Достапни линкови

Отворени прашања пред пресудата за Диво Насеље


Организирана терористичка акција или политичка местенка, е прашањето што го наметна судскиот процес за обвинетите за крвавите кумановски индиценти во Диво Насеље на 9 мај 2015 година. Неодамна и министерот Спасовски вети меѓународна истрага без разлика на судската пресуда. Многу прашања во овој процес и натаму останаа неодговорени.

Мирис на барут и звук на детонации ги уплаши и разбуди кумановци на 9 мај 2015 година, кога група вооружени напаѓачи се пресметаа со специјалци во населбата Диво Насеље. Во 28 часовната пресметка загинаа осум полицајци, 42 беа ранети, а убиени беа и 14 напаѓачи. Многумина во судирите препознаа обид да се разгорат етничките страсти и да се предизвика меѓуетнички конфликт, сепак жителите на овој град уште истиот ден неколку часа по почетокот на престрелката излегоа со изјави за соживот.

РСЕ тој ден, пред две години, беше на терен и разговараше со луѓето кои живеат во близина на куќите од каде што се слушаа пукотниците. Утрото околу пет часот ги разбудиле истрели од автоматско оружје и хеликоптери.

„До сега пукаа од сите страни, нема излегување нема ништо, ни рекоа да ги затвориме капиите.“

„Се пукаше, имаше јаки детонации од пет саат утрово, накратко престанаа и пак почнаа, ние пиевме кафе од сабајле, јас сум Албанец, а овие комшии се Македонци.“

„Се знае монтажа, Мијалкова монатажа е ова, Никола Груевски сака да прави монтажа за Албанците, ама не бива ова вака“, рекоа тогаш дел од запрашаните кумановци.

Неколку полицајци загинале уште во првиот час од престрелката, но информациите за нивната смрт беа објавени дури вечерта. Населението беше евакуирано во текот на попладневните часови, сликата од градот наликуваше на оние од воените зони, над населбата се дигаше црн чад, се забележуваат хеликоптери, а тишината ја прекинуваше зуење од беспилотно летало и повремени рафални истрели.

По жестоката 28 часовна борба на полицијата и се предадоа 29 лица кои беа обвинети за тероризам.

Крвавиот инцидент настана неколку месеци по првото објавување на опозициските таканаречени бомби. Само два дена по инцидентите, доцна во ноќта оставки си дадоа и поранешниот директот на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанкиески. Причините за таквиот потег детално не и ги образложија на јавноста, својата оставка ја поврзаа со опозициските бомби, но во јавноста се отвори сомнеж за нивна инволвираност во немилите настани.

Речиси една година подоцна во судницата на обвинителната клупа им се приклучија уште 8-мина кои беа обвинети за логистичка поддршка во, како што го дефинираше ова дело обвинителството, терористичката акција. Новата владата најави и дополнителна меѓународна истрага. Тоа го изјави пред еден месец министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по информацијата дека судските рочишта завршија и се чека пресуда, посочувајќи дека така ќе се дознае вистината за настаните на 9 и 10 мај во кумановското Диво Насеље.

„Тоа мора да биде на еден транспарентен начин, да се расчистат сите можни дилеми“, изјави Спасовски.

Обвинителство бара доживотен затвор

Обвинителството бара доживотен затвор за обвинетите, ги товари за тероризам и терористичка организација. Во обвинителниот акт на 40 страници се тврди дека група вооружени напаѓачи влегле во Македонија со голема количина оружје, за која дел се тврди дека е украдена од каралулата во Гошинце, со цел загрозување на безбедноста и предизвикување на општа опасност. Според обвинението, вооружената група рано наутро прва ја нападнала полицијата која на таа територија требала да изврши претрес за украденото оружје од Гошинце.

Според завршните зборови на обвинителот Наум Паноски, постои телефонски разговор, според кој обвинетиот командант Малишева зборува со непознато лице од затвор за подготовките за нападот. Обвинителите посочија дека преку телефонската комуникација оделе комплетно подготовките, групирањата, а се разменувале информации и за движењето на полицијата. Се договарале да пречекаатт и нова терористичка група.

Обвинетите не признаваат терориризам, обвинуваат за политичка местенка

На почетокот на судскиот процес дел од обвинетите признаа учество во престрелката. Еден од нив познат како командант Соколи и делумно призна вина, но набрзо се пишмани објаснувајќи дека не го признава делото што му се става на товар, односно дека не признаваат оти тоа што го сториле е тероризам.

При нивните воведни зборови, дел од обвинетите тврдеа дека биле искористени за нечии политички цели.

„Се сеќавам на зборовите на Мирсад Ндрецај дека ние ќе бидеме фигури и ако дојде полицијата нема да ги нападнеме, туку само ќе пукаме во воздух и сега ние знаме дека бевме искористени за нечии политички цели.“

Вака еден од обвинетите, Насуф Бекири, пред Судот раскажуваше зошто на 9 и 10 мај се криеле во кумановското Диво Насеље. Тој тврдеше дека дел од организаторите на групата и се предале живи на полицијата, но дека подоцна дознале дека се убиени.

„Бег Ризај, Мирсат Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти биле живи и се предале на полицијата, а биле егзекутирани во полициската станица кадешто се предале. Тоа беше воведниот говор на мојот клиент. Па сигурно, тој тоа го тврди, бидејќи тој се предал со таа група“, ја пренесе изјавата на Бекири, адвокатот Мефаљи Аслами.

Обвинителство ваквите тврдења ги демантираше.

Дел од нив тврдеа дека никогаш не биле во Гошинце и во Куманово, но дел признаа дека биле припадници на групата тврдејќи дека не ја нападнале полицијата, односно дека нивната улога била само за заплашување.

На рочиштето последнообвинетиот полицаецот Арсим Бајрами изјави дека во оваа „игра“ биле вмешани и припадници на државната безбедност и дека се надева оти одбраната во текот на постапката ќе може со име и презиме да ги докаже учесниците. Тој посочи дека тие што ја создадоа оваа игра сакале со него, народски кажано, да биде поставена завеса за вмешаноста на припадници на МВР.

Во судница обвинетите и нивната одбрана на неколку рочишта бараа од судот како сведоци да бидат повикани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, лидерот на ДУИ Али Ахмети и шефот на неговиот кабинет Артан Груби. Тие тврдеа дека за да се дознае вистината за инцидентите неопходно е да се појават во судница раководните полициски и политички функционери.

Судијката Верка Петковска ги одби нивните барања. По ова тие ги бојкотираа неколку рочишта и бараа да бидат отстранети од судница со образложение дека не го признаваат судот.

Адвокатот Насер Рауфи посочи дека во овој судски процес изоставени се клучни докази, а тоа се разговори со високи политички и полициски структури, за кои самите обвинети признале дека постојат. Во завршниот збор тој побара да се обезбеди телефонски разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај, алијас командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Постои телефонски разговор меѓу Мирсад Ндрецај и Али Ахмети, а за тоа знае и обвинетиот Анди Красниќи, кој бил во близина кога Ндрецај зборувал со Ахмети. И другите обвинети кажаа дека имаат направено повеќе разговори од оние што се објавени во обвинението како дел од ПИ мерките“, рече во судницата Рауфи.

Адвокатот Љупчо Веселиновски вели дека е нелогично тврдењето во обвинителниот акт дека групата нелегално била внесена на 02 мај 2015 година во земјава кога во тој период во Куманово има зголемено полициско обезбедување поради конгресот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

На обвинителна клупа седнаа неколку невработени, воени ветерани, еден новинар, еден психолог, неколку правници, багерист и еден полицаец. Дел од нив се со завршено средно, а дел со високо образование како и вработени во приватни компании.

Судските рочишта се одржуваа под силно полициски обезбедување. Речиси половина од судскиот процес за настаните во Диво Насеље се одвиваше зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена од рочиштата на кои се сослушуваа заштитени сведоци, меѓу кои и припадници на полициските сили.

Политички пресметки за Диво Насеље

Во меѓувреме додека траеше целиот судски процес, предметот за крвавите инциденти во кумановското Диво Насеље политичките партии го користеа за политички препукувања.

Опозицијата обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје. Владата ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Меѓународните претставници во повеќе наврати бараа од владата независна истрага - барање што беше постојано одбивано.

ВМРО-ДПМНЕ во едно од соопштенијата посочува дека загинатите полицајци се херои, додека лидерот на СДСМ Зоран Заев и партискиот секретар Оливер Спасовски „засекогаш ќе останат на другата страна, меѓу оние кои му свртеле грб на својот народ“.

СДСМ, пак, од друга страна, наведува дека новата влада предводена од нив ќе се посвети на целосно расветлување на случајот и неговата позадина.

Во јавноста се уште останаа да висат неодговорени прашањата: Што се криеше зад насилството во Куманово на 9 и 10 мај, организиран тероризам, криминал или политичка местенка? Оружените пресметки во Диво Насеље ја доведоа политичката криза во земјава до точка на вриење.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG