Достапни линкови

Николовски-системот за прислушување да се дислоцира од УБК


Горан Николовски, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање

Системот за следење на комуникациите да се дислоцира од Управата за безбедност и контраразузнавање, со цел да се укине монополот, што таа сега го има во овој процес, препорача денеска директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски, презентирајќи решенија за претстојните реформи.

Тој на денешната научно стручна дебата, во организација на Факултетот за безбедност - Скопје, насловена како „Безбедносни дијалози за процесот на трансформација на УБК и механизми за контрола на следење на комуникациите“ напомена дека Македонија согласно препораките во извештајот на Рајнхард Прибе потребно е да спроведе реформи на целокупниот безбедносно-разузнавачки систем, но и да се регулира следењето на комуникациите.

„Заклучот од досегашните анализи и истражувања е дека е потребно префрлање на свичовите, медијациските уреди за конекција меѓу сигналот и провајдерот, од УБК, нивно вадење од УБК, и префрлање на друго место. УБК има монопол во следење на комуникациите. Јас како директор имам можност да бидам запознат со се што се случува во државата, јас го ставам потписот, тоа е тој монопол. Поентата е тоа да се тргне како можност и да се понуди решение со кое повеќе нема да се злоупотребува овој систем“, рече Николовски.

Изминатиот период биле разгледани четири предлози како тоа да се направи. Според првиот, свичовите би се префрлиле кај провајдерите, вториот подразбира нивно дислоцирање во обвинителството, третиот е формирање независно тело за контрола на овој процес и четврто кога станува збор за кривични дела тие да бидат кај провајдерите, а за прашања за безбедноста на државата да останат во УБК.

Најприфатлив предлог, според Николовски е третиот, формирање на независна владина агенција, која ќе биде надлежна во делот на техничката улога за следење на комуникациите.

Станува збор за оперативно-техничка агенција, која нема да може да собира податоци, нема да може да ги следи комуникациите, само ќе може да го овозможи сигналот или како што рече Николовски „таа ќе го стиска копчето“.

„Тие ќе може да го вклучуваат сигнал, но нема да може да слушаат“, појасни тој.

Владата веќе го прифатила овој модел, формирана е работна група, која ќе работи на дефинирање на конечното решение, а во која се вклучени сите институции, кои имаат одредени надлежности во разузнавачките активности.

Николовски очекува кон крајот на декември групата да излезе со законски решение за регулирање на ова прашање и додаде дека во целиот процес ќе биде вклучена и јавноста со дебати со цел да се зголеми свеста за потребата од ваквата реформа.

XS
SM
MD
LG