Достапни линкови

Апелациониот суд во Солун ќе одлучува за екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски


Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски денеска ќе бидат изведени пред Судот во Солун, поради поседувањето лажни пасоши со кои престојувале во Грција, наведува АНА-МПА. Македонија, пак, распиша потерница по нив поради учество во аферата со прислушувањето.

На нивното прво појавување пред грчкиот јавен обвинител во Солун, тие ги отфрлиле обвинувањата од македонските власти, оценувајќи ги како политички мотивирани. Притоа, побарале да не бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи стравувале дека нивниот живот ќе биде доведен во опасност.

Апелациониот суд во Солун следните денови ќе одлучи дали Грујевски и Бошкоски ќе бидат депортирани во Македонија.

Двајцата завчера беа уапсени на аеродромот во Солун при обид да излезат од Грција со лажни бугарски пасоши.

Двајцата се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување на граѓани и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.

XS
SM
MD
LG