Достапни линкови

Македонија, соседите и нашите пријатели


Лидери на балканските држави и потпретседател на САД Мајк Пенс, на Самитот на Јадранската повелба во Црна Гора, 2 август, 2017.
Лидери на балканските држави и потпретседател на САД Мајк Пенс, на Самитот на Јадранската повелба во Црна Гора, 2 август, 2017.

Подобрувањето на односите со соседите позитивно ќе се одрази врз македонската интеграција. Додека се затвораат едни прашања, се отвораат други, но земјата може да се надева на помош од партнерите за да се затвори процесот за влез во НАТО и да се одблокираат преговорите со ЕУ.

Енергично работиме за соработка во регионот, се отвараме кон соседите и очекуваме Македонија да стане 30 членка на НАТО, рече во почетокот на месецот премиерот Зоран Заев во Црна Гора на Самитот на Јадранската повелба, на кој учествуваше и американскиот потпретседател Мајк Пенс. Заев тогаш го спомна тукушто потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија, а рече и дека владата ја интензивира соработката и со другите земји во регионот.

Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк - Центар за европски стратегии, вели дека со настаните на 27 април, со упадот во Собранието, стана појасно дека во Македонија се прекршуваат геополитички игри и дека наводите за вмешувањето на Русија на Балканот не се претерување, туку има многу „месо“ во таа приказна.

„Затоа и нашите западни партнери ќе притискаат, ќе приоретизираат да се затвори прашањето со влезот на Македонија во НАТО за да се избегнат некакви ситуации како таа во Црна Гора. Се прекршуваат некои работи, нашата власт ги знае тие работи и затоа мислам дека ќе форсираат и ќе го приориетизираат влезот во НАТО, затоа што со влезот во НАТО ќе се затвори тој геополитички вакуум“, вели Петковски.

Во меѓувреме, имаше проблем во македонско-српските односи, оти, како што изјавија српските власти, имале докази за „зајакнато офанзивно разузнaвачко дејствување кон Србија во целина и кон српската амбасада, во кое е присутен и странски фактор“.

Неколкудневните тензии се смирија по заедничкото соопштение на премиерот Заев и српскиот претседател Вучиќ, кои се заложиле сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи да ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.

Петковски вели дека е за поздравување тоа што власта работи на односите со Бугарија. Тој вели дека фактот што Македонија почна да ја форсира оската Албанија - Бугарија, наместо оската север-југ, го крена алармот во српската дипломатија: Но односите со Србија, ќе се смират и на дневна основа нема да станат прашање кои ќе треба да се решава, но останува прашањето со Грција, вели Петковски.

„Знаеме дека тоа е тежок спор за решавање, но јас гледам во нашата власт, а за жал не гледам сè уште некаква подготвеност во Грција да се работи на тоа прашање и да се приоретизира. Но, и тука повторно нема да зависи само од нас, ќе зависи и од големите играчи. Колку ќе бидат подготвени да се вклучат, колку ќе бидат подготвени да притиснат на Грција, на нашата власт, да се најде некаков модус што ќе ни овозможи дали со целосно решавање, дали со делумно затворање на прашањето формално да се одблокира тој процес“, вели Петковски.

Следната недела во Скопје треба да пристигне грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. Тој со својот домаќин Никола Димитров треба да разговара за мерките за градење доверба. Грчките власти остануваат на ставот дека прашањето за името мора да се реши пред Македонија да може да им се приклучи на ЕУ и на НАТО. Но „зачин“ во грчко-македонските односи беше и случајот со македонскиот конзул во Торонто, Јовица Палашевски, кој наводно се сликал со карта на Голема Македонија, што во Грција беше протолкувано како нова провокација.

Министерот Никола Димитров рече дека генералниот конзул во Торонто Јовица Палашевски е повикан на консултации во Скопје и оти ќе формира комисија која ќе ја утврди неговата одговорност. Иако настанот не бил организиран од Генералниот конзулат на Македонија во Торонто, сликањето со мапа којашто навлегува во територијата на Република Грција не е политика на Република Македонија, рече Димитров, нагласувајќи дека и неговиот претходник Никола Попоски имал инструкција на македонските дипломати „на оваа линија“.

Димитров во Ниш се среќава со својот колега Ивица Дачиќ. Македонскиот министер непосредно по стапувањето на функцијата беше во посета на Атина, а неодамна ја посети и Тирана и се сретна со албанскиот државен врв.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG