откривање на кривични дела и нивно спречување или кога е во прашање безбедноста на државата, но и тогаш во согласност со одлука на Судот. Но тоа што досега се покажува во Македонија, како број на афери поврзани со следењето на комуникациите, зборува дека во сите овие години не се почитувани одредбите од Уставот, велат експертите.

Актуелното масовно прислушување кое пред две години го објави сегашниот премиер Зоран Заев, а тогаш претседател на опозицијата ги отвори полемиките и стравот дека во државата во континуитет последните неколку години граѓаните се соочуваат со флагрантно нарушување и злоупотреби на нивната приватност.

Позната афера во јавноста беше и „Големото уво“ која во 2000 година ја обелодени тогашниот претседател на опозицијата Бранко Црвенковски. Епилогот од тоа прислушување следеше со аболицирање на вмешаните високи политички фактори.

„Овие два примери покажаа дека има огромна концентрација на моќ во УБК, која страшно се злоупотребуваше за политички цели, зашто во неа беше концентриран персонал кој што е исклучиво од владеачката партија, уште ако земете дека се поврзани и под семејни линии, па вклучени во полиција, во јавно обвинителство, во судство, практично се парализираше системот кој треба да гарантира слобода на граѓаните“, додава Петковски.

Љубомир Ѓурчевски кој има искуство како поранешен началник во МВР, вели дека најголем проблем претставува злоупотреба на тајните служби кои собираат информации кои не се врзани за безбедноста, туку информации од политичка бизнис или друга природа.

Кога станува збор за последната афера со објавените снимките од прислушуваните разговори меѓу видни јавни личности од партиите на власт, опозицијата, новинари и членови на правосудни органи, Ѓурчевски вели дека за јавноста вознемирувачко е што ова масовно прислушување воопшто не е насочена кон заштита на уставниот поредок на Македонија, туку директно навлегува во кршењето на човековите права. Уште полошо е, посочува тој, што не се одело во насока барем да се откриваат кривични дела од типот даночно затајување, рекет, изнуди и сл. за кои се предвидени казни поголем од четири години и кои му припаѓаат на организираниот криминал за да може отпосле да се покријат со наредба.

„Секаде во светот кога е во прашање националната безбедност има неовластено следење на комуникацијата. Влегла терористичка група во Македонија и ние да не ја проследиме, нема шанса. Тогаш треба да си одиме сите од областа на безбедност, но мора да бидеме максимално професионални и да престанеме да го злоупотребуваме системот за следење на комуникации за лични цели. Јас ќе проследам фирма и ќе појдам да го уценувам директрот. Зошто? -За лично богатење, за да му земам милион евра. Тоа го имавме во претходната власт, тоа е најболната работа”, вели Ѓурчевски.

Неопходни реформи

Експертите велат дека Македонија во реформите на безбедносните служби кои се во тек треба да да го следи препораките на групата на експертот Рајнхард Прибе и примерот на земјите кои имаат добри контролни механизми. Тие нагласуваат дека одлуката кога треба да се користат системите за прислушување ја носат судовите кои мора да обрнат внимание дали постои оправданост за прислушување, следење на интернет и сите други средства кои се користат за следење на комуникации.

„Мора да се предвидат многу јасни процедури. Тие процедури мораат да се поврзат со делувањето на судовите. И тоа не овие судови и судии кои сега ги имаме туку судии и судови кои дефинитивно ќе бидат и независни и самостојни и непристрасни“, вели професор Мирјана Најчевска.

Порaнешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, вели дека уште еден чекор напред во реформите кој е потврден во праксaта на други земји е оперативниот технички центар да се издвои и да биде самостоен, а неговиот директор да го поставува Парламентот, а не Владата.

„Центарот треба да биде независен и под контрола на Парламентот. Доколку се прифати решение директорот на центарот да го поставува Владата, можни се повторно политички влијанија и тој ќе биде зависен од партијата на власт, а не од Парламентот“, вели Трајанов.

За да се спречи злоупотребата на службите за безбедност според Петковски важно е УБК да нема никаква поврзаност со операторот кога станува збор за следење на комуникациите и да не се меша во функциите на другите надзорни органи и тела. Тoj додава дека мора да се воспостави и силна собраниска контрола која нема да биде ограничена.

Повреда на тајноста на комуникациите е кривично дело

Мерките за реформи на безбедносните служби кои ги предага групата на Рајнхарт Прибе инсистираат на строги санкции против секаков вид злоупотреби на овластувањата и моќта на службата за безбедност.

Експертите велат дека за Македонија како демократска држава обврска е вмешаните во последните масовни прислушувања да понесат кривична одговорност и со тоа актуелните и идните власти да извлечат поука дека не е исплатливо да се злоупотребуваат системите за прислушување и да се навлегува во интимноста на граѓаните.

„Досега никој не одговарал за злоупотреба на системите за прислушување Постојано се амнестираат во интерес на државата, безбедноста. За „Големото уво“ никој не одговараше. Претходно имаше злоупотреба на системите, но не во таков обем. За последното масовно прислушување иницирана е процедурна постапка за одговорност за нарачатели и корисници и тие кои директно учествуваа да го реализираат практичниот дел на прислушувањето. Се надевам дека ќе опстоиме на определбата дека последното масовно прислушување доколку се расветли нарачателите ќе понесат кривична одговорност“, вели порaнешниот министер Трајанов.

„Аферата „Големото уво“ беше во период кога се уште сфаќањето и разбирањето на човековите права беше во некои свои почетоци. Но по 20 години градење демократија која наводно се базира на заштита на човекови права, не може да се разбере вакво нешто. Тоа зборува за нас дека нити разбирањето на човековите права, ниту правосудниот систем, ниту сеопштото владеење на правото не се на ниво кое би обезбедиле третман на државата како современа демократска држава“, додава професор Најчевска.

СЈО во 2016 година отвори истраги за тоа кој и како незаконски прислушувал, како и за опремата за прислушување која според обвинителството е незаконски уништена. Според обвиненијата на СЈО операцијата за уништување на опремата се случила непосредно по објавувањето на таканаречените бомби на прес- конференциите на премиерот Заев, кој тогаш беше претседател на опозициската СДСМ .

Засега осудителна пресуда има за поранешниот началник на петата управа Горан Грујевски. Гријевски кој е во бегство е осуден на година и пол затворска казна поради фалсификување документи поврзани со уништување на опремата на УБК.

Тогашната влада тврдеше дека прислушувале странски служби без да наведе кои, додека СЈО во една од истрагите прстот за аферата со масовното прислушување го впери во Управата за Безбедност и Контраразузнавање и во врвот на ВМРО ДПМНЕ.

Меѓу безбедноста и човековите права

Европскиот суд за човекови права деновиве почна сослушување откако организациите за човекови права приговараа во врска со британските закони за надзор и за разузнавачки активности.

Гоце Атанасов

Амнести Интернешнал, Либерти, Прајваси Интернешнал и единаесет други групи за човекови права, како и две приватни лица ја оспорија законитоста на широките овластувања на британската влада во надгледувањето, вклучувајќи го и собирањето и употребата на онлајн податоци, кои беа објавени во јавноста од страна на американскиот укажувач Едвард Сноуден. Адвокатот кој ја претставува британската влада, Џејмс Еди, во Европскиот суд изјави дека на таков начин биле спречени некои терористички закани.

„Дадовме огромни примери за големи закани кои беа откриени и отфрлени само со употреба на податоци собрани според параграфите од 23 до 27. Тие вклучуваат активирање на потрага по познат терорист поврзан со претходни напади врз Британија, во време кога други извори на разузнавачките служби беа замрзнати, и истакнување на врските меѓу терористите и екстремистите во Велика Британија. Резултатот беше успешно нарушување на терористичката мрежа“, вели Џејмс Еди.

Групите за човекови права тврдеа дека ваквите практики ја нарушуваат приватноста на милиони луѓе ширум светот, со оглед и на тоа што главните интернет кабли минуваат низ територијата на Британија.

„Ако случајот на подносителите за правните барања за следење и размена на разузнавачки информации во овој контекст треба да биде прифатен, резултатот ќе биде длабока штета на способностите и работата на разузнавачките служби на Обединетото Кралство“, вели тој.

Според него, при оценката на правото на почитување на приватноста треба да се земе предвид и влијанието на тоа врз способноста на владата да ги штити животите и јавната безбедност, особено во светлината на неодамнешните ужасни злосторства низ цела Европа.

Инаку, Извештајот на Обединетите нации објавен лани укажува дека британските безбедносни служби ја фрлија премногу далеку мрежата во потрагата по потенцијални терористи. Во него детално се наведува и дека полицијата користела таканаречен „меѓународен ловец на идентитет на мобилни претплатници“ за собирање разузнавачки податоци од телефони на демонстранти за време на мирни протести. Токму за ова се вели дека претставува кршење на нивното право на приватност. Извештајот, исто така, го критикува Законот за истражни овластувања усвоен во 2016 година како наметлив и штетен за активностите на граѓанските групи и политичките активисти.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG