Достапни линкови

Спасовски – МВР веќе не прислушува нелегално, отворени сме за контрола


Одговорно тврдам дека веќе не се прислушува нелегално и за тоа може да имаме експертски контроли, собраниски контроли во секое време. Ние стоиме на располагање и сме отворени, врз основа на законските прописи, да се направат такви контроли, вели вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре Спасовски, опозицијата речиси секојдневно ве обвинува за користење на полицијата во партиски цели, како во случаите со активистите од Ново Село или кандидатот за градоначалник на Кавадарци. Каков е вашиот коментар? Што се случува?

Прво, таквите обвинувања ги отфрлам во целост. Луѓето коишто МВР си го нарекуваа МВРО немаат никаков кредибилитет да зборуваат за тоа дека некој партизира институција на системот или поточно го партизира МВР. За нас врвен приоритет е да имаме фер и демократски избори, затоа се подготвуваме, правиме обука на сите полициски службеници коишто ќе учествуваат во спроведувањето на изборите, заедно со ОБСЕ. Преку девет илјади полицајци ќе бидат на таа обука и најважно од сè е да имаме соработка и да бидат на висина на задачата и политичките партии и политичките лидери за да имаме фер и демократски избори. Јас тоа јавно го кажав и уште еднаш ги повикувам и политичките партии и граѓаните да му помогнат на МВР, да имаат партнерски однос, сè со цел да обезбедиме јавен ред и мир, да имаме безбеден изборен процес и да имаме ден на избори којшто ќе ги задоволува критериумите за слободни, демократски и фер избори, односно граѓаните да може самостојно да одлучуваат. Заврши времето кога се злоупотребуваа и полициски службеници и матерјално-технички средства и возила, сè во интерес на политичките партии. Ниту еден полициски службеник не смее да учествува во политичка кампања за кој било од политичките субјекти во Република Македонија.

Последниот месец Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против неколку градоначалници, а опозицијата ве обвинува дека тоа е во функција на предизборието. Се работи, според вас, за дела сторени пред неколку години. Зошто не почекавте да поминат изборите па потоа да ги спроведете ваквите пријави, за да не се добие впечаток дека сепак се работи за работи за претстојните локални избори?

Министерството за внатрешни работи мора да работи врз основа на факти и на аргументи коишто се утврдуваат во рамките на работењето на овластените полициски службеници и дали е изборен период или предизборен период или постизборен период, ирелевантно е од аспект на правдата и на законитоста. Вие ако го видите извештајот на Прибе, јасно укажува дека не се преземаат доволно мерки коишто би ја задоволиле правдата во Македонија, од тој аспект навистина временски детерминиран систем или модел, кога и на кој начин ќе реагира МВР е ирелевантно. Ние мора да ги утврдиме фактите и доказите и без разлика дали е некој на одредена позиција или е обичен граѓанин, доколку постојат аргументи и факти коишто треба да бидат процесуирани со закон, тоа треба да се направи. Се поставува прашањето зошто тие аргументи и факти биле чувани некаде во фиоки или не биле процесуирани досега и навистина не може и не се согласувам дека Министерството за внатрешни работи не треба да биде активно и дека не треба да ги спроведува своите овластувања кога било, кога се работи за криминал. Јас апсолутно не ги гледам овие работи дека се против некои функционери или тенденциозно, само се работи за лица кои ги прекршиле законските одредби и кои ќе мора да сносат одговорност.

Министре, новиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање тврди дека во Македонија веќе нема нелегално прислушување, но од друга страна во вториот извештај на Прибе има забелешки дека ситуацијата со прислушувањето не е променета. Поранешната министерка Гордана Јанкулоска велеше – тие ќе тврдат дека ја прислушуваме цела држава, ние ќе велиме не. Како сега ќе ја убедите јавноста и граѓаните дека во Македонија нема нелегално прислушување?

Ние тврдиме одговорно дека во овој период, од формирањето на новата влада, во Македонија нелегално не се прислушува, и за тоа може да имаме експертски контроли, собраниски контроли во секое време, ние стоиме на располагање и сме отворени врз основа на законските прописи да се направат такви контроли, меѓутоа дополнително и кај нас се поставени системи на контрола на целиот систем за да нема субјективности во однос на оваа работа, односно оваа надлежност на Министерството за внатрешни работи. Што се однесува до извештајот на Прибе, тој укажува дека во Македонија нема преземено нови чекори кои би создале нови законски рамки, нови надлежности во системот на прислушување, меѓутоа сакам уште еднаш да потенцирам и да информирам дека процесот на реформи во системот на следење на комуникациите во безбедносните служби е започнат. Веќе сме во период на формирање на една меѓуресорска работна група којашто ќе работи на реформа на следење на комуникациите, понатаму ќе се продолжи и со реформа на безбедносните служби. Наша цел е да го реформираме целиот овој систем, да воспоставиме механизми на контрола и тоа, пред сè, силна парламентарна контрола, граѓанска и експертска контрола, да воспоставиме систем кој би функционирал исклучиво во заштита на уставниот поредок и борбата против криминалот и корупцијата и систем којшто ќе ги содржи најдобрите европски пракси и ќе има минимум можност за злоупотреба од кого било.

Целото интервју со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG