Достапни линкови

„Тврдина 2“ - презакажано рочиште, Грујевски во бегство


Архивска фотографија. Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1 по денешното судење за Тврдина 2.
Архивска фотографија. Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1 по денешното судење за Тврдина 2.

Одложено е рочиштето за предметот „Тврдина 2" во кој СЈО тврди дека во 2015, непосредно по објавување на опозициските бомби, биле уништени системи за следење на комуникации. Следното рочиште треба да се одржи на 2 октомври.

Предметот „Тврдина 2“ чие последно рочиште беше пред два и пол месеци е во врска со уништување на системи за следење на комуникации непосредно по објавувањето на опозициските бомби во 2015 година.

Во случајот главен осомничен е поранешниот началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, кој веќе два месеца е во бегство.

„Во однос на информациите за тоа каде би можел да се наоѓа ние имаме сознанија, секојдневно добиваме нови податоци, проверуваме, меѓутоа тоа не се податоци кои можеме да ги споделиме со јавноста“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој заедно со уште шестмина други вработените во Управата за безбедност и контраразузнавање се товарат за уништување на службена документација и за фалсификување на службени исправи во случајот, кој според СЈО, е поврзан со уништувањето на доказите за нелегалното прислушување кое се одвивало во државава.

На минатото судско рочиште адвокатите на одбраната, Љупчо Шврговски и Миле Петровски, како новоназначени бранители, побараа повеќе време за да ја подготват одбраната. Судијката Лидија Петровска тогаш изјави дека Судот нема добиено доказ за уредна достава на поканите.

Првообвинет поранешниот началникот на Петтата управа на УБК, Горан Грујовски, и шест службенички од УБК веќе се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Грујовски пред судијката Лидија Петровска рече дека со „индигнација го одбива обвинението“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека одговорноста за бегството на обвинетиот во случајот „Тврдина“ Горан Грујевски е на судството. Според него, судството треба да понесе одговорност за оние што овозможуваат криминалците да се шетаат на слобода и да одредуваат мерки што не можат да се ефектуираат во одреден временски период, со што се остава простор за некакво поинакво делување. Тој порачува дека неговото бегство не е неуспех на македонската полиција, туку тоа покажува колку е труло македонското судство.

За поранешниот началник на Петтата управа распишана е и меѓународна потерница. МВР соопшти дека причина за распишување на меѓународната потерница е што обвинетиот по неколку часовна потрага не беше пронајден ниту во неговиот дом, ниту на локациите за кои полицијата имала сознанија дека можеби би се криел, односно освен во Скопје го барала и во станот на роднините на Грујевски во Велес.

Ваквиот развој на настаните следеше откако десетина дена се чекаше да стане правосилна одлуката за притвор. Петчлениот совет на Врховниот суд донесе решение со кое беше одбиена жалбите на Грујевски односно ги потврди решенијата на Апелациониот суд за определување мерка притвор во траење од 30 дена. Претходно, на 17 јули, Апелациониот суд ги уважи жалбите на СЈО и му одреди мерка притвор.

Тогаш, разгледувајќи ги жалбите за предметoт, Апелацискиот суд одлучи да ги преиначи мерките за претпазливост во притвор за Грујевски.

Во меѓувреме и Тони Јакимовски, второобвинет во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, беше разрешен од функцијата директор на СЕЛЕК - регионалната мрежа за борба против криминалот со седиште во Букурешт.

Во случајот на Јакимовски Врховниот суд одлучи да го преиначи решението за притвор во мерка за претпазливост. На Јакимовски покрај македонскиот пасош му е одземен и дипломатскиот со што повеќе нема да може да ја извршува својата работа во Букурешт.

Јакимовски кој беше шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, е обвинет од СЈО во случајот „Тврдина“ за уништување на системите со кои нелегално се прислушувало.

Инаку, одлуката за притвор на Грујевски Апелациониот суд ја образложи со опасност од влијание врз сведоци и опасност од бегство.

Целта на Грујевски, според Специјалното јавно обвинителство, била да прикрие други лица кои што неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите.

Случајот Тврдина СЈО го презентираше во јавноста во март лани.

За предметот Тврдина СЈО тврди дека обвинетите началници од УБК заедно со тогашната министерска за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на почетокот на 2015 ја уништиле опремата со фалсификувани документи под изговор дека е застарена. Со тоа на државата и била нанесена штета од 10 милиони евра. Тие биле помогнати од началник од одделот за оперативна техника и од документарист во управата, кој имал за цел да го прикрие точното време кога била уништена опремата.

Според обвинителката Ленче Ристоска, станува збор за два система за следење на комуникации, од кои едниот бил исклучен од употреба во 2009 година, а другиот бил во употреба до неговото уништување. Таа наведе дека опремата прво била однесена на уништување со преса, а подоцна истата била испратена и на дробилица.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG