Достапни линкови

Меѓународна истрага може да ги посочи „крупните риби“ во Диво Насеље


Објавувањето на пресудата за „Диво Насеље“ во судот во Скопје

Меѓународна истрага може да одговори на прашањето - Зошто група вооружени напаѓачи се пресметуваше два дена со македонската полиција во кумановското Диво Насеље, но може и да донесе одговорност за повисоките инстанци во ова кривично дело, од осудените извршители, велат криминалисти и правни аналитичари.

Пресудата за крвавата престрелка во кумановското Диво Насеље не ги смири страстите. Владините најави за меѓународната истрага сè уште ги држи отворени прашањата за случувањата на 9 и 10 мај 2015 година. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уште во септември годинава најави дека владата ќе ја преземе обврската да спроведе дополнителна меѓународна истрага. Но досега никој од власта не соопшти детали како планираат да ја спроведат најавата.

Според дел од толкувањата, во каква форма да пристигне меѓународна помош за истрага во овој случај, може да донесе само одговори на прашањата - Зошто група вооружени напаѓачи се пресметуваше два дена со македонската полиција, при што загинаа осум полицајци и 14 напаѓачи.

„Доколку се спроведе една таква меѓународна истрага, во тој случај, може делото да прерасне на еден повисок ранг, можеби има инволвирано и некои владини институции кои биле запознаени со ова дело, со што некои други би сноселе поголема одговорност, не само директните извршители, на ова дело“, велат од Здружението на дипломирани криминалисти.

Тие додаваат дека нивниот став е дека пред сè треба да се исцрпат сите внатрешни правни средства во македонскиот безбедносен систем со меѓународна полициска соработка во обезбедување на разузнавачки информации кои ќе одат во прилог на завршница на ова дело, како и во рамките на правниот систем односно завршување на постапките во повисоките судски инстанци.

Меѓународна истрага е тешко спроведлива

Причината за тоа е што од постои ризик од прекршување на суверенитетот, доколку се дозволи во целост меѓународна истрага.

Дел од правниците во земјава тврдат дека нема правна основа врз која може да се спроведе класична меѓународна истрага за тој настан, но велат може да се користи техничка и стручна помош во домашна истрага.

Институционална меѓународна истрага подразбира вклучување на меѓународно право и инволвираност на повеќе држави, објаснуваат дел од правните аналитичари, кои додаваат дека таква истрага е тешко спроведлива.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека повиците за меѓународна истрага практично значи негирање на правниот систем во државата и институциите во земјава.

„Мислам дека политичките партии кои повикуваат да дојде некоја меѓународна експертска група за да го истражи случајот, треба да ги проверат какви се процедуралните можности регулирани со Законот, со Уставот, со кривичните постапки во земјава. Јас мислам дека до тоа нема да дојде и не би требало да дојде, затоа што тоа значи девалвирање на целокупниот правен систем во државата“, вели Трпеновски.

ДУИ бара да се вклучат странски експерти

Вчера по пресудата, ДУИ излезе со писмено соопштение во кое посочува дека судскиот процес отворил дилеми за мотивите за овој, како што велат, тежок случај. Тие го повикаа МВР, каде што имаат свој претставник, односно заменик министер е Агим Нухиу, заедно со судските власти, каде што министер за правда е Билен Саљији од ДУИ, да вклучат странски експерти во истрагата.

„Граѓаните имаат право да ја дознаат целата вистина. Затоа, ги повикуваме МВР и судските власти да вклучат меѓународна истрага за случајот и да воспостават комуникација и со властите во Косово и Албанија за размена на информации за целосно расветлување на случајот“, стои во реакцијата на ДУИ.

Во завршните зборови адвокатот Насер Рауфи, кој е дел од одбраната на дел од осудените бараше од Судот да се обезбеди како доказ во постапката телефонски разговори меѓу убиениот Мирсад Ндрецај, алијас командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Алијансата за Албанците која е дел од владината коалиција го повикува меѓународниот фактор да се вклучи во расветлување на, како што велат, овој „монтиран политички случај“.

„Сметаме дека судењето е политичко и оти е продолжение на монтираниот политички случај токму од времето на режимот ВМРО-ДУИ и како таков тоа е судење по теркот на менталитетот на тој режим и на политичките актери од довчерашната власт“, се вели во реакцијата на ова партија.

Политичките партии за да ја смират јавноста се повикуваат на нешто до кое доколку дојде ќе покажат дека нивните кадри на раководните функции не си ја завршиле добро својата работа во правниот систем, велат правните аналитичари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG