Достапни линкови

Диво Насеље - Обвинетите тврдат дека биле дел од политичка игра


Водачите на групата обвинета за „Диво Насеље“ биле убиени откако се предале на плицијата, тврди еден од обвинетите. Друг пак вели дека биле искористени за нечии политички цели и дека во Куманово не дошле да војуваат.

Четворица членови на организираната група по случувањата на 9 и 10 мај во кумановско Диво Насеље беа убиени откако и се предадоа на полицијата и откако беа однесени во полициската станица, изјави Руфки Догани , пред Судот, на денешното продолжение на судскиот процес. Тој е еден од 29 -те обвинети за тероризам и терористичко организирање.

Бег Ризај, Мирсат Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти биле живи и се предале на полицијата, а биле егзекутирани во полициската станица кадешто се предале. Тоа беше воведниот говор на мојот клиент. Па сигурно, тој тоа го тврди, бидејќи тој се предал со таа група.
Мефаљи Аслами, адвокат.

Адвокатот на одбраната Мефаљи Аслами вели дека за прв пат денеска ги слушна изнесените детали.

„Бег Ризај, Мирсат Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти биле живи и се предале на полицијата, а биле егзекутирани во полициската станица кадешто се предале. Тоа беше воведниот говор на мојот клиент. Па сигурно, тој тоа го тврди, бидејќи тој се предал со таа група.“

Обвинетиот Насуф Бекири пред Судот изјави дека тие во Куманово не дошле за да војуваат .

„Се сеќавам на зборовите на Ндрецај дека ние ќе бидеме фигури и ако дојде полицијата нема да ги нападнеме, туку само ќе пукаме во воздух и сега ние знаме дека бевме искористени за нечии политички цели. Сметам дека бројката за обвинети во овој случај може да порасне на над 100 обвинети кои ќе бидат монтирани за политички интереси, но ние нема да признаеме вина, рече пред Судот Бекири.

На рочиштето последнообвинетиот полицаецот Арсим Бајрами изјави дека во оваа „игра“ биле вмешани и припадници на државната безбедност и дека се надева оти одбраната во текот на постапката ќе може со име и презиме да ги докаже учесниците. Тој посочи дека тие што ја создадоа оваа игра сакале со него, народски кажано, да биде поставена завеса за вмешаноста на припадници на МВР.

Неговиот адвокат ја негираше поврзаноста на обвинетиот полицаец со логистиката на групата обвинети, тврдејќи дека на 9 мај, Бајрами не е полицаецот којшто пукал во своите колеги и дека уредно се пријавил на работа, а за награда добил девет месечен притвор и обвинение за тероризам.

Адвокатот Љупчо Веселиновски вели дека е нелогично тврдењето во обвинителниот акт дека групата нелегално била внесена на 02 мај 2015 година во земјава кога во тој период во Куманово има зголемено полициско обезбедување поради конгресот на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ.

„Со три возила неколку НН лица ги превезле обвинетите од село Отља до Дива Населба. Како е тоа можно? Кога во тој период се одржува конгрес на една политичка партија, а Куманово е по силно полициско обезбедување. Како е можно на тој начин овие лица да дојдат на улицата Перо Милошевски, односно на местото на настанот кадешто наредниот ден се одвиваат воените дејствија. Тоа мислам дека е многу нелогична работа и мислам дека во текот на постапката ќе утврдите што се случувало“, вели адвокатот Љупчо Веселиновски.

Адвокатот Аслами вели дека правната квалификација „тероризам“ не може да опстои како што е наведена во обвинителниот акт, затоа што, според нив, станува збор за друго кривично дело.

„За оваа квалификација, како што гледам дека Обвинителството по секоја цена застанува зад терминот тероризам и затоа како одбрана во воведен говор токму во оваа насока го оспоривме обвинителниот акт.“

Одбраната случувањата во Гошинце иронично ги опиша како хуман тероризам, затоа што во обвинението нема податоци ниту за употребена сила, ниту за употреба на оружје, а полицајците кои биле затечени таму биле ослободени, па со тоа нема основа овој чин да се нарекува терористички акт.

На денешното рочиште воведни говори од одбраната дадоа адвокатите на 11- мина обвинети. Следното рочиште на кое ќе се сослушуваат и првите сведоци е закажано за 23 февруари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG