Достапни линкови

Македонско - албанските односи клучни за европската иднина


Средба на претседателите на Македонија и Албанија, Ѓорге Иванов и Илир Мета
Средба на претседателите на Македонија и Албанија, Ѓорге Иванов и Илир Мета

Со нетрпение очекуваме Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и да покаже видлив напредок на патот кон европската интеграција, порача албанскиот претседател Илир Мета кој престојува во земјава. Претседателот Иванов пак, ја понуди нашата помош и искуства во однос на ЕУ - интеграција.

Односите меѓу двете земји не се само од егзистенцијално значење, туку се и решавачки за нашата европска иднина, и истите се поедноставни отколку што ние некогаш знаеме да ги искомплицираме, изјави албанскиот претседател Илир Мета по средбата со македонскиот претседател Ѓорги Иванов. Мета, кој престојува во официјална посета на земјава вели дека двете земји можат да бидат пример за соработка во целиот регион. Со големо задоволство констатираше дека албанскиот фактор во земјава е ориентиран кон стабилност, соживот и евроатланската интеграција.

„Сите со нетрпение очекуваме Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и да покаже видлив напредок на патот кон европската интеграција. Во таа насока го поттикнуваме и охрабруваме продолжувањето на дијалогот за надминување на прашањата коишто претставувале пречка на тој пат, затоа што Македонија членка на НАТО претставува не само успех за самата земја, туку за целиот регион и претставува фактор за безбедност во време на турбуленции“, изјави Мета.

Албанскиот претседател упати благодарност до Македонија што го признала Косово. Рече дека тоа воопшто не била лесна одлука, но била неопходна и значајна за зајакнување на регионалната соработка и безбедност.

Претседателот Иванов рече дека иако патот кон НАТО го почнавме заедно, сега од Албанија се очекува да и помогне и да ја повлече Македонија во Алијансата. Иванов, пак, понуди помош и искуства во однос на интеграцијата во ЕУ. Истакна дека она што најмногу ги поврзува двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија.

Иванов - Мета: Заедно кон евро-интеграции
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

На прашањето дали го поддржува Предлог - законот за јазиците чија прва фаза помина и дали ќе го потпише декретот ако помине втората фаза, Иванов со одговор:

„Со огромно внимание ја следиме дебатата за споменатиот закон и собраниската дебата којашто се одвиваше. И јас и мојот кабинет. Во кабинетот веќе имаме огромен број пристигнати и експертски мислења и од стручната јавноста. Така што кога ќе биде доставен законот до мене, тогаш јас ќе се произнесам по него. Тоа мора да биде во согласност со Уставот и државните интереси,“рече Иванов.

Гостинот од Албанија, не сакаше да ја коментира конкретната пресуда за случајот Диво насеље, во која беа осудени 33 лица.

„Јас не би можел да навлегувам во конкретни судски случаи и да давам оценка. Тоа што можам да го кажам е дека се надевам дека натамошните фази на овој случај ќе бидат транспарентни и со почитување на меѓународните и европски стандарди од страна на судските власти особено ако се има предвиде дека Македонија се залага за членство во ЕУ и НАТО“, изјави Мета.

На заедничката средба станало збор и за случајот во кој е обвинет градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. Мета изрази загриженост за влошената здравствена состојба на Темелко, но сепак истакна дека секој државјанин треба да ги почитува законите на земјата чијшто државјанин е. Истакна дека е особено горд на македонското малцинство во Албанија и, како што рече, на нивните исклучителни вредности. Го уверил претседателот Иванов дека во текот на својот мандат ќе дава континуирана поддршка на македонската етничка заедница за да се зајакне нивниот идентитет и позиција.

Двајцата претседатели разговарале и за начините на зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за можната инфраструктурна и енергетска соработка, а било разговарано и за регионални прашања и влијанието на глобализацијата врз регионот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG