Достапни линкови

За СЈО пресудата за „Тврдина 2“ очекувана, одбраната најави жалба


Кривичниот суд денеска донесе пресуда за обвинетите во случајот „Тврдина 2 “ на СЈО. Казна затвор доби само првообвинетиот Горан Грујевски, додека другите обвинети добија условни казни. Од СЈО се задоволни што обвинетите биле осудени за делото, а од одбраната најавија жалба за пресудата.

Казна затвор од година и половина доби Горан Грујевски, првообвинетиот во случајот „Тврдина 2“ за уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување. За другите обвинети, Кривичниот суд во Скопје изрече условни казни. Пет од обвинетите службенички во УБК добија по една година условна казна, која нема да одлежат доколку не направат кривично дело во наредните 3 години. Само една од обвинетите, исто така службеничка во УБК, доби условна казна од 9 месеци, која нема да се изврши доколку не направи кривично дело во наредните две години. Таа доби пониска казна, бидејќи придонела во утврдување на вистината за случајот.

Судијката Лидија Петровска, образложувајќи ја казната за Грујевски, рече дека отежнителниот степен бил мотивот, тежината и умислата со која било спроведено кривично дело, како и искористување на авторитетот на обвинетиот и стравот кој го имале останатите од последиците и неговото бегство во Грција. Олеснителна околност, како што рече Петровска, е тоа што не бил осудуван и што е семеен човек.

За другите 6 службенички кои беа осудени, судијката порача дека не е неопходно изрекување на казна затвор туку доволна е закана за казна, односно алтернативни мерки. Тие се осудени иако се бранеа дека дејствувале врз основа на наредба.

Обвинителката Ленче Ристоска изрази задоволство од тоа што СЈО ја доби првата пресуда.

„Ваквата осуда на судот е во рамки на нашите очекувања. Ние неколку пати досега повторивме дека имаме цврсти докази и тоа се потврди со одлуката на судот. Судијата во краткото образложение ги потврди сите ставови кои СЈО ги имаше, а тоа е дека не може подредените да бидат изземени затоа што постапувале по незаконска наредба на нив нивниот претпоставен. Во оваа нсока изразуваме задоволство што барем во овој случај, правдата излезе на виделина и очекуваме ваквиот тренд да продолжи и за другите случаи за коишто СЈО има поднесено обвиненија“, рече Ристоска.

На прашање дали ќе се жалат за пресудата на Грујевски за кого бараа максимална казна од 5 години затвор, Ристоска посочи дека ќе почекаат да ја добијат пресудата и да ги разгледаат аргументите и потоа ќе донесат одлука.

Адвокатот на одбрана Љупчо Шврговски истакна дека очекувале ослободителна пресуда, бидејќи не постои како објект на заштита службена исправа којашто може да биде предмет на кривично дело.

„Очигледно со судот имаме различна диоптрија на гледање на работите и на начинот, односно објектот на заштита кој може да биде предмет на ова кривично дело и од тие причини ние ќе поднесеме жалба на овие околноси и на околностите околу надлежноста која ја оспоривме во текот на завршниот збор“, истакна Шврговски.

Рокот за жалба до Апелациониот суд е 8 дена. На Грујевски му се судеше во отсуство, бидејќи се наоѓа во екстрадициски притвор во Солун каде што го очекува судењето во декември за користење на фалсификувана патна исправа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG