Достапни линкови

За Пенс иднината на Западен Балкан е со ЕУ и НАТО


Американскиот потпретседател Мајк Пенс за време на посетата на Подгорица каде учествуваше на самитот на Јадранската повелба изјави дека местото на Западен Балкан му е со Западот. Тој ја обвини Русија за обид за дестабилизација на регионот. Премиерот Заев изјави дека Македонија ќе биде следната членка на НАТО.

Идината на Западен Балкан е на Запад, порача денеска американскиот потпретседател Мајк Пенс кој учествуваше на самитот на Јадранската повелба во Подгорица. Пенс на заедничка прес-конференција со црногорскиот премиер Душко Марковиќ изјави дека неговата посета на Црна Гора ја потврдува поддршката на САД на регионот. Тој порача дека влезот на Црна Гора во НАТО е историски успех и ја покажува силата на земјата. НАТО, како што истакна, се состои од големи и мали држави, но САД, според него, немаат мали сојузници и тие го ценат новото сојузништво во Алијансата.

„Јас искрено верувам дека иднината на Западниот Балкан е на запад. "Со нетрпение очекуваме да ја потврдиме заложбата на САД во изградбата на односите кои ќе ги зајакнат врските меѓу Европската заедница, Западен Балкан и Соединетите Американски Држави", изјави Пенс.

Toj нагласи и дека САД ќе продолжат да бараат одговорност од Русија за нејзините одлуки.

"Русија продолжува да бара начини со сила да ги прецрта меѓународните граници, а тука во Западен Балкан, Русија работи на дестабилизација на регионот и ја поткопува демократијата и прави поделби меѓу вас и меѓу остатокот од Европа, рече Пенс.

Според него, САД го отфрлаат секој обид за користење на сила, закани и запалашување во регионот и надвор од него, а Западен Балкан има право да донесе одлука за сопствената иднина.

Македонија претседава со Јадранската повелба, а премиерот Зоран Заев заедно со неговиот црногорски колега е домаќин на самитот. Тој изјави дека Македонија ја интензивирала соработката со регионот и очекува земјата да стане наредната членка на НАТО.

„Очекуваме Македонија да стане 30-та членка на НАТО. Енергично работиме за соработка во регионот, се отвораме кон соседите. Вчера го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија, а ја интензивираме соработката и со другите земји во регионот“, рече Заев.

Тој најави дека Македонија во иднина поактивно ќе се вклучи во мисиите во НАТО и ќе го зголеми буџетот за одбраната. Според него, тоа што денеска со нив на самитот е потпретседателот на САД покажува дека Македонија и земјите од Западен Балкан имаат верен партнер. Заев порача и дека е свесен оти регионот е стратешки дел за глобалната безбедност.

Заев оствари средба и со Пенс и со Марковиќ. Владината прес- служба информираше дека Марковиќ на средбата порачал дека успехот на новата Влада за напредок на Македонија е мотивација за регионот.

„Капацитетите на Владата да ги сработи потребните реформи се видливи. Се надеваме дека и Република Македонија ќе стане членка на НАТО," истакнал Марковиќ.

На собирот учествуваат и премиерите на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Албанија Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ, премиерката на Србија Ана Брнабиќ и претседателот на Косово Хашим Тачи. Јадранската повелба е формирана во 2003 година под покровителство на САД со цел да ги координира активностите на поддршка на земјите аспирантки за членство во НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG